3 љубовни романи од Александра Потер кои се читаат во еден здив
Британската писателка Александра Потер (52) со години ја воодушевува публиката од целиот свет со своите љубовни книги и приказните за девојките кои се во потрага по љубов и авантура... Дали досега сте прочитале некоја нејзина книга?
Писателката Александра Потер е родена во Англија во 1970 година. Дипломирала на отсек Англиска литература и Филмски студии на универзитетот во Ливерпул.
Творештвото на оваа авторка изобилува со ведрина и ситни секојдневни ситуации кои ги испреплетуваат животите на сите ликови.
Главните ликови во книгите на Александра Потер се најчесто девојки кои се во потрага по животни авантури и вистинска љубов.
Тоа се всушност луѓе кои се справуваат со секојдневните предизвици, понекогаш дури и на комичен начин.
А токму тоа ги прави љубовните романи на Потер лесни за читање, но и омилени меѓу публиката од целиот свет...
Во продолжение ви препорачуваме 3 љубовни книги од Александра Потер...
„Повикај го Ромео“
Што е најлошото нешто што може да ви се случи на Денот на вљубените? Да ве откачи долгогодишниот дечко? Да мора вечерта да ја поминете сами?
Идиот во спортски автомобил да ве испрска со вода од вирче?
Кога сето ова ќе ѝ се случи, Џулиет ќе помисли дека нејзиниот љубовен живот не може да биде полош. Но, работите наскоро ќе станат многу покомплицирани…
Ќе се покаже дека зад воланот на спортскиот автомобил бил нејзиниот соперник од работа, Сајкс.
Џулиет знае дека не би требала да му се доближува, ама тоа не е лесно.
Згоден, секси и потполно гламурозен, Сајкс е решен да ја шармира и да ја преземе од нејзиниот дечко Вил.
„Не си тој што го посакувам“
Интересна приказна која раскажува за потрагата по совршениот партнер.
Но што ако кога ќе се појави, всушност тој не е она што сте го замислувале?
„Не си тој што го посакувам“ е духовита и волшебна комедија во која ќе дознаете што се случува кога сонот на секоја девојка – да го запознае човекот на својот живот – станува реалност…
„Љубовниот детектив“
Руби Милер ја губи својата вера во љубовта. Во обид да ја заборави измамата на нејзиниот партнер, таа тргнува со нејзината сестра на одмор и тука започнува една извонредна авантура – украдени куфери, сестра во бегство и згоден странец, Американец, којшто ја намами Руби на волшебна мистериозна турнеја низ Индија.
Шетајќи низ тврдините и посетувајќи гатачи и свадби, таа открива фасцинантни приказни за љубовта според системот „изгубено-пронајдено“.
Но, како што мистеријата се продлабочува, Руби открива интересни тајни кои го вртат наопаку нејзиниот живот.
А. Ј. | Црнобело