Маестралниот актер Мето Јовановски е симбол на моето детство – филмови со него кои вреди да се изгледаат
„Тетовирање“, „Опстанок“, „Среќна Нова 49-та“, „Трето полувреме“ – Кога ќе помислите на Мето Јовановски, кои негови улоги прво ви паѓаат на ум?
Неодамна, во Турција во рамки на престижниот Балкан панорама филм фестивал, нашиот актер Мето Јовановски беше почесен гостин, а ја доби и наградата „Златен чадор“ за неговиот придонес во филмската уметност.
Истовремено, турската публика за првпат имаше можност да го погледне култниот филм „Тетовирање“ на Столе Попов, улога по која Мето Јовановски ќе остане најзапаметен.
За оние што долго ја следат македонската филмска уметност, оваа награда е повеќе од заслужена, затоа што станува збор за актер што остварил огромен број филмски улоги, а играл во над 60 филмови.
Ако се погледне неговата imdb страница, станува јасно дека речиси и да нема поголем македонски или балкански (југословенски) филмски проект во кој тој не учeствувал: „Пред дождот“, „Среќна Нова 49-та“, „Тетовирање“, „Нечиста крв“...
Сепак, за мене Мето Јовановски ќе остане најзапаметен како осамениот селанец од ТВ серијата „Опстанок“.
Тоа е ТВ серијата што го одбележа моето детство, но и детството на голем број други луѓе што растеа во 90-тите и нетрпеливо очекуваа да видат како ќе се одвива приказната за четирите дечиња што ловејќи риба на сплав се изгубија и беа најдени од осамениот селанец.
Со „Опстанок“ научивме од најмали нозе дека непромислените детски одлуки може да имаат долготрајни последици, но и дека детската љубов може да го стопи и најсуровото и најогорченото човечко срце...
Како што растев, така се менуваа и филмовите што ги гледав, па така со Илко во „Тетовирање“ се запознав многу подоцна, во 20-тите години од мојот живот, откако бев доволно возрасна за да го сфатам значењето на култниот македонски филм.
Во „Трето полувреме“ Мето Јовановски можеби немаше преголема улога, но улогата на рабинот секогаш ќе ја помниме по култната реплика: „Што е тоа офсајд?“...
https://www.youtube.com/watch?v=ejF1-37J3-A&t
Мето Јовановски во своите 76 години оствари мошне плодна актерска кариера, како на филмското платно, така и на „штиците што живот значат“.
Неговите филмски улоги секогаш ќе останат симбол на моето детство, но и на детството на многумина други кои растевме во тоа време и нетрпеливо ги очекувавме филмовите и сериите во кои играше тој.
Да се присетиме во продолжение на некои од филмовите каде игра и тој:
Среќна Нова 49-та
Тетовирање
Нечиста крв
Опстанок
Трето полувреме
Ослободување на Скопје
Ругање со Христос
Деца на сонцето
Б. С. Б. | Црнобело