Започна снимањето на шестата сезона од веќе култната ТВ серија „Преспав“
Започна снимањето на новата сезона на ТВ серијата Преспав, која меѓу телевизиските серии доживеа најдолг век, најголем успех и собра „армија од фанови“.
Шестата сезона од популарната серија ќе има нови 20 епизоди реализирани во копродукција на ОХО и МРТВ, од каде најавуваат бројни изненадувања и многу хумор.
Последната епизода од петтата сезона заврши со пожар во пансионот, по што фановите беа разочарани мислејќи дека тоа е „крај на Преспав“.
Но од продукцијата велат дека серијалот е во зенитот, а авторскиот тим е подготвен повторно да ја насмее публиката, инспириран од турбулентната општествена реалност што се пресликува во случките во пансионот.
„Минатата година, во лавиринтите на пандемијата, совладувајќи голем предизвик, успешно ја снимивме петтата сезона, што ни даде особена мотивација да продолжиме понатаму.
Со тој ветер во грбот, оваа сезона ќе ја реализираме по најдобри сценарија досега, потпирајќи се на интернационалниот сценаристички тим, како и на секој поединец вклучен во продукцијата на Преспав.“ – вели продуцентот, Пеце Талески.
Преспав како ТВ продукт се развива во комуникациска платформа и достоен продукциски бренд за претставување на земјата во регионот.
Откако обезбеди емитување на бугарската телевизија БТВ, каде бележи огромен успех и гледаност, епизоди од серијата беа прикажани и во Србија во рамки на неколку фестивали за ТВ продукција, што го отвора патот за емитување и на српските телевизиски канали.
Сите новости поврзани со Преспав следете ги на каналите на социјалните мрежи и очекувајте телевизиска премиера кон средината на декември.