Ги гледав првите две епизоди од серијата „Сабја“ за атентатот врз Зоран Ѓинѓиќ – Зошто не можам да ги дочекам продолженијата?

Зошто Зоран Ѓинѓиќ бил убиен? Кој бил радикалниот чекор што тој го направил за да обезбеди доаѓање на власт и кој потоа го трасирал патот до неговата смрт? Како војната на криминалците на улиците придонела за неговиот атентат? Ова се само некои од прашањата на кои даваат одговор првите две епизоди од серијата „Сабја“.

gi-gledav-prvite-dve-epizodi-od-serijata-sabja-za-atentatot-vrz-zoran-gjingjikj-zoshto-ne-mozham-da-gi-dochekam-prodolzhenijata-01.jpg

Во сите српски медиуми топ тема е серијата „Сабја“ која е посветена на настаните што се случувале пред и по атентатот на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ.

Серијата годинава ја доби наградата за најдобар актерски тим во категоријата „мини серии“ на Канскиот филмски фестивал, а достапна е за гледање на каналот HBO Max.

И да бидам искрена како љубител на српските и воопшто на регионалните ТВ серии и филмови, не можев да ја пропуштам можноста да видам за што се работи и зошто за оваа серија се крена толку голема прашина, како во Србија така и во регионот?

Во периодот кога се случуваа тие настани бев средношколка и морам да признаам дека никогаш до крај не ми биле јасни.

gi-gledav-prvite-dve-epizodi-od-serijata-sabja-za-atentatot-vrz-zoran-gjingjikj-zoshto-ne-mozham-da-gi-dochekam-prodolzhenijata-50.jpg

Ние растевме и живеевме во еден пострауматичен период, по настаните од 90-тите години кои беа одбележани со војни, атентати и неизвесност, така што денес од оваа перспектива, сметам дека работите во голема мера ми се нејасни и ми се како низ магла. 

Откако ги изгледав првите две епизоди – се навлеков и со нетрпение очекувам да видам што ќе се случи понатаму.

gi-gledav-prvite-dve-epizodi-od-serijata-sabja-za-atentatot-vrz-zoran-gjingjikj-zoshto-ne-mozham-da-gi-dochekam-prodolzhenijata-03.jpg

Ќе се обидам накратко да ви раскажам за што се работи, без да ви го расипам уживањето и да ви раскажам што се случува во серијата.

Таман толку, колку да ве натерам да ѕирнете (и да се навлечете), а да не ви го раскажам сценариото.

Пред сè, морам да нагласам дека ова е одлична серија за сите оние што сакаат политички трилери, а напнатоста во серијата се чувствува од првиот миг, од првиот кадар, кој започнува во времето кога Ѓинѓиќ доаѓа на власт и склопува своевиден договор со предводникот на паравоените сили, Милорад Улемек Легија.

gi-gledav-prvite-dve-epizodi-od-serijata-sabja-za-atentatot-vrz-zoran-gjingjikj-zoshto-ne-mozham-da-gi-dochekam-prodolzhenijata-11.jpg

На самиот почеток, авторите на серијата нагласуваат дека не станува збор за историски точна серија, туку за еден вид уметничко толкување на настаните и на тоа што му претходело, но и што било причина за убиството на премиерот.

Не, ова не е биографски филм за Ѓинѓиќ, не очекувајте дека ќе бидете оптоварени со факти и детали за него и неговиот живот, туку повеќе е раскажување на едно време и на еден период на кој голем дел од нас биле сведоци и го помнат.

gi-gledav-prvite-dve-epizodi-od-serijata-sabja-za-atentatot-vrz-zoran-gjingjikj-zoshto-ne-mozham-da-gi-dochekam-prodolzhenijata-04.jpg

Од падот на Милошевиќ, поделбата на криминалните структури во белградското подземје, обидите за да се сочуваат остатоците од претходниот систем на управување во земјата, преку нивната навлезеност и структурираност во сите сегменти на општеството – серијата е одлично појаснување за тоа што се случувало во Србија (и на Балканот) на почетокот на 2000-тите и интерпретација на начинот на живот од тој период.

Приказната ја следиме од четири различни перспективи.

Од онаа на премиерот Ѓинѓиќ, кој во одредени мигови мора да донесе радикални одлуки за да успее да го реализира она што го ветил пред народот.

Од страна на полицаецот Борис, кој има улога да го заштити премиерот, а потоа и да ги изведе пред лицето на правдата сите инволвирани во атентатот.

gi-gledav-prvite-dve-epizodi-od-serijata-sabja-za-atentatot-vrz-zoran-gjingjikj-zoshto-ne-mozham-da-gi-dochekam-prodolzhenijata-09.JPG

Од перспектива на младата новинарка Даница која се обидува преку фактите што ѝ се достапни на јавноста да го најде одговорот за причините за атентатот.

И секако, можеби најважна е перспективата на младиот криминалец, Урош Ристиќ „Мали“, кој сосема случајно навлегува сè подлабоко во организацијата која стои зад планирањето и атентатот на премиерот, па на крај и самиот станува соучесник.

gi-gledav-prvite-dve-epizodi-od-serijata-sabja-za-atentatot-vrz-zoran-gjingjikj-zoshto-ne-mozham-da-gi-dochekam-prodolzhenijata-02.jpg

Интересно е тоа што последните 3 главни ликови, кои имаат за цел да ја раскажат приказната се измислени, но секој од нив е ставен во еден од трите света кои паралелно се поврзуваат: власта во земјата, криминалното подземје, и народот – преку новинарката која има за цел да го креираат јавното мислење, а понекогаш наместо вистина објавува и гласини и теории на заговори.

Но, сите други ликови, коишто се прикажани, постоеле и биле реални.

Во серијата можете да ги видите предводниците на тогашниот „Земунски“ клан, како и личностите кои биле осудени за убиството на Ѓинѓиќ… Блиските соработници и противници на премиерот.

gi-gledav-prvite-dve-epizodi-od-serijata-sabja-za-atentatot-vrz-zoran-gjingjikj-zoshto-ne-mozham-da-gi-dochekam-prodolzhenijata-10.jpg

Филмот комбинира уметнички видеоснимки и реални видеоснимки од денот на атентатот, од рациите и апсењата што следувале подоцна, така што во еден миг веќе не можете ниту самите да процените што е факт, а што е фикција во приказната…

A, како што наведуваат и самите креатори на серијата, целта не е да се соопшти вистината, туку да се даде една уметничка интерпретација на настаните, на општеството.

Сè на сè, станува збор за одлично остварување на кое вреди да му дадете шанса. Зошто?

gi-gledav-prvite-dve-epizodi-od-serijata-sabja-za-atentatot-vrz-zoran-gjingjikj-zoshto-ne-mozham-da-gi-dochekam-prodolzhenijata-06.jpg

Заради одличната глума на актерите, заради одличната костимографија и сценографија која ве враќа 20 години наназад, заради приказната која нема да ви даде мир и по првите две епизоди нема да можете да дочекате да излезат следните 6 за да видите како се спојуваат и како се завршува приказната на сите што се вклучени во неа.

Веќе по првите две епизоди авторите на серијата се обидуваат да дадат одговор на прашањата:

Зошто Ѓинѓиќ бил убиен? Кој радикален чекор го презел за да си обезбеди доаѓање на власт и да остане таму? Но, и зошто јавноста имала толку поделено мислење за него? Зошто едни верувале дека тој е иднината на земјата, а други го сметале за предавник…

Но, сфаќате дека работите не се толку црно-бели и дека постоеле голем број заткулисни игри за кои никој не бил свесен.

Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Тврдат дека татко им ги силувал како момчиња, па затоа го убиле – Кои се браќата Менендез за кои Нет...  „Ме тераше да го масирам и орално да го задоволувам“ – тврдеше Ерик Мененд...
Серијата „Сабја“ е посветена на атентатот врз Ѓинѓиќ од 2003-та година: „Не сакавме да го прикажеме ... „Не сакавме да зборуваме за некој спасител. Еден дел од Србија го идеализира Зор...
Холивудски актери кои изгубиле милиони бидејќи одбиле улоги Можете ли да го замислите Вил Смит како Нео од The Matrix? А, Мет Дејмон во глав...
30 години од серијата „Мојот т.н живот“, во чиј главен лик бевме сите вљубени - Како изгледаат денес... Во средината на 1990-тите не постоеше тинејџерка што не беше вљубена во лошото м...
Колку се променија ѕвездите од „Вовед во анатомија“ речиси 20 години по премиерата? Д-р Дерек Шепард е остарен и оседен, но уште го има заводничкиот шарм во себе, а...
10 серии со непредвидливи пресврти (поради кои ќе сакате да ги изгледате уште еднаш) Популарната Squid Game, но и Behind Her Eyes – серија чиј крај никогаш не би го ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg