Актери кои си ги загрозиле здравјето и животот со костимите во нивните филмови
Кејт Винслет речиси ќе загинела на снимањето на Titanic кога нејзиното палто се заглавило и ја заробило под вода. За среќа, присутните на сетот реагирале веднаш и ја спасиле.
Драстични промени на телото, интензивно вежбање, гладување, снимање опасни сцени… Холивудските актери неретко одат предалеку за нивните улоги.
А, некогаш си го жртвуваат и здравјето, па и си го загрозуваат животот со костимите што мора да ги носат.
Неколку актери кои направиле огромна жртва со нивните филмски костими:
Џенифер Лоренс во франшизата The X-Men
Во неколку продолженија од The X-Men, Џенифер Лоренс ја глуми згодната Мистик.
А, пред секое снимање, седела и по осум часа во шминкерско столче.
Целото тело на актерката е прекриено со сина боја, а таа има изјавено дека бојата всушност била токсична.
„Од бојата се соочив со неколку проблеми. Имав некои чудни плускавци и осипи на кожата…
Ги сакам овие филмови и сакам да работам со режисерот. Но бојата, токсините…
Додека ме шминкаа, си мислев ’не ни можам да го изговорам името на хемикалиите што ги вдишувам“.
Во следниот филм од франшизата, актерката сепак истапила за себе, па сцените во коишто е сина „од глава до пети“ се многу поретки.
Тоби Мегваер во трилогијата Spider-Man
Пред Том Холанд, Тоби Мегваер беше најпопуларниот Спајдермен.
Во една од најпопуларните филмски сцени – каде што Спајдермен ја бакнува Мери Џејн додека виси со главата надолу – маската на актерот се наполнила со вода која му влегла и во носот и не можел да дише.
Кејт Винслет во Titanic
Во Titanic нема некои опасни каскадерски сцени, но Кејт Винслет се нашла во опасна ситуација.
Додека снимале сцена каде бродот веќе тони, палтото што го носела актерката се заглавило и таа останала заробена под вода.
За среќа, присутните на сетот интервенирале веднаш и ја спасиле.
Маргарет Хамилтон во The Wizard of Oz
Маргарет Хамилтон ја глуми злобната вештерка во култниот филм и нејзиното лице и деловите од телото што ѝ се гледаат се прекриени со зелена боја.
Но, зелената боја се отстранувала само со алкохол, но не целосно, па додека да заврши снимањето, таа имала зелена нијанса на кожата.
Покрај тоа, поради својот состав, бојата била запалива и во снимањето на една сцена, таа речиси изгорела жива.
По несреќата, морала да помине неколку дена во болница поради сериозните изгореници на лицето и дланките.
Скарлет Јохансон во филмовите на Марвел
Скарлет Јохансон изгледа беспрекорно во костимот на Црната водвица, но не значи дека се чувствувала добро во него.
Додека снимала сцена со борење во The Avengers, на актерката ѝ станало толку топло, што доживеала топлотен удар, па дури и халуцинирала.
Џони Деп во Edwars Scissorhands
И Џони Деп имал сличен проблем со костимот во популарниот филм на Тим Бартон – додека снимал сцена, изгубил свест.
„Џони требаше да снима сцена каде што трча и одеднаш падна на земјата. Се прашувавме дали глуми или прави нешто друго…
Не се пожали, но подоцна сфативме дека изгубил свест од топлината од костимот“, има изјавено колешка од филмот.
Џим Кери во How the Grinch Stole Christmas
Актерот има изјавено дека костимот што го носи во текот на целиот филм е можеби најнеудобното нешто што го облекол.
На почетокот имал и панични напади додека го носел костимот, а успеал да ги надмине со тренер од американската војска.
Спирова С. | Црнобело