Го гледав документарецот за Селин Дион и ме расплака нејзината борба со синдромот на вкочанета личност - што ми остави впечаток?

Снимката од нападот на Селин е мачен за гледање - жената која секогаш оддавала впечаток на силна личност, е немоќна додека ја креваат, ја легнуваат на носилка и пробуваат да ѝ ја намалат болката. Ѝ ги гледате солзите, додека таа пробува да ги помрдне барем малку прстите за да знаат дека е свесна. И на крај вели: „Извинете, срам ми е што се случи ова“ - па не можете да не заплачете пред оваа сцена.

go-gledav-dokumentarecot-za-selin-dion-i-me-rasplaka-nejzinata-borba-so-sindromot-na-vkochaneta-lichnost-shto-mi-ostavi-vpechatok-01_copy.jpg

Главна тема во светските медиуми деновиве е документарниот филм I Аm Celine Dion за светската дива и дамата со раскошен глас, Селин Дион. Иако, гласот веќе го нема...

Откако вчера ги видов фотографиите и првите снимки за тоа како изгледаат страшните напади на Селин, поради кои не може да изусти ни збор, додека лежи згрчена и преплашена, поради синдромот на вкочанета личност од кој страда, штом стигнав дома си го пуштив документарецот (може да се најде на стриминг платформите) за да дознам нешто повеќе за нејзината долгогодишна борба.

Тоа што го видов во 100-те минути направи уште повеќе да ја сакам и почитувам пејачката која ми беше и претходно една од најомилените на сите времиња.

go-gledav-dokumentarecot-za-selin-dion-i-me-rasplaka-nejzinata-borba-so-sindromot-na-vkochaneta-lichnost-shto-mi-ostavi-vpechatok-06_copy.jpg

Селин е скромна, исплашена од она што ѝ се случува со години, а истовремено е силна, храбра и решена да издржи во својата борба за еден ден херојски да им се врати на музиката и на својата публика.

„Се надевам дека ќе можам да пеам целиот мој живот“, вели Селин во една од првите сцени од документарецот, снимка која е направена кога пејачката има не повеќе од 16-17 години и воодушевена излегува на сцената.

Селин пробува да го направи тоа до крајот на документарецот - да запее на цел глас, онака како што само таа знае.

И секојпат кога нема да успее да фати тон онака како што сака, Дион доживува ново разочарување.

Очите ѝ се насолзуваат, се крши, покажува колку е ранлива. И човечна.

go-gledav-dokumentarecot-za-selin-dion-i-me-rasplaka-nejzinata-borba-so-sindromot-na-vkochaneta-lichnost-shto-mi-ostavi-vpechatok-04.jpg

Признава дека не сака да ги споделува со јавноста ни малите моменти на радост кои ги има понекогаш со семејството бидејќи може да биде погрешно сфатена.

„Некој купил билет за мој концерт, дал многу пари за тоа да дојде да ме слушне како пеам, а јас не можам да излезам на сцената. И чувствувам грижа на совест што не сум на сцена, туку имам момент на среќа со децата дома“, раскажува пејачката.

go-gledav-dokumentarecot-za-selin-dion-i-me-rasplaka-nejzinata-borba-so-sindromot-na-vkochaneta-lichnost-shto-mi-ostavi-vpechatok-03.jpg

Гледајќи го филмот за Селин, сфаќате дека таа не глуми и дека нејзината болка е толку силна, што само сакате да ја прегрнете, да ја држите во раце и да ја утешите дека сè ќе биде во ред.

Се соживеав со нејзините солзи, со засрамениот поглед, кога по страшниот напад им се извини на сите околу себе за непријатноста што ТИЕ ја доживеале поради неа.

И во моментите кога ѝ е најтешко, Селин ги става другите пред себе и своето добро.

А нападот што е прикажан сигурно не е ни најлесниот ни најстрашниот што таа го доживеала.

Но е мачен за гледање - жената која отсекогаш оддавала впечаток на силна личност, сега е неподвижна и немоќна додека нејзиниот лекар и асистентите ја креваат, ја легнуваат на носилка и се обидуваат да го сопрат нападот, а неа да ѝ ја намалат болката.

go-gledav-dokumentarecot-za-selin-dion-i-me-rasplaka-nejzinata-borba-so-sindromot-na-vkochaneta-lichnost-shto-mi-ostavi-vpechatok-02_copy.jpg

Ѝ ги гледате солзите, обидот да ја отвори устата и со шепот да изусти дека „е океј“, да ги помрдне барем малку прстите за тие околу неа да знаат дека е свесна, дека ги слуша и дека пробува и самата да се избори со неподносливото чувство низ кое минува по којзнае кој пат.

„Извинете, срам ми е. Не знам како да реагирам по нападот. Извинете што моравте да поминете низ ова“, вели додека гласот ѝ трепери.

go-gledav-dokumentarecot-za-selin-dion-i-me-rasplaka-nejzinata-borba-so-sindromot-na-vkochaneta-lichnost-shto-mi-ostavi-vpechatok-055.jpg

И покрај сцените кои се тешки за гледање, поради кои и јас малку си поплакав, тука е и другата страна на Селин, онаа ведрата.

Таа е снимана во својот дом и прикажана е како насмеана и весела жена која игра бејзбол со синовите, која раскажува за нејзината љубов кон сопругот Рене, за мајка ѝ од која ги добила најважните животни лекции, за браќата и сестрите и за тоа како е да се живее во семејство со 14 деца кога биле сиромашни и немале доволно ни за храна.

Додека раскажува за својата љубов кон чевлите (поради што носела и 2 броја поголеми и 2 броја помали чевли оти немало нејзин број, а таа морала да ги купи), Селин покажува дека е и жена со исклучителна смисла за хумор. Па не можете да не ја сакате.

go-gledav-02.jpg

Јас ќе завршам тука, во обид да не кажам уште некој спојлер и да ви го расипам доживувањето и сите емоции што ќе ве преплават.

Но, со сигурност ќе кажам дека дури и да не ги сакате песните на Селин, откако ќе го изгледате документарецот, сигурна сум дека барем ќе ја почитувате поради сè што ќе видите.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

10-те најгледани филмови на Нетфликс за 2024-та досега Новиот научнофантастичен филм на Џеј Ло, како и морничавиот шпански филм снимен ...
10 мрачни трилери кои нема да ви дадат мир до самиот крај Drive со Рајан Гослинг и Prisoners со Хју Џекмен и Џејк Џиленхол се одлични и на...
10 филмови со силни и инспиративни жени во главните улоги Бремена тинејџерка која носи тешка одлука за најдоброто на нероденото дете, сред...
Актери кои си ги загрозиле здравјето и животот со костимите во нивните филмови Кејт Винслет речиси ќе загинела на снимањето на Titanic кога нејзиното палто се ...
10 авантуристички филмови кои ќе ве „прошетаат“ низ светот Вистински приказни, но и необични, забавни авантури кои завршуваат со духовно бу...
10 божиќни филмови на Нетфликс кои ќе ве подготват за празничната сезона Новиот филм на Линдзи Лохан или, пак, добро познатиот Love Actually - што ќе гле...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg