Позитива на денот: По трите лавчиња, во Скопје ЗОО се родија лемур и лама (фото)
- Детали
- сабота, 02 април 2022
Покрај трите лавчиња, скопската Зоолошка градина има уште две нови бебиња – лемур и лама.
Неполн месец откако соопштија дека се родиле три лавчиња, од скопската Зоолошка градина споделија прекрасни новости – се родиле и лемур и лама. Според објавата, реткост е во зоолошка градина да се роди лемур.
Среќните вести беа споделени на официјалниот Фејсбук профил на Скопје ЗОО.
„Уште едно бебе подмладок во Скопје ЗОО, имаме радост и кај ламите“, гласи едната објава.
„Принова и кај лемурите. Прстеноопашестите лемури од Мадагаскар се загрозен вид и ретко се множат во зоолошките градини, но во Скопје имаме благослов секоја година да ни се раѓаат по неколку лемурчиња. Да ни е живо и здраво бебето“, пишува во втората објава.
Од Зоолошката градина исто така споделија и нови фотки од малите лавчиња.
„По речиси еден месец од раѓањето, малите бебиња супер напредуваат. Мама Бела, но и тимот кој се грижи за нив, постојано се посветени на лавчињата“.
Прочитајте повеќе: Во Скопје ЗОО се родија лавчиња за првпат по повеќе од 20 години – позитива на денот!
Спирова С. | Црнобело
Фото: Скопје ЗОО, Горан Анастасовски