Во Скопје ЗОО се родија лавчиња за првпат по повеќе од 20 години – позитива на денот!
- Детали
- недела, 20 март 2022
Една од најубавите вести која ни го направи денот – во скопската Зоолошка градина се родија три бебиња лавчиња, за првпат по повеќе од 20 години.
фото: Горан Анастасовски
Од Зоолошката градина во Скопје пристигнаа среќни вести кои дефинтивно ни се потребни во овие мрачни времиња.
По повеќе од 20 години, за првпат се родени лавчиња, а посетителите ќе може да ги видат кога ќе бидат доволно возрасни и самостојни.
Официјалната објава од Скопје ЗОО гласи:
На Светскиот ден на среќата, со вас споделуваме една најсреќна вест- Во Скопје ЗОО после повеќе од 20 години се родија лавчиња ?
Голема радост на сите вработени ни донесе мама Бела пред неколку дена кога на свет дојдоа три бебиња лавчиња.
Мајката Бела која во Скопје дојде од Германија е постојано со нив и деноноќно се грижи за лавчињата. Таткото Чака пак потекнува од Франција, а жител на Скопје ЗОО е од 2020 година.
Сите вработени се сложни дека ова е една од најубавите работи кои се случиле во Зоолошка градина Скопје и постојано внимаваме мајката и малите да се безбедни и да ги имаат сите услови во внатрешното живеалиште каде што моментално се под постојан надзор.
Посетителите ќе имаат можност да ги видат кога ќе бидат доволно возрасни да можат самостојно да се движат низ надворешното живеалиште, а кога ќе го дознаеме и полот на трите лавчиња ќе може да учествуваат во давање на имиња на овие преубави бебиња.
М. М. | Црнобело / фото: Горан Анастасовски