Сатја Грабулоски меѓу 50 највлијателни луѓе на Балканот: Македонскиот дизајнер во друштво на Новак Ѓоковиќ, Никола Јокиќ и Драган Бјелогрлиќ
- Детали
- четврток, 01 февруари 2024
Македонскиот дизајнер на патики, Сатја Грабулоски, е меѓу 50 највлијателни луѓе на Балканот, според листата што ја направи Bloomberg Adria.
На листата за 2023-та, која е поделена во категориите: бизнис, финансии, наука и технологија, спорт, забава, политика и посебни достигнувања, се најдоа истакнати личности од регионот. Меѓу нив се и најдобриот светски тенисер Новаќ Ѓоковиќ, НБА ѕвездите Никола Јокиќ и Лука Дончиќ, актерот и продуцент Драган Бјелогрлиќ и други.
Грабулоски, кој е основач на SWithADot, компанија која изработува custom made патики за светските ѕвезди, е меѓу балканската елита во категоријата бизнис.
„Ми претставува вистинска чест да бидам вклучен во 50. највлијателни личности според Bloomberg Adria за 2023-та, година полна со предизвици и генерално, уште една година во која на светот и не му беше дојдено до уметност... Искрено се надевам дека ова признание ќе успеам да го оправдам и во годината која штотуку започна, и дека како компанија ќе им дадеме уште поголема шанса на младите македонски уметници, преку нашето студио, да го освојат светот“, вели Грабулоски.
Македонскиот уметник и SWithADot изминатиот период беа актуелни во светски рамки со копачките за англискиот фудбалски репрезентативец и играч на Liverpool, Трент Александер Арнолд. Следен голем предизвик е изложбата во најновата галерија за модерна уметност DeFi во Далас, САД, чиешто отворање е закажано за почетокот на март.