Македонскиот актер Жарко Димоски гради кариера во Белград: „Дел сум од театарот Одеон“
- Детали
- вторник, 24 септември 2024
„Македонските актери се многу ценети во Србија, уште од времето на Југославија, па сѐ до денес. Што се однесува лично до мене, ме пречекаа со широко отворени раце“, вели актерот Жарко Димоски и ни открива каков тип на театар отворил Жељко Митровиќ.
Фото: Јелена Симонович
Актерот Жарко Димоски со својата сопруга Андреа и синот Вито веќе извесен период живее во Белград, каде гради успешна актерска кариера.
За CRNOBELO.com Жарко вели дека нашите актери се навистина ценети во Србија.
Тој е дел од новоотворениот мултимедијален театар на српскиот медиумски могул Жељко Митровиќ.
Жарко беше присутен и на забавата со над 2.000 гости со која Жељко ја прослави 30-тата годишнина од основањето на телевизијата „Пинк“.
За новиот театар „Одеон“, како и за тоа како е да се гради актерска кариера во Србија, Жарко за CRNOBELO.com вели:
„На 13-ти септември во Белград се случи историја, се отвори нов мултимедијален театар „Одеон“, кој пред сѐ е за мјузикли, а времето ќе покаже во што ќе еволуира.
Кога велам мултимедијален, мислам на театар кој нуди уникатна можност да доживеете различни искуства во еден производ, односно, кога ќе го посетите, нема да сте сигурни дали гледате претстава, филм, концерт или магично шоу.
Претставата со која истиот се отвори, е насловена „ЛУ“, љубовна приказна за прогонетиот ангел Луцифер, кој се заљубува во жена по име Вера. Останатото ќе го откриете кога ќе погледнете.
Претставата е во режија на Жељко Митровиќ и Марко Јовичиќ, работена по текст на Жељко Митровиќ, по мотиви од библијата, а сето тоа закитено со хитовите на Оливер Мандиќ.
Топло ги поканувам сите, да дојдат да ја погледнат претставата и да ги исполниме со многу импресии.
Следно што ќе се најде на репертоарот во театар „Одеон“ е мјузиклот „Погледај дом свој анџеле“, работен по мотиви на музиката на „Рибља Чорба“.
Пазарот во Белград е дефинитивно најголем во моментов во регионот, тоа подразбира голема конкуренција и уште поголеми можности.
Да се биде амбасадор на сопствената земја надвор од нејзините граници, претставува огромно задоволство и се надевам дека во иднина ќе ја претставувам и во светски размери.
Моето лично искуство говори дека македонските актери се многу ценети во Србија, уште од времето на поранешната република, па сѐ до денес.
Што се однесува лично до мене, ме пречекаа со широко отворени раце, поканата што ја добив за соработка секако не беше случајна, бидејќи како што сум говорел порано, ќе кажам и сега, трудот се исплаќа, а искуството е најдобар учител.
Секако, сето ова не би можел да го постигнам доколку не ја добивам безрезервната поддршка од мојата сопруга,која секогаш ми е најголем ветер во грб и ѝ благодарам на тоа“.