Македонија со моќна балада на Јуниор Евровизија 2023 – објавен спотот за песната на Тамара Грујевска (видео)
- Детали
- вторник, 17 октомври 2023
Гостиварчанката Тамара Грујовска, која ќе ја претставува Македонија на Јуниор Евровизија 2023, ја промовираше „Кажи ми, кажи кој“, песната со која ќе настапи во Франција.
Еден месец пред одржувањето на Јуниор Евровизија 2023 (26 ноември), Македонија ја промовираше баладата со која ќе се претстави во годинешното музичко шоу, „Кажи ми, кажи кој“, во изведба на Тамара Грујовска.
Тамара, која е од Гостивар, беше избрана за македонски претставник на аудиција во мај 2023.
Песната за неа ја компонираа Дарко Димитров и Роберт Билбилов, а текстот го напишаа Роберт Билбилов и Коста Петров – дел од екипата која во 2019 година работеше на евровизиската песна Proud на Тамара Тодевска.
Освен песната, беше промовиран и спотот, кој го режираше Огнен Шапковски.
Видеото беше објавено на официјалниот Јутјуб канал на Јуниор Евровизија и досега има околу 28.000 прегледи.
Реакциите на фановите се одлични, со пофалби за пеењето и гласот на Тамара. Некои велат и дека „Македонија е конечно подготвена за победа“.
„Едвај чекам да слушнам како Тамара ќе ја испее песната во живо. Македонија заслужува висок пласман“, пишува во коментарите кои евровизиските фанови ги оставија на Јутјуб каналот ESCSilver.
Јуниор Евровизија годинава ќе се одржи во Ница, Франција, на 29 ноември, откако лани победи Лисандро со песната Oh maman!.
Погледнете го видеото:
А. Ј. | Црнобело / фото: Јутјуб