„Имам гардеробер од 250m² и вработена што мора да ја знае цела колекција“ – Јелена Карлеуша го покажа домот во кој се вселија со Душко пред да се разведат
- Детали
- петок, 08 јули 2022
„Мојот гардаробер има 250 метри квадрати, имам жена што работи задолжена за гардероберот и која треба да знае сѐ за мојата колекција“ - пред 4 години Јелена Карлеуша и Душко Тошиќ ја купија вилата на Дедиње која ја реновираа до неодамна, а само што се вселија најавија дека се разведуваат.
Јелена Карлеуша (43) пред неколку денови објави дека по 14 години брак се разведува од нејзиниот сопруг Душко Тошиќ (37).
Балканската поп-фолк дива само неколку денови подоцна даде ексклузивно интервју за магазинот Hello.rs каде воглавно говореше за нејзиниот дом на Дедиње, а накратко прокоментира и за разводот и бракот со познатиот српски фудбалер.
Јелена и Душко домот на Дедиње го купија пред 4 години, а до неодамна куќата беше во фаза на реновирање за да се уреди според нивните потреби.
„Оваа куќа и градина во медитерански стил потсетуваат на нешто што сум го барала целиот сопствен живот, а тоа се совршена енергија и апсолутен мир.
Погледот на Кошутњак е нереален и лековит. Звуците на градот не се слушаат, а имате впечаток дека сте на море затоа што го чувствувате и мирисот на смолата што допира од старите борови.
Најубавиот дел на куќата е огромната тераса која гледа на градината, базенот и залезот на сонцето“ – вели Јелена и додава дека таа сакала сѐ да биде во пастелни, смирувачки тонови.
Како што вели, додека ја уредувала куќата воопшто не ѝ била важна модата, туку тие што живеат во неа да бидат среќни, да чувствуваат мир, спокојство и убава енергија.
Во огромната вила, секој од членовите на семејството има свој кат. Јелена тврди дека дури неодамна избројала дека домот има 10 свечени тоалети, за кои не била свесна затоа што во најголем дел од нив и не влегува.
Како што вели, нејзината оаза е специјално проектиран гардаробер од 250 квадрати, кој има сауна, тоалет, дел за одмoр, перална, соба за вработени.
„Според моите желби и нацрти направив дел што мене ми е важен и заради работата и заради лична сатисфакција. Просторот има адекватно светло, огледала, паметно и функционално осмислено складирање на моите 500 пара чевли, чанти, облека...
За луѓето да сфатат колку е тешко да се има организиран гардаробер со волкава големина и капацитет ќе ви кажам дека една жена работи само како гардароберка.
Таа мора да го знае начинот на кој облеката треба да се обеси, каде и со што, мора да ги разликува брендовите, сезоните и винтиџ облеката што има посебна вредност.
Јас сум колекционер на висока мода и дизајнерски парчиња, а со оглед на тоа што сето тоа го собирам речиси 30 години, јасно е дека станува збор за сериозна колекција што многу ми значи“ – појаснува таа за Hello.rs.
За крај Јелена прокоментира накратко и за нејзиниот брак со Душко Тошиќ, но и за разводот. Таа вели дека по големиот број подеми и падови во изминатите 14 години многу работи се промениле, а таа чувствува дека постојано „жонглира“ за да ги исполни очекувањата на сите.
„Се борев. Имам цврст ‘рбет. Не сум некој што крева раце и се откажува. Не сум ниту од оние што се помируваат со неуспехот.
Тоа е најдобрата карактерна особеност, но воедно и проклетство. За жал, во вториот брак мора да има многу компромиси и ‘рбетот на жената да се витка и кога таа не го сака тоа“ – вели Јелена.
За потсетување, откако во медиумите подолго време се шпекулираше дека ќе се разведат, на почетокот на неделава Јелена Карлеуша на Инстаграм објави дека со Душко одлучиле спогодбено да се разведат, а дека имотот стекнат за време на брачната заедница ќе биде препишан на нивните ќерки Атина и Ника.
Прочитајте и Родителите го пратиле во дом бидејќи немале пари, а денес е милионер – Факти за Душко Тошиќ, сопругот на Карлеуша
Б. С. Б. | Црнобело