Осудени родителите на детето-убиец од „Рибникар“ – 14,5 години затвор за татко му, 3 години за мајка му
- Детали
- понеделник, 30 декември 2024
На денешното рочиште за масакрот во српското училиште „Владислав Рибникар“, беа осудени родителите на детето-убиец, како и неговиот инструктор по стрелање. Детето не може да одговара кривично поради возраста, но денес вештаците истакнале дека за време на нападот, било присебно и со способност за правилно расудување.
Денес (30.12) во Белград беа изречени казните за родителите на детето одговорно за масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“.
Коста Кецмановиќ минатата година на 3-ти мај усмрти деветмина ученици и вработениот во обезбедување, а застрела и наставничка.
Татко му Владимир Кецмановиќ беше осуден на 14,5 години зад решетки, додека мајка му Миљана доби три години затвор.
Осуден е и инструкторот по стрелање на Коста – 15 месеци затвор.
По изрекувањето на казната, Миљана изјавила дека ѝ е жал за сè што се случило и дека повеќе не сака да коментира, пренесуваат српските медиуми.
„Сам одлучил да го изврши убиството. Ние немавме влијание врз тоа, ниту пак, знаевме нешто“, изјавил татко му Владимир.
Главниот јавен обвинител за време на соопштувањето на пресудата изјави дека барал максимални казни за Владимир и Миљана.
Тој предложил 12 години затвор за тешко дело против општа безбедност, како и три години затвор за запуштање и малтретирање малолетно лице.
Односно, вкупна казна од 14 години и 11 месеци.
За мајката предложил две и пол години затвор и парична казна од 500.000 динари, за кривично дело недозволено производство, поседување и носење оружје и експлозивни материјали.
Побарал и уште три години за запуштање и малтретирање малолетно лице, односно вкупна казна од пет години и пет месеци затвор.
Бидејќи детето-убиец е родено во 2009-та и на денот на масакрот имал 13 години, тој не може кривично да одговара.
На судењето се зборувало за психичката состојба на Коста и вештаците утврдиле дека на денот на нападот, тој бил способен за расудување.
Односно, немал проблеми со менталното здравје кои можат да се наведат како причина за нападот.
Српски Blic пренесува дека пред судницата биле родителите на убиените деца кои чекале да ја слушнат пресудата.
Спирова С. | Црнобело