Српска инфлуенсерка со исповед: „Мајка ми ме оставила како бебе – се изборив со депресијата и суицидните мисли“
- Детали
- вторник, 15 октомври 2024
„Мајка ми забременила на Косово во 90-тите години. Сите знаеме каква била ситуацијата таму и зошто ме оставила“ – Српска инфлуенсерка ја раскажа болната приказна за своето потекло, но и како тоа се одразило врз нејзиниот живот. Борба со депресија и суицидни мисли, кои успеала да ги победи.
Српската јутјуберка Билјана Стојилковиќ, попозната како Биџован, на својот Јутјуб канал често објавува забавни видеа и музички обработки, а своето влијание го користи за да зборува отворено за борбата со депресијата и суицидните мисли.
Минатата година, таа објави видео во кое ја раскажа болната вистина за своето потекло, кое на некој начин било главен поттикнувач за сите проблеми со менталното здравје со коишто се соочила додека растела.
Таа вели дека најчесто денес, кога луѓето зборуваат за своите ментални проблеми, тие како главен причинител го посочуваат недостатокот на љубов од родителите.
Но, својата приказна ја користи како пример за да докаже дека љубовта на родителите е избор, односно нешто што тие самите избираат свесно или несвесно дали треба да ни го пружаат.
„Постои една жена која останала бремена на 16 години. Таа живеела на Косово во 90-тите години, а сите знаеме каква била ситуацијата таму.
Таа девет месеци активно се обидувала да се отараси од тоа бебе, да абортира…
Скокала од височина, се удирала по стомакот, го терала братот да ѝ го гази стомакот, но не успеала да абортира.
Кога се породила, логично не го задржала детето. Тоа дете бев јас. Јас сум оставена по раѓањето од својата биолошка мајка“ – раскажа Билјана во видеото.
Таа била посвоена, но вели дека подоцна избрала да ја запознае жената што ја оставила и да дознае повеќе за своето потекло.
„Додека растев, јас сметав дека сум ’ментално ретардирана‘. Затоа што тоа што мене ми се случило, кај мене предизвикало екстремна хиперсензитивност.
Работите што никој не ги забележува – јас ги забележувам.
Се случува работите што сите ќе ги забележат – јас да не ги забележам.
И така во многу ситуации, логично е, јас, која не сум имала никаков контакт со биолошката мајка по раѓањето и никогаш не сум доена, да не можам да имам ист нервен систем како некој кој ја добил таа иницијална нега и љубов“ – вели таа.
Во тоа видео Србинката отворено призна дека многупати посакувала да си го одземе сопствениот живот и дека долг период морала да се бори со депресијата.
Сега, Билјана често гостува во емисии и се труди своите искуства да ги пренесе, да им помогне на оние што се борат со проблеми со менталното здравје, а во тој контекст беше и нејзиното неодамнешно гостување во една српска телевизија.