„Забременуваат од епрувета, како куче да си купиле“ – Црногорка мета на критики, по осудите за мајките што сами добиваат деца
- Детали
- четврток, 26 септември 2024
„Одамна не сме слушнале нешто поодвратно“ – велат следбениците на црногорската правничка и инфлуенсерка Наташа Ковачевиќ, која, мајките што одлучуваат сами да забременат со ин-витро постапка, без да најдат партнер, ги спореди со жени што купуваат кучиња.
Наташа Ковачевиќ е црногорска правничка, а е позната како Njezvanova на Инстаграм. Таа често гостува во емисии во медиумите во соседството каде што зборува на теми поврзани со жените и семејството.
Таа е една од водителките на емисијата „Dame sa hercom“ на телевизијата Blic, каде што се зборуваше за жените кои одлучуваат сами да станат мајки, без партнер, а видеото од гостувањето гордо го сподели на својот Инстаграм профил.
„Мене најголема желба ми беше да бидам мајка и за мене семејството, култот за семејството, култот за бракот е нешто свето.
Јас во сите свои јавно обраќања имам многу јасни ставови.
Сметам дека е себично да одлучите да ја исполните својата желба по секоја цена, затоа што мислам дека јас немам право да му ускратам на оној што ќе го родам да ужива во тоа што е институцијата семејство, кое подразбира двајца родители.
Дали би ја осудила жената што тоа го направила? Не.
Дали би го дисквалификувала нејзиното дете како дете што е помалку вредно од моето? Не.
Дали јас би го направила тоа? Не“ – рече прво Наташа.
Но, проблемот настана кога се надоврза на изјавата на другата гостинка во емисијата, па гласно рече:
„Жената што сама од епрувета, ќе си направи дете, е како да си купила кученце!“
Кликнете на објавата за да го погледнете видеото:
Оваа „несреќна“ реченица наиде на голем број негативни коментари, критики и осуда на социјалните мрежи, но и од нејзините следбеници.
„Јас и детето сме семејство, не е воопшто важно кaко е зачнато, ниту пак треба да биде тема на расправа. Никој не смее да ми го скрати правото на мајчинство“;
„Мислам дека треба да размислите за тоа, малку подобро да ги избирате зборовите кога се претставувате јавно. Одамна не сум слушнала нешто толку одвратно“;
„Зошто за некои мајки мајчинството е нешто свето, а за некои други само луксуз? И зошто за едната мајка детето е нешто најсвето, а за другата кученце од епрувета? Во ред е да имате различни ставови и да не сакате некои работи, но не е во ред да омаловажувате некого и да ги ограничувате жените што и онака се ограничени“ – ја критикуваат следбениците.
Б. С. Б. | Црнобело