По 31 ден пешачење, Никола Роквиќ пристигна во Егина: Ги собра парите, си го исполни ветувањето дадено на Свети Нектариј
- Детали
- среда, 22 мај 2024
Српскиот пејач Никола Роквиќ по 31 ден пешачење, стигна на својата цел, манастирот Нектариј Егински, во Егина, Грција.
Откако на 22 април тргна пеш од Белград, на пат долг 1.060km, со хумана цел да собере пари за апарат за дијагностицирање рак на мозокот кај децата за Клиниката за детска онкологија во Белград, Никола Роквиќ успеа да ја исполни својата цел.
Тој 31 ден одеше пешки до целта, а ги собра и потребните пари од донации на граѓаните, па дури и повеќе од тоа.
На целта го пречека сопругата и нивните три деца.
Претходно, кога се качи на бродот кон Егина, Никола откри дека успеал да си ги исполни двете ветувања дадени пред патот.
„На ова патување имав два завета. Првиот му го дадов на Свети Нектариј, дека ќе дојдам до кај Светителот пеш, а вториот дека нема да поминам ни еден сантиметар во возило што се движи.
Бродот е првото превозно средство кое е во движење, а тоа да не се моите нозе. За 31 ден. Чувството е вонврененско“, напиша тој.
На патот кон Егина, Роквиќ не одеше сам.
Честопати го пресретнуваа луѓе кои му правеа друштво и чекореа покрај него, а на еден дел од патеката со него одеше и актерот Иван Босиљчиќ.
Никола Роквиќ во текот на патувањето пешачеше и на дожд и на силно сонце.
Тој одеше и низ Македонија, па токму тука го дочека и Велигден и празникот го помина со семејството.
Инаку, за да ја реализира својата идеја, Никола, заедно со сопругата Бојана, ја формираше фондацијата „Porodica“ и ова е нивната прва активност.
А. Ј. | Црнобело