Бејби Лазања покажа дека има срце од злато – Ги одби парите што владата му ги даде, замоли да се донираат
- Детали
- четврток, 16 мај 2024
„Ви благодарам за наградата од 50.000 евра, но јас не можам да ги прифатам. Дајте им ја на болниците што се грижат за децата заболени од рак“. Ова е сумираниот одговор што Бејби Лазања го упати до власта во Хрватска по одлуката да го наградат за високиот пласман на Евровизија.
По завршувањето на Евровизија 2024, Бејби Лазања во Хрватска беше дочекан како херој, со оглед на тоа што за влакно му побегна победата, а на својата земја ѝ го донесе високото второ место.
Неговиот прв самостоен концерт беше распродаден за 4, 5 минути, а владата во неговата земја одлучи да го награди успехот со 50.000 евра.
Но, Хрватот кој пред сѐ ја освои светската публика со својата скромност и успеа да собере најмногу гласови од публиката, ја изненади јавноста и покажа дека има срце од злато.
„Ѝ благодарам на владата во Хрватска за паричната награда во износ од 50.000 евра.
Сепак, тие пари не можам да ги прифатам.
Можам да наведам голем број причини зошто ги одбивам, но првата, најважна и доволна, е тоа што постојат голем број поединци и организации на кои тие пари многу повеќе ќе им помогнат“ – напиша тој на Инстаграм Стори.
Во продолжение, тој го замоли премиерот на хрватската влада во негово име и во име на Хрватска да се донираат 25.000 евра во Заводот за педијатриска онкологија со дневна болница, а останатите 25.000 евра да се донираат во Заводот за педијатриска хематологија, онкологија и трансплантација на матични клетки во Загреб.
Инаку, оваа есен Бејби Лазања ќе го издаде својот прв албум насловен Demons & Mosquitos, а неговата песна „Рим Тим Таги Дим“ се најде на 5-тото место на 50-те глобални хитови на платформата Spotify.
Прочитајте и Победникот го скрши трофејот, зелената соба на нозе заради Хрватска – Највпечатливите мигови на Евровизија 2024
Б. С. Б. | Црнобело