Непропуштен пешак – 200 евра, непрописен паркинг – 40 евра: За што може да ве казнат во Грција и да ви ги одземат табличките?
- Детали
- четврток, 15 август 2024
Законите за сообраќај во Грција се во голема мера построги од законите кај нас и во Србија, затоа што покрај паричните казни подразбираат и одземање на табличките, а во некои случаи и на возачката дозвола, независно што сте турист и нема да има како да се вратите дома.
Од тие причини голем број српски и наши туристи пишуваат на социјалните мрежи за казните што ги добиле и за одземените таблички.
Најчесто, нашите туристи добиваат казни за непрописен паркинг, а казната за овој сообраќаен прекршок изнесува 40 евра, но ако се плати во рок од 10 дена, може да поминете само со казна од 20 евра.
Дополнителен проблем се јавува кога освен паричната казна, заради непрописен паркинг, грчките полицајци ќе ви ги одземат табличките.
На Фејсбук групата Grčka Info е објавено видео на кое се гледа како на цела колона возила им се одземени табличките во местото Переа.
Skidanje tablica u Grčkoj zbog parkiranja. Mesto Perea.
-->-->Posted by Nenad Zivojnov on Thursday, August 8, 2024
Исто така има и Македонци кои заминале на одмор со сопствено возило, па се пожалиле дека морале да платат казна за паркинг.
„Во Пефкохори пред 2 дена на еден човек му ги извадија таблиците и тоа паркиран пред вилата… 600 евра казна, среќа се пожалил на газдите, заедно отишле во полициска станица и само 20 евра платил“ – стои во еден од коментарите во групата.
Според грчките закони, казните за непрописно паркирање се движат од 40 до 80 евра, во зависност од тоа каде сте паркирале.
Така ако паркирате до друго возило, на место одбележано за такси, ако го попречувате движењето на пешаците ќе платите казна од 40 евра, но истовремено може да ви бидат одземени табличките и возачката дозвола во траење од 10 дена.
Ако паркирате во близина на пешачки премин, раскрсница, или во близина на знак „стоп“, казната е 80 евра, а ако паркирате на место за инвалиди или го попречите влезот до рампи за инвалиди, може да платите казна и до 150 евра.
Грчките полицајци ги пишуваат паричните казни, но морате да си ги платите во пошта, и ако тоа го направите во рок од 10 дена, ќе платите само половина цена.
Најчесто, ако ви ги одземат табличките, потоа следува и одземање на возачката дозвола на 20 дена.
Откако ќе поминат 20 дена, полицијата ги праќа табличките во конзулатот, а конзулатот треба да ви ги врати на домашна адреса.
На Фејсбук групите препорачуваат во полиција секогаш да одите со некој од локалното население, газдата на апартманот каде што сте сместени и слично, со цел да се обидете да ги добиете табличките порано и да не мора да ги чекате законските рокови.
За кои други сообраќајни прекршоци може да ви ги одземат табличките во Грција?
За непропуштање пешаци на пешачки премин, или на семафори, казната е 200 евра, а возачката и сообраќајната ќе ви бидат одземени на 10 дена.
За користење мобилен телефон или слушалки за разговор на мобилен телефон, казната е 150 евра, но возачката ќе ви биде одземена 30 дена.
Казните за возење под дејство на алкохол се движат од 200 до 2.000 евра, а ако прекршокот го повторувате во рок од 2 години, возачката може да ви биде одземена и на 5 години.
Исто така, ако се расправате и не ги почитувате инструкциите на полицијата, ризикувате да платите казна од 150 евра и одземање на возачката и сообраќајната на 20 дена.
Б. С. Б. | Црнобело