„Додека Нина продаваше крофни, татко ѝ кришум си ги бришеше солзите“: Хероината од Нови Сад среќна, татко ѝ е подобар по лекувањето
- Детали
- среда, 20 септември 2023
„Нина е дар од Бога. Направи чудо, а не е ни свесна за тоа. За неа сè ова е нормално. Но, луѓето ја препознаа нејзината енергија, семејните вредности, а токму тоа ни требаше во овој момент. Некои ми велеа дека Нина им покажала какви луѓе треба да бидеме“, вели мајката на 11-годишното девојче кое продаваше крофни за да собере пари за лекување на својот татко.
На крајот на јуни 2023 жителите на Нови Сад со часови чекаа во ред за да купат домашни крофни од штандот на 11-годишната Нина Нинковиќ, која собираше пари за лекување на својот татко Зоран.
Скоро три месеци подоцна, Зоран се чувствува многу подобро и се подготвува за ново патување во Русија, каде што ќе го продолжи лекувањето.
Мајката на Нина, Наташа, пак, во разговор за Nova.rs открила дека за цело време додека Нина продавала крофни по 100 динари (50 денари), нејзиниот сопруг бил дома.
„Toj кришум ги бришеше солзите, горд на својата ќерка. На почетокот на август бевме на клиниката во Москва и на Зоран му е подобро.
Лекарите рекоа дека неговата состојба може да се одржува со лекови, но дека ќе треба да одиме во октомври, а можеби и во декември. Лекувањето ќе потрае, можеби и цел живот“, рекла мајката на Нина.
фото: принтскрин Јутјуб
Таа кажала и дека Нина нема да патува во Москва, бидејќи откако почна школската година и има многу обврски околу училиштето.
Наташа раскажала и како почнала приказната со продажбата на крофните.
„Кога аплицирав за клиниката во Русија, ме прашаа дали имаме пари за да одиме редовно, но во тоа време немавме. Да знаев однапред што ќе се случи, ќе им кажев дека ќе ги собереме парите.
Ние сме дел од хуманитарна фондација уште од 2016 година, но никогаш не собравме доволно пари. Главно тоа беа донации од пријатели.
Сега, првпат ги собравме потребните пари. Не ни сонував дека ќе успееме преку ноќ“, рекла Наташа.
Иако Нина го освои регионот со својот потег, мајка ѝ вели дека и денес не може да најде зборови за да го опише тоа што го направило девојчето.
„Таа е дар од Бога. Направи чудо, а не е ни свесна за тоа. Таа нема високо мислење за себе и за неа сè ова е нормално. Луѓето ја препознаа нејзината енергија, семејните вредности, а токму тоа ни требаше во овој момент.
Имаше такви што ми велеа дека Нина им покажала какви луѓе треба да бидеме. Доаѓаа луѓе од секаде и ѝ се поклонуваа до под, а таа ги тешеше, но не знаеше зошто плачат“, додава Наташа.
Таа вели и дека луѓето меѓусебе ја споделувале информацијата за малото девојче што продава крофни за татко ѝ.
Така се проширила нивната приказна, а новосаѓани застанале во ред за да донираат.
„Имаше некој посебен мир, тишина, луѓето не се туркаа кој ќе купи прв крофна. А надвор имаше 50 степени, вриеше. За Нина се дозна во САД, Австралија, Чешка, Грција... Нè бараа од Македонија, од Хрватска. Луѓето купуваа крофни и плачеа“, вели Наташа.
?🥰....bravo Novi Sad... pic.twitter.com/MLZyPNCarl
— ShkaDu (@FalenAn98386645) June 23, 2023
Но, имало и негативни коментари, луѓе кои велеле дека Нина треба да има детство, а не да живее во светот на возрасните.
Некои оделе дотаму што рекле дека родителите ја искористуваат, но Наташа открива дека продажбата на крофните била идеја на Нина, а таа ѝ дозволила.
За потсетување, Нина, стана регионална мала хероина, откако со продажба на крофни почна да собира пари за лекување на болниот татко.
Зоран, таткото на Нина во 2016 година го загубил видот по аблација на ретината на окото.
Иако направил операција, во 2022 година аблацијата се вратила повторно, а по ова лекарите му дијагностицирале и симпатичка офталмија и панувеитис, поради што му е загрозен и животот.
Брзо откако регионот слушна за Нина, таа доби и портрет од реномираниот македонскиот уметник Зоран Карадула.
А. Ј. | Црнобело