Ана Атанасиа од Неготино, шминкерка во Дубаи и Абу Даби: „Арапка ми прати хеликоптер, шминкав и принцеза“
- Детали
- вторник, 14 јануари 2025
„Професионална шминка Арапките користат секој ден – од шминка за породување до шминка за пасош, па дури и за да изгледаат убаво дома за своите мажи. Локалните жени таму се многу женствени, а постарите Арапи имаат и по 4 сопруги“, вели Ана Атанасиа Најдова (32) од Неготино за CRNOBELO.com.
Ана Атанасиа Најдова (32) од Неготино, веќе 9 години живее во Дубаи и Абу Даби и работи како едукатор за шминка и бизнис консултант за салони за убавина.
Taa за CRNOBELO.com споделува детали за искуствата оттаму:
Како Дубаи ти стана дом и зошто токму Дубаи? Колкав период од годината минуваш таму, а колкав во Македонија?
Како мала знаев дека ќе живеам подалеку од Македонија. Се сеќавам како ме привлекуваа плажата, топлото време и брзиот раст на градот.
Фотографиите од Дубаи ме фасцинираа и, иако не знаев зошто, нешто ме поврзуваше со тој град.
На 23 години заминав и цели 9 години градев живот во Дубаи и Абу Даби.
Последната година решив да го балансирам животот и да поминувам повеќе време со моите најмили во Македонија. Сфатив дека вистинскиот успех се мери во споделените моменти со семејството, така што патувам секои два-три месеци.
Од кога се занимаваш со шминкање? Како се снајде во овој бизнис во Дубаи? Беа ли тешки почетоците?
Со шминка се занимавам уште од моите 14 години. Почнав многу млада, а Дадар беше главен за моите почетоци, инспирација и креативност.
Кога отидов во Дубаи, целото искуство беше шок. Културата, шминката и работните навики беа сосема поразлични.
На 23 години мораше да работам по 9-12 часа дневно и да научам да комуницирам на јазик кој не беше мој.
Работев во ВИП салон каде што клиентките беа локални жени, кои ретко зборуваа англиски и беа целосно покриени.
Се чудев и восхитував како тие жени веруваат во девојка како мене, релативно млада, и плаќаат илјадници за мојата работа. Тоа беше голем предизвик, но истовремено и шанса за личен и професионален раст.
Дали Арапките се убави жени? Колку време посветуваат на негата и користат ли често професионална шминка?
Локалните жени таму се многу женствени, пред сè убави, со долги густи коси, долги трепки, густи веѓи, полни усни… и лица кои и на 60+ години немаат брчки. Не знам дали е ген или климата.
Многу се грижат за своите тела, лица, кожа, од тоа како мирисаат до природни масла за нега на кожа, како однадвор, така и одвнатре.
Многу време и пари трошат на тоа како изгледаат за своите мажи.
Професионална шминка користат секој ден – од шминка за породување, до шминка за пасош, па дури и за да изгледаат убаво дома за своите мажи.
Начинот на шминкање е исто така многу важен – следат трендови и сакаат поистакнати, позаводливи очи со кохл (црн креон), а обожаваат трепки, кои ги носат и преку ден.
Поради тоа што тие се покриени во јавност и нивната религија не дозволува фотографирање, јас не смеам да ги сликам или да споделам фотографии од нив.
Имаш салон или одиш на повик? Некоја најзабавна ситуација досега?
Моментално работам со лимитиран број на долгогодишни клиентки кои имаат голема доверба во мене, а некои дури ми организираат летови од Македонија за да одам и да ги нашминкам за нивните важни настани.
Имам смешна случка со една од нив, која имаше изненаден љубовен состанок, организиран од сопругот.
Кога сфатила дека нема шминка, ниту вештачки трепки со неа, нејзината асистентка ми се јави среде ноќ, ми прати хеликоптер кој ме однесе на нивниот приватен остров само за да аплицирам трепки и да ја спасам романтичната вечера.
Апликацијата траеше само 10 минути.