Ана Атанасиа од Неготино, шминкерка во Дубаи и Абу Даби: „Арапка ми прати хеликоптер, шминкав и принцеза“
Најнемила ситуација досега со клиентка...
Една од најнемилите случки беше кога требаше да ја шминкам принцезата од Абу Даби за нејзината свадба.
Таа е моја долгогодишна клиентка и кога дојде време да биде невеста, ми веруваше само мене.
Две недели пред свадбата, бев кај неа и направивме пробна шминка. Се одлучивме за шминката и двете бевме многу возбудени.
Во тој период, 2022 година, Абу Даби сè уште беше затворен поради пандемијата, па пред влез во палатата нè тестираа.
Така беше и на денот на свадбата, но за шок на сите, мојот тест беше позитивен. Ме тестираа неколку пати, но јас бев позитивна на ковид, иако немав симптоми.
Стресот и шокот кој го имав во тој момент беа неизмерни – мислев дека цел свет ми се сруши и дека ја изневерив невестата.
Тоа беше голема свадба во државата и притисокот беше огромен.
Но, палатата како институција ми помогна да контактирам друга шминкерка на која можам да ѝ верувам. Ѝ објаснив што и како треба да се работи и така ја спасивме ситуацијата.
И ден денес ми е многу жал за тој ден.
Дали имаат високи барања Арапките? Имаш ли редовни клиентки?
Арапките се перфекционисти. Кога станува збор за убавина, тие имаат остро око за детали, следат трендови, социјални мрежи и поставуваат високи стандарди.
Плаќаат многу, но затоа и имаат високи очекувања.
Можам да кажам дека не се лесни клиенти, но затоа сум среќна што ги имам и токму со нив ја усовршив мојата работа, техники и професионализам.
Сега, со задоволство можам да кажам дека сите едукации и искуства ги споделувам со сите оние кои сакаат да се надоградат, да градат лојална клиентела и успешни бизниси во индустријата за убавина.
Имаат ли мажите повеќе жени или моногамијата доминира? Кој е главен кога станува збор за финансиите во домот?
Претежно, локалните мажи имаат по 4 жени. На почеток ми беше необично, но сега сум навикната да доаѓаат две или сите на термин за шминка како сестри.
Модерните генерации денес имаат максимум две жени поради повисоките трошоци на живот и поголемите очекувања на жените.
Кога станува збор за финансиите, главниот финансиски „обезбедувач“ е мажот, а ако жената работи, тоа се нејзини пари што ги троши за да се разгали себеси, мажот и децата.
Имаат ли Арапките раскошни наметки со кои се покриваат?
Како што спомнав, овие жени се многу елегантни и женствени. Начинот на кој се облекуваат во нивната национална облека абаја и шејла се доказ дека жената и со скромна и затворена облека може да биде подеднакво атрактивна и елегантна.
Нивните абаи се изработени од материјали од највисок квалитет и се носат со високи потпетици и скапи чанти.
Под нивните абаи носат модни парчиња и фустани од највисока мода, дијаманти, злато и парчиња накит од највисок квалитет.
На што трошат најмногу пари жените таму? Како им изгледа денот?
Најмногу пари трошат на скапи чанти, производи за убавина и козметички процедури, парфеми, сè што ги прави да се чувствуваат разгалено и женствено.
Во последните неколку години, сите инвестираат во одлично образование и се фокусираат на своите кариери.
Работат само по неколку часа дневно, одат на шопинг, паузите ги минуваат во СПА центри, во салони и се враќаат дома.