Мартина Баракоска, тапанарка: „Сосетката ми тропаше 5 минути откако ќе седнев на тапани, но љубовта кон музиката е посилна од сѐ“
- Детали
- четврток, 23 март 2023
„Имав отприлика 13 години кога седнав на тапани за првпат, малку е збунувачки кога првпат ќе седнеш на тој инструмент каде што треба да го вклучиш целото тело. За бенд е потребна добра и чиста мисла и меѓусебна љубов и почит, сè друго доаѓа многу лесно кога го има тоа. Во Македонија е тешко да се заработи како музичар, и сметам дека културата треба повеќе да се цени“ – вели за CRNOBELO.com Мартина Баракоска, тапанарка.
Вообичаено се смета дека тапаните се „машки“ инструмент на кој свират само мажи и момчиња, а Мартина Баракоска од Скопје ги руши овие стереотипи.
Оваа 24-годишна девојка во целост е посветена на тапаните и на музиката, а кога не е на свирки и настапи, тогаш работи со своите ученици и дава часови по тапани.
Во моментов свири со Funk Shui, а бендот ќе има свој концерт на 31-ви март во МКЦ, со почеток од 20 часот, соработува со музичари од странство и редовно е дел од шоуто „1на1“.
Снимање промотивно видео за Yamaha во Берлин за новите електрични тапани
Тапаните како инструмент се доста фасцинирачки. Составени се од голем број делови, за свирење потребно е да се вклучат сите екстремитети и иако сето тоа изгледа мошне лесно навидум, навистина не е така.
Мартина Баракоска во интервју за CRNOBELO.com открива од каде кај неа се родила љубовта за тапаните како инструмент, како реагира на неа средината со оглед на тоа што е жена тапанар, како и за тоа што е потребно да обезбедите доколку сакате да свирите на овој инструмент.
Фотосесија за Yamaha, фото: Наташа Величковска
Проследете го во продолжение целото интервју со Мартина:
Колку години имаше кога првпат седна да свириш на тапани? Од каде љубовта за тапаните како инструмент?
Имав отприлика 13 години кога седнав на тапани за првпат.
Морам да признаам дека малку е збунувачки кога прв пат ќе седнеш на тој инструмент каде што треба да го вклучиш целото тело и да ги искоординираш своите 4 екстремитети и сè тоа да звучи добро.
Но, со вежбање доста брзо се напредува. Љубовта доаѓа од мојата љубов кон музиката, кога растев постојано бев со слушалки во ушите слушајки различни албуми и бендови.
Концерт во Берлин со MPNG, фото: Jürgen Schwörer
Колку часа дневно вежбање се потребни за да се стане добар тапанар?
Мислам дека солидни 3 часа фокусирано вежбање, континуирано секој ден е доволно време да се работи на инструментот.
Секако, под тоа не се подразбира свирење со бенд или свирење на омилената музика што нормално додаваат на времето кое го поминуваме со инструментот.
Снимање промотивно видео за Yamaha во Берлин за новите електрични тапани
Што е она што е неопходно да се обезбеди за да може да се свири на тапани? Дали мора да се има звучно изолирана просторија?
Неопходен е простор каде што нема да сметаш на никого. Доколку опција е само дома, тогаш најубаво решение се електрични тапани кои не прават многу бука.
Доколку сакаме акустични тапани тогаш е најубаво да имаме посебна просторија на локација што е поизолирана од згради/куќи или има добра звучна изолација.
Тргнувајќи од себе, јас почнав да одам на часови по тапани бидејќи тоа ми беше единствениот начин да имам контакт со инструментот.
Подоцна имав прилики кога можев да вежбам во студиото на гимназијата Никола Карев, благодарение на Емилија Ристановска, потоа си купив електрични тапани кои ги свирев дома.
Но, најголемата среќа беше кога си ги купив првите акустични тапани и свирев во гаражите под Соборна.
Фотосесија за Yamaha, фото: Наташа Величковска