Мехмет од пехчевско чува птици грабливки: „Ова хоби ме оддалечува од пороците, секој ден поминувам по 5 часа со нив“
- Детали
- четврток, 02 март 2023
„Секоја птица бара 3-5 часа внимание дневно, јастребите бараат повеќе, па така самата птица те изолира од пороци и те учи на нејзиниот живот. Соколарството не е едноставно како што изгледа – треба многу труд и љубов“ – вели во изјава за CRNOBELO.com Мехмет Оџов, кој во неколку наврати се грижел за повредени јастреби, а се надева дека еден ден ќе има своја птица грабливка.
Мехмет Оџов (25) од село Црник, пехчевско, се занимава со соколарство и одгледување на препелици и гулаби. Мехмет честопати објавува видеа на социјалните мрежи од птиците грабливки за коишто се грижел, од нивниот тренинг и исхрана.
Овој млад соколар во изјава за CRNOBELO.com открива повеќе детали за тоа колку време дневно е потребно да се посвети и од каде доаѓа кај него желбата да им се посвети на овие птици.
Како што појаснува, во зимскиот период планинските места каде што се чуваат питоми птици многу често може да бидат мета на птиците грабливки, кои се во потрага по својот плен, а во неколку наврати имал прилика да се грижи за повредени птици, на кои им помогнал да заздрават, а потоа ги пуштил во природата.
Како што вели, со оглед на тоа што има препелици, гулаби и кокошки, неговиот двор честопати е посетен од грабливките кои бараат храна.
Првата средба што ја имал со птици грабливки била во моментот кога нашол две мали птици од сортата Јастреби глувчари (Бутео Бутео), за кои одлучил да се грижи додека да закрепнат и да се осамостојат, а потоа имал можност уште двапати да им помогне на уште два повредени јастреби.
„Од денот кога ги земав двете мали птици „бутео бутео“ кај нас познати како јастреби глувчари, имав потешкотии со добивање на точни информации како и што со овие птици и кој е начинот како се работи со грабливки.
После нив дојде и првиот јастреб кокошкар (Accipter Gentilis) кој беше во лоша состојба со неговото крило.
По затварањето на раната на крило го пуштив, затоа што тоа не можеше да биде соколарска птица па дојде и следен јастреб исто кокошкар кој го пуштив за месец дена со совет од мојот ментор дека е време за парење и формирање нови млади единки јастреби“ – раскажува Мемет.
Како што вели, сите птици ги имал во текот на 2022-рата година, а ги пуштил назад затоа што смета дека тие се на природата, а не негови.
„Јастребите во природа се многу добри ловци, ловат на земја па и во лет својот плен го фаќаат бркајќи го и во борба. Но, во соколарството извор за храна за време на смирување и одгледување на птицата е човекот.
Јас сè уште не сум соколар. Учам, се трудам да ја достигнам титулата соколар и фаќање на првиот плен со моја птица“ – открива Мехмет.