Моника Додева: „Пред 20 години доживеав несреќа и оттогаш сум во количка, но студирам, работам како илустратор и имам свој бизнис“
- Детали
- петок, 17 февруари 2023
„Пред 20 години доживеав автомобилска несреќа, што резултираше со повреда на мојот 'рбет, односно парализа во долните екстремитети. Функционирањето како инвалидизирано лице е предизвик на моменти, но јас сум фокусирана да напредувам на секое поле...“, вели инспиративната Моника Додева (26) од Скопје за CRNOBELO.com.
Моника Додева (26) од Скопје ја видов за првпат на Скопскиот моден фестивал и некако на прва ме освои со убавината и ведрината со која зрачеше.
Потоа, ја исконтактирав и дополнително ме воодушеви со својата сила и истрајност да ги следи своите животни соништа и покрај немилиот настан, кој ѝ го променил животот, а ме воодушеви и со нејзините дела како фриленс илустратор и графички дизајнер.
Моника за CRNOBELO.com ја пренесува својата приказна:
„Пред 20 години доживеав автомобилска несреќа, што резултираше со повреда на мојот 'рбет, односно парализа во долните екстремитети.
Веднаш по закрепнувањето продолжив на училиште. Исто така по повредата максимално се посветив и на физички вежби, така што до ден денес вежбањето игра огромна улога во мојот живот.
Функционирањето како инвалидизирано лице е предизвик кога се работи за непристапни места и локали, особено во нашата држава, но во приватниот живот ги правам самостојно речиси сите работи, како и останатите само што ги приспособувам на мој начин.
Во секојдневниот живот целиот фокус ми е насочен кон напредување на сите полиња, па така и покрај студиите, работам како фриленс илустратор и графички дизајнер неполни 4 години.