Христина Митреска: „На 28 години ми дијагностицираа рак на дојка и фала на Бога што ми се случи мене, а не на саканите“
- Детали
- четврток, 26 јануари 2023
„Напипав нешто на градата и отидов на доктор во Прилеп, веднаш ми кажа дека не е добро, спомена рак и дека мора да се испитам. Потоа докторот од кој побарав второ мислење беше толку е убеден дека дијагнозата не е таа, што и на извештајот со задебелени букви ми напиша ‘НЕ Е РАК’. Но, биопсијата покажа дека е малиген рак и оттогаш почна хаосот“, споделува Христина Митреска (33) од Прилеп за CRNOBELO.com, која вели дека нејзиниот сопруг ѝ била магична поддршка.
Христина Митреска (33) од Прилеп, по професија дигитален маркетер, на само 28 години се соочила со дијагнозата рак на дојка.
Сега, 5 години подоцна се чувствува одлично, но вели дека по тешкиот период со операција и хемотерапија направила многу промени во начинот на живот, меѓу кои и исхраната за што споделува на Инстаграм, a најголема поддршка во тешкиот период ѝ бил сопругот.
За CRNOBELO.com таа ја споделува својата приказна:
На колку години ја доби дијагнозата рак на дојка? Како се справи со шокот?
На 28-годишна возраст ја добив оваа вест и едноставно се „шокирав“ но исто така и во тој момент бев и храбра, не сакав да патат моите најблиски, бидејќи знаев дека оваа вест ќе ги скрши.
Да бев во можност никогаш немаше да им кажам. И покрај сè што поминував секогаш бев благодарна на Бога.
Фала му на Бога што мене ми се случи, а не на некој мој близок. Јас сум личност која може на себе да поднесе многу товар но не сакам да страдаат моите сакани.
Што направи прво? Како изгледаше процесот на планирање на лекувањето?
Едно утро се напипав на градата и малку ми беше чудно. Јас не сум по природа личност која сака да оди по доктори, едноставно се ежам кога треба да се оди на лекар, не можам да гледам крв. Но, кога ќе дојде никој не те прашува.
Појдов на преглед кој го закажав кај наш доктор во Прилеп и тој не можеше да поверува дека имам тумор, но за жал имаше таква претпоставка, ме исплаши многу кога ми соопшти и ме советуваше кои дополнителните испитувања треба да ги направам.
Бидејќи беше период на одмори, сè одеше тешко со закажување на прегледи, па морав да чекам 10 дена за да направам биопсија, мамографија и ехо на дојка кај друг доктор, сепак не се оставив на едно мислење.
Кога направив ехо на дојка, и мамографија, бидејќи сè уште не беше стигнат резултатот од биопсијата, докторот кај кого бев на второ мислење ми кажа дека не е рак.
До толку е убеден што и на извештајот со задебелени букви ми напиша „НЕ Е РАК“.
Малку се опуштивме, сè додека не стигна резултатот од биопсијата.
Испадна дека е малиген рак на дојка.
И тогаш започна хаосот.
Кој ти беше најголема поддршка и без кого не би го издржала целиот овој процес?
Јас не сакав на никој да кажувам, освен што знаевме само јас и сопругот. Но, кога ми кажаа дека ќе морам хемотерапија, и дека косата ќе ми падне и има последици од хемотерапијата, односно нема да можам да одам на работа бидејќи ќе ја изгубам силата, немав излез, моравме да соопштиме.
Се здруживме како цело семејство, но без поддршката на целата моја фамилија не би била толку силна.
Најголема заслуга има мојот сопруг кој деноноќно беше покрај мене и кога се смеев и кога плачев и кога ми беше најтешко, тој беше тој кој секогаш беше покрај мене. И често се прашував како го издржува сето ова, да спиеш покрај некој кој едноставно личи на „марсовец“.
Но, често знаеше да каже еден збор и со тоа ми ги решаваше сите дилеми, неговата љубов кон мене која несебично ја споделуваше на различен начин. Ме смееше, ме забавуваше, иако примав хемотерапија често патувавме бидејќи знае колку тоа ме релаксира и колку само сакам да патувам.
Често знаеше да ме изненади со изјава: „Имам сега едно патување за тебе“. Магичен е со еден збор мојот сопруг.
Како реагираа пријателите кога им ја кажа дијагнозата? Како ѝ пристапија на ситуацијата?
Како што им соопштував, така почнуваа да плачат сите, немаше некој кој беше толку храбар и да не се расплаче.
Сите секојдневно ми даваа поддршка со тоа што ми пишуваа, ме бараа да излезам да не се затворам дома, ми испраќаа лекови кој како слушнал, домашен лек, мед итн. Еден дел од моите најблиски другарки имаат толку посебна душа што само кога се дружиш со нив веќе забораваш дека се лекуваш, ти го прават посебен моментот.
Што значи да се прима хемотерапија? Имаше ли негативни ефекти, како се справи со истите?
Ухх… Хемотерапијата е нешто што ти ја зема целата сила во еден момент.
Се радуваш на деновите кога ќе заврши јакото дејство на лекот после 10 дена. И секогаш си викаш колку е безвреден животот без здравје само не знаеме да го цениме, само здрав човек може сè да постигне.
Кога си болен и изнемоштен имаш само една желба - да оздравиш.
Зошто медицинските лица од онкологија се луѓе со срце планина?
Да ги гледаш сите тие луѓе кои се беспомошни и на секоја од нас да ѝ одговориш, па ретко кој би издржал. Ама затоа сестрите на онкологија се највеликодушните лица кои сум ги сретнала.
Посебно мојата медицинска сестра со големо срце, Александра, која несебично помага на сите. Тоа е жена со срце од планина, душа памукче, насмеана и секогаш знае да те утеши со нејзините милни зборови „Душо, ќе помине“.