Христина Митреска: „На 28 години ми дијагностицираа рак на дојка и фала на Бога што ми се случи мене, а не на саканите“
Што ти падна најтешко во текот на целиот процес?
Најтешка ми падна 5-тиот циклус од хемотерапијата, премногу лошо ја поднесов. Колку и да се борев против сето ова и бев позитивна, телото се истрошува и сè повеќе се полни со „отровот“, кој го примаме како хемотерапија.
Секој ги води животните битки на свој начин, како ја водеше ти твојата? Која работа ти беше издувен вентил и ти даваше енергија да го издржиш процесот?
Точно така без издувен вентил тешко дека ќе издржиш.
Често се случуваше да ја чувам внука ми на 1-2 часа која секогаш ме смееше бидејќи беше сè уште малечка и многу поврзана со мене. Таа беше мојата насмевка.
Кога двајца несебично се сакаат има некоја енергија која меѓусебно си ја споделуваш и сè ти е многу лесно, а токму така беше меѓу мене и сопругот во целиот процес.
Во периодот на лекување започнав да внимавам на исхраната. Станав вегетаријанец, ги постев божиќните и велигденските пости, иако примав хемотерапија, и со самото тоа отворив свој профил на Инстаграм и почнав да го споделувам мојот режим на исхрана.
Имаше доста посетители и заинтересираниот, но никој не знаеше за што споделувам. Тоа ме релаксираше и сакав секој ден сè повеќе некој да инспирирам.
Најдобриот совет што ти го дадоа за процесот на лекувањето е…
„Секој рак има свое име, а твојот е само твој и од никој друг. Не слушај туѓи приказни, секој има своја приказна и различно завршува“.
Сметаш ли дека болеста те направи посилна?
Да, и многу похрабра.
Спомена дека направи промени во исхраната, како изгледа твоето дневно мени?
Целосно ја сменив исхраната, станав вегетаријанец. Си поставувам сама рестрикции и секогаш барам алтернатива да внесувам поздрава варијанта на оброци.
Моето дневно мени можете да го разгледате на мојот личен блог www.vkusnobezmeso.mk каде секојдневно објавувам нови рецепти кои ги подготвувам и консумирам во различен дел од денот.
Каква терапија примаш сега и колку време?
Моментално примам таблетарна терапија „Тамоксифен“ и „Золадекс“ инјекција во стомак, 5 години после операцијата.
Што друго промени во начинот на живот?
Не размислувам двапати дали да направам чекор, животот е еден и треба да ја живееме премиерата бидејќи нема реприза.
Колку ти се смени погледот на светот и на работите од секојдневието? Дали навистина луѓето не ги ценат малите работи од секојдневието?
Дефинитивно не ги ценат, сè додека не им се случи нешто лошо, но некои и тогаш не се освестуваат.
Јас мислам дека научив голем дел од лекцијата, и ја раскажав и во еден мал дел во книгата што ја издадов „Смути-Канцер 1:0“, сфатив дека, ако сакам да почнам со промена морам од себеси.
Порака до сите што во моментот минуваат низ истото…
Живејте го животот на максимум, нема реприза. Сè што се случува, се случува со причина, но едно треба да знаете, посилни сте од што мислите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело