Димитар Симовски (18): „Научив да ткаам на разбој од моите баби, колекционер сум на народни носии“

„Љубовта кон народните носии и општо кон фолклорот ми е влеана уште како мал, највеќе од моите баби. Од кога паметам за себе ме воодушевувале народни носии, народни инструменти, ора и сè она што го гради македонскиот фолклор. Како што растев сè повеќе се развиваше желбата да научам нешто повеќе, особено за носиите“, споделува за CRNOBELO.com средношколецот Димитар Симовски (18) од Пехчево.

simovski-kolekcioner-na-nosii-od-pehcevo-nauciv-i-da-tkaam-pa-izrabotuvam-kompletni-nosii-01.jpg

Димитар Симовски (18) од Пехчево е средношколец во гимназијата „Ацо Русковски“ во Пехчево. За себе вели дека уште од најмали нозе ја има љубовта кон народниот македонски фолклор, особено кон народните носии.

Тој не само што е колекционер на народни носии, туку научил и да ги изработува. Неговите баби се главни „виновници“ поради кои Димитар дури научил и да ткае на стар, македонски разбој.

За неговите успеси слушнале и надвор од Македонија, а доказ за тоа се признанија и награди. Се закитил со прво место за целосно рачно изработена носија на етно саем во Трњани, кај Славонски Брод, во Хрватска.

Димитар со посебен жар во гласот раскажува дека воопшто не е лесно да се најдат оригинални народни носии, но уште потешко е да се сочуваат.

За CRNOBELO.com тој споделува детали за оваа своја страст и хоби:

Од каде љубовта кон народниот фолклор, како започна пасијата за создавање колекција на народни носии?

Љубовта кон народните носии и општо кон фолклорот ми е влеана уште како мал, највеќе од моите баби.

Од кога паметам за себе ме воодушевувале народни носии, народни инструменти, ора и сè она што го гради македонскиот фолклор. Како што растев сè повеќе се развиваше желбата да научам нешто повеќе, особено за носиите.

Не постои точен период од кога станав колекционер, сè почна скромно и ненаметливо.

simovski-kolekcioner-na-nosii-od-pehcevo-nauciv-i-da-tkaam-pa-izrabotuvam-kompletni-nosii-02.jpg

Какви носии, од кој дел на Македонија, ја сочинуваат твојата колекција?

Воглавно собирам и изработувам носии од источна Македонија, од малешевскиот крај, од каде што и потекнувам. Но, најголем акцент имаат радовишките села од каде што потекнува мојата мајка.

Сè повеќе и повеќе вршам теренски истражувања во селото Дедино, радовишко, кое е на десетина километри од градот. Сакам да го издвојам како најдраго.

simovski-kolekcioner-na-nosii-od-pehcevo-nauciv-i-da-tkaam-pa-izrabotuvam-kompletni-nosii-03_1.jpg

Колку е тешко да се најдат и да се соберат уникатни и оригинални народни носии? Од каде ги наоѓаш?

Живееме во време кога сакаме сè да е брзо и лесно. Таквото темпо на живот одамна ги тргна од употреба не само носиите, туку и сè што опфаќа тој дел од фолклорот.

Тешко е да се најдат сочувани ткаени черги, носии и останато. Голем дел од носиите е продаден, но се уште се наоѓаат по неколку сочувани парчиња кои нашите баби гордо ги чуваат.

Поголем дел од мојата збирка на носии е купена или ми е подарена од моите роднини.

Тешки се за одржување, бидејќи во голем дел се изработени од волна, но со голема љубов и кажувања од постарите грижливо ги чувам да не бидат оштетени.

simovski-kolekcioner-na-nosii-od-pehcevo-nauciv-i-da-tkaam-pa-izrabotuvam-kompletni-nosii-03.jpg

По што ја препознаваш нивната оригиналност? Дали плаќаш за некои од нив? 

Па, и не мора да сте некој голем експерт за да видите дали нешто е од пред стотина години или од пред некој месец. Шега на страна, постојано се едуцирам што од народни кажувања, што од литература и така го градам своето знаење.

Носиите или нивните елементи кои се нашле во мојата колекција повеќето ми се подарени, но и оние кои сум ги купил не сум ги платил нешто премногу.

Инаку, нивната вредност е од непроценливо значење за приказ на македонскиот фолклор.

simovski-kolekcioner-na-nosii-od-pehcevo-nauciv-i-da-tkaam-pa-izrabotuvam-kompletni-nosii-04.jpg

Каде ги чуваш и како ги одржуваш? Колку место ти зафаќаат? Ги користиш ли некогаш, ги позајмуваш ли некому?

Најголемиот дел од нашите народни носии се изработени од волна, а тоа само по себе бара посебен начин на чување. Иако зафаќаат доста простор во мојот дом, тие мора да се во памучни чаршафи.

Меѓу нив мора да стојат гранчиња од лаванда и слично како молците не би можеле да ги оштетат.

Интересно е тоа што во Пехчево за време на Иванден, кој е поврзан со летниот сонцестој, односно долгодневицата, носиите се вадат надвор и цел ден ги пече сонце. Инаку досега ниту една од носиите не е користена за никакви цели или пак позајмувана.

simovski-kolekcioner-na-nosii-od-pehcevo-nauciv-i-da-tkaam-pa-izrabotuvam-kompletni-nosii-02 (1).jpg

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Сара Трајковска, ќерката на Борис Трајковски ексклузивно за CRNOBELO: „Омилените спомени со татко ми... „Често му бев верна придружба кога одеше на пазар, а кога патуваше, од секаде ми...
Каменка од Богданци има пилатес студио во Лондон: „Тука лесно се отвора мал бизнис, потоа давачките ... „За време на факултетските години почнав да барам функционален начин на вежбање ...
Ивана Лескароски за тешката животна борба: „По двете загубени деца, посегнав по животот, но Бог ми г... „Моментот кога една жена наместо со бебе во рака завршува само со неговата облек...
Сашо од Битола за животот на Флорида: „Кога си далеку од дома сè ти недостига – но, не знам дали би ... „Бидејќи работев на брод, беше лесно да извадам туристичка виза и да дојдам посл...
Теа Трајковска за CRNOBELO.com: „Предизвик е да се живее само од музика кај нас“ „Од Златно славејче ги носам едни од најубавите детски спомени. Уште како м...
Бобан Пешов речиси 30 години живее во Италија: „Тука сум пораснат, во Македонија повеќе се чувствува... Бобан Пешов (36), по потекло од село Трсино, Виница, се преселил во Италија со с...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg