Роберт Коцев, колекционер на часовници: „150 часовници ме потсетуваат на детство, знам и да ги поправам“

За нив велат дека секогаш се актуелни, но само ја менуваат формата – часовниците. Изминатите петнаесет години низ својата пасија тоа најдобро го искусил Роберт Коцев.

robert-kocev-kolekcioner-na-casovnici-150-casovnici-me-potsetuvaat-na-detstvo-znam-i-da-gi-popravam-02.jpg

Роберт Коцев (53) од Радишани, Скопје е семеен човек по професија офицер на Армијата со чин мајор.

Негово хоби е уметноста со дрво, како и колекционерството на стари часовници и антиквитети. 

Не е сигурен како почнал, но повеќе од уверен е дека со своите 150 часовници изминатата деценија и половина постојано е среќен како дете.

Низ насмевка, за CRNOBELO.com се присетува на времињата кога како дете уживал во звукот од часовникот кој едноставно го смирувал и инспирирал и ни открива детали за своето хоби...

„Толку многу се грижам за мојата колекција што дури комплетно ги проучувам механизмите на часовниците. Многу често знам да го отворам механизамот и да поправам нешто доколку не е во ред.

За жал, многу често се случува некој дел да е скршен, а да нема резервен, бидејќи се работи за антиквитети и така часовникот станува само сувенир“.

robert-kocev-kolekcioner-na-casovnici-150-casovnici-me-potsetuvaat-na-detstvo-znam-i-da-gi-popravam-01.jpg

За него секој часовник има приказна која сама по себе е нераскажлива. Иако ниту еден часовник не наликува на друг, сите се купени од Македонија.

Коцев вели дека не се сеќава со кој часовник почнала целата приказна.

Во тишината која ја разбиваше звукот од 150 часовници во колекцијата на Роберт Коцев, тивко стоеше еден руски часовник.

Тој одамна ја имаше запечатено својата историја. Коцев се присети дека и тој, како и останатите, е купен од локалните пазарчиња.

„Ја имам среќата што многу земји, особено во време на Југославија имаа развиено продажна мрежа во Македонија па често можеа тука да стигнат разни видови на часовници, кои денес се антиквитети.

Повеќето во колекцијата ми се и од земји надвор од Југославија, а добар дел се од брендовите Инсан и Восток“, раскажува Коцев додека ги навива некои од будилниците. Со неизмерна гордост на својата колекција, Роберт вели дека сака на идните генерации да им покаже како некогаш се мерело времето.

robert-kocev-kolekcioner-na-casovnici-150-casovnici-me-potsetuvaat-na-detstvo-znam-i-da-gi-popravam-03.jpg

Пасијата со часовниците ја споил со дарбата за уметност од обработка на дрво.

„Креативноста е таа што ме води. Секој од рачно изработените часовници на дрвена подлога е уметност сама по себе. Во секој од нив целосно сум ја внел мојата моментална инспирација, но и знаење како би го добил тоа што е веќе слика во мојата глава“, раскажува Роберт.

robert-kocev-kolekcioner-na-casovnici-150-casovnici-me-potsetuvaat-na-detstvo-znam-i-da-gi-popravam-04.jpg

Ако часовниците се симбол за време, а за него велиме дека е скапоцено, се чини дека Роберт Коцев е навистина богат човек.

Нè покани на повторна средба и нови приказни за неговите часовници кои само се надополнуваат, но никогаш не заминуваат од полиците.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Д. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Анжелика од Скопје за ракот на дојката: „Се изнаплакав кога ми кажаа, а потоа ги извадив двете гради... „Сама бев појдена на контрола и, искрено, не се сеќавам како стигнав до дома. Се...
Сара Трајковска, ќерката на Борис Трајковски ексклузивно за CRNOBELO: „Омилените спомени со татко ми... „Често му бев верна придружба кога одеше на пазар, а кога патуваше, од секаде ми...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Ивана Лескароски за тешката животна борба: „По двете загубени деца, посегнав по животот, но Бог ми г... „Моментот кога една жена наместо со бебе во рака завршува само со неговата облек...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...
Благица Зикова, мајката на штипската четворка: „Трошиме по 25 пелени на ден, бебињата се мирни и спи... „Најтешко ми беше кога бев сама и немаше кој да ми помогне, па морав да ги храна...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg