Бисера Цуцулова (18) манекенка која студира на ФИНКИ: „Има трикови за да не се сопнеш на писта, кога бев преслаба не се чувствував здраво“
- Детали
- четврток, 20 октомври 2022
„Сум слушала бесконечно многу приказни како девојки кинеле фустани, краделе штикли, глумеле за да ја земат тие круната. Што се однесува до темната страна и слабеењето, порано мислев дека ќе имам повеќе ангажмани ако сум преслаба, но не бев здрава психички и физички, подоцна сфатив дека не е сè до тежината“ - раскажува за CRNOBELO.com Бисера од Скопје, која изминатиов месец се врати со титули од два интернационални натпревари за убавина.
Бисера Цуцулова е 18-годишна девојка од Скопје, која професионално се занимава со манекенство, а паралелно студира на ФИНКИ.
Со манекенство почнала да се занимава од 14-годишна возраст, а иако си ја сака професијата, сепак не е сигурна дали сака да продолжи да се занимава со истото на долгорочен план.
Во интервју за CRNOBELO.com таа раскажува за нејзините последни учества на натпревари, открива трикови за движење на манекенки, а ги споделува и темните страни од професијата.
Од кога се занимаваш со манекенство и како твоите најблиски реагираа на одлуката?
Првпат започнав да работам на 14 години, но ми беше сон од најмала возраст. Гледав ревии наместо цртани, позирав на секоја слика како да е за Vogue Italia, па не ни беше некое големо изненадување за моите родители. Секогаш биле тука да ми помогнат и да ме охрабруваат.
Кога ти беше првиот натпревар за убавина и какво беше чувството? Кој е најтешкиот дел?
Првиот натпревар ми беше Miss Globe 2018, што искрено сега присетувајќи се на тоа, сфаќам дека е пренапорен Мис и дека 14-годишната Бисера воопшто не била подготвена за тоа.
Но, во моментот возбудата преовладуваше и ми останало како едно од најубавите искуства.
https://www.instagram.com/p/CVa7d_jMphl/
Кои се твоите последни учества и успеси?
Изминатиов месец го посветив на учество на 2 интернационални избори за убавина од кои се вратив со титули. Првиот беше добро познатиот Miss Aura International кој се одржа во Rixos Sungaate, Kemer Tyrkiye во период од 12-28 септември.
Тој избор бил еден од најнапорните на којшто сум учествувала. Ама сепак го прифатив предизвикот и се вратив од Анталија со титулата Miss Friendship, односно најпозитивната и друштвена девојка.
Вториот избор беше Miss Balkana каде што учествуваа 38 девојки од цел Балкан и се бореа за титулата. Изборот беше само 5 дена во Бања Лука, Босна и Херцеговина и таму ја добив титулата за 1-ва придружничка на Мiss Earth Macedonia.
Двата избори претставуваа прекрасно искуство за мене, а и гордост за освоените титули. Мисс Балкан беше мој 10-ти избор за убавина, а со оглед на тоа дека имам само 18 години за надевам на многу други натпревари во иднина.
Ти се има ли случено да се сопнеш на писта и нешто слично, како се реагира во такви ситуации?
Да се сопнам никогаш, имам огромен страв од тоа ама со тек на годините научив како да се справувам со ситуациите.
Дали треба да го променам темпото на одот ако пистата е лизгава, дали треба да ги лакирам или лепам кондурите.
Има илјада начини да се одбегне таква ситуација и секој модел треба да ги знае.
Раскажи ни што се случува на изборите за убавина – има ли дружење помеѓу девојките или се чувствува ривалството?
Сум слушала бесконечно многу приказни како девојки кинеле фустани, краделе штикли, глумеле дека се онесвестуваат додека друга девојка добивала круна но, за моја среќа никогаш не сум се нашла да сум сведок на нешто такво.
Мислам дека има повеќе дружење отколку ривалство за време на самиот избор, но после финалето некои девојки автоматски ја прекинуваат дружбата ако ти си земала круна а они не.
Имам само пар другарки низ светот што ми останале и секогаш кога се гледаме има солзи радосници.
Си се соочила ли со некои негативни страни на професијата?
Секоја девојка имала проблеми со диетата и едноставно се гледаш себеси како 3 пати поголема од тоа што си. На почетокот на 2018 бев на неколку кастинзи и не добив одговор од никој.
Бев убедена дека е заради тежината па направив сè што можам за да намалам.
Кога бев 53 килограми на мојата висина од 181cm имав безброј ангажмани ама не бев здрава психички ни физички. Подоцна се уверив дека не е само до килограмите туку до карактерот, харизмата и одговорноста. Сега сум здрава и витална и пак го имам истиот број на ангажмани.
Колку често патуваш и дали тоа ти ги попречувало училишните обврски, како тоа го прифаќале останатите?
Јас патувам премногу. Имам посетено повеќе од 20 држави. Само во 2022 бев во 10 од нив. Тоа ми е страста. Јас сум роден авантурист и уживам во новите култури, луѓе, храна. Не само од моделингот туку и приватно.
Ќе работам интензивно месец-два па ќе ме снема 3. Пред Анталија бев во Шпанија, Унгарија, Франција, Норвешка. Никогаш сум немала проблеми со обврските во Скопје.
Во средно сите мислеа дека сум „бубалица“ и не им се веруваше како постигнувам. Ама едноставно амбициозна сум и workaholic.
Секој што ме познава, знае дека треба да ме праша однапред за некој план бидејќи има голема шанса да не сум тука.
Дали планираш и во иднина да се занимаваш со ова, кои се твоите планови?
Не знам што планирам, мислам дека уште сум млада за да планирам нешто во далечна иднина. Ама знам дека ја обожавам сцената и сакам да настапувам до кога можам.
М. М. | Црнобело