Давид Трајковски, туристички водич за Скопје: „Полјаците се најбројни туристи, ги сакаат Македонците како домаќини, но се жалат за хигиената и бездомните кучиња“
- Детали
- понеделник, 17 октомври 2022
„Полјаците се најбројни туристи, воодушевени се од старата скопска чаршија, ги сакаат Македонците како домаќини, но странците се жалат за хигиената и бездомните кучиња низ улиците на центарот на градот“ – раскажува за CRNOBELO.com Давид Трајковски кој работи како туристички водич низ Скопје, но и други градови во Македонија.
Давид Трајковски (36) е роден во Скопје и живеел тука до 18 години, кога заминал на студии во Полска, а откако се стекнал со титулата Магистер по туризам, се вратил во својот роден град за да започне со работа како туристички водич.
Богатата култура на градот го привлекла да се насочи кон оваа работа, во која на странските туристи им ја презентира македонската култура, преку разглед на Скопје, но и на други градови низ земјата.
Во интервју за CRNOBELO.com Давид ги открива предностите и недостатоците на професијата, впечатоците на странците за Скопје, од што се воодушевени, а од што разочарани...
Како дојде до идејата да бидеш туристички водич за Скопје? Дали водиш тури и низ други градови во Македонија?
Роден сум во Скопје и тука живеев до мои 18 години. Потоа заминав на студии во Вроцлав, Полска каде што магистрирав туризам. Во 2012 год се вратив во Скопје и започнав работа како туристички водич низ цела Македонија.
Од каде најчесто (и колку често) доаѓаат туристи и како те наоѓаат? Како си поврзан со Полска?
Полјаците во последните неколку години се едни од најбројните туристи во Македонија. Сезоната кога тие доаѓаат е доста ограничена од мај до октомври.
Меѓутоа се случува да има и по две групи дневно во Скопје или Охрид. Мојата мајка потекнува од Полска. Што значи дека Полска е моја втора татковина.
На кои места во Скопје задолжително ги носиш странските туристи? И од кои места се тие најмногу воодушевени?
Обично турата ја започнувам на тврдината Кале, потоа се симнуваме во старата чаршија и преку Камениот Мост преминуваме на плоштад Македонија.
Чаршијата е таа која е автентична и им оставам голем впечаток. Но не можат да останат рамнодушни ни на Скопје 2014.
Кои се предностите, а кои недостатоците од оваа професија?
Како предност можеби би го издвоил флексибилното работно време кое дава повеќе слобода. Недостаток е за жал сè уште нерешениот статус на професијата туристички водич како самостојна работа.
Си имал ли некоја интересна ситуација со туристите?
Оваа година за првпат имав група која побара раглед на градот да направиме во 6 часот наутро.
Тие беа по целовечерен пат од Будимпешта и само тоа време им одговараше. За мене беше ново искуство да ги шетам улиците низ Скопје со туристи, додека градот сè уште спиеше.
Каков тип на тури организираш? Има ли некои „тајни“ локации во Скопје кои им ги покажуваш на туристите или се држиш до главните знаменитости?
Повеќето мои групи се организирани автобуски тури низ Балканот, кои имаат неколку часа за разглед на Скопје.
Мојата улога е да им го претставам градот и дел од македонската култура. Најчесто тоа се главните знаменитости, но знам да ги однесам и во некое локално кафуле на традиционално кафе.