Жртва на сексуално насилство, булинг, злоупотребување од родител: Со Кирил Ангелов за „Безсловен“

Го помнам денот кога Кире дојде во нашата канцеларија и рече: „Сакам да зборувам за моето минато јавно, сакам да ги споделам моите трауми, сакам да направиме итнтервју во кое отворено ќе раскажам сѐ и се надевам дека ќе помогнеме некому!“

zrtva-na-seksualno-nasilstvo-buling-zloupotrebuvanje-od-roditel-so-kiril-angelov-za-bezsloven-01.jpg

Така и бидна. Бевме навистина возбудени што ја имаме честа први да ја споделиме оваа искрена приказна.

Тоа интервју се споделуваше масовно, наиде на огромна подддршка од нашите читатели.

Речиси две години подоцна, имавме чест и задоволство, да присуствуваме на првата книга на нашиот тогашен соговорник Кире, „Безсловен“. Книга во која тој ги отвора сите карти и раскажува за сите свои трауми низ годините. 

Со Кирил Ангелов поразговаравме за случувањата во изминативе две години, колку направивме промена со споделувањето на неговата приказна, но и за тоа колку е важно секој да ја прочита „Безсловен“:

Кире, поминаа речиси две години од интервјуто за CRNOBELO.com во кое ни ја раскажа својата траума за сексуалното злоставување кое го имаш преживеано на 9 години, за булингот, за канцерот, инфарктот...

Раскажи ни што се случуваше потоа? Колку ти се промени животот во последниве две години?

Како што напишав во „Безсловен“ фактот дека вие бевте првите кои ми дадоа шанса да ја раскажам својата приказна, предизвика лавина од промени, ослободување, леснотија.

Во тој период се случија многу нешта: малку тешки, но многу олеснителни и убави.

Со новонајдената храброст која беше амалгамирана од сите нешта кои се случуваа тогаш, ја завршив и книгата, работев на себеси, комуницирав со личности кои поминале низ исто или слично, се нурнував во олуи за да ги погледнам траумите во очи, простував, и си простив себеси што низ годините дозволував да бидам погрешно безсловен и да собирам сѐ во себе.

Промените низ животот најмногу беа забележани во мојата суштина и срж. Немаше повеќе закотвувања кои не ми даваа да се издигнам високо, синџирите паднаа.

Но што би правел некој кој бил од свои 8-9-10 години заробен? Би останал на истото место иако сега ослободен.

Како една голема лузна која крвавела некои си 29 години, конечно почнува да заздравува. Но секоја фрикција нејзе ѝ предизвикува повторно крвавење, и затоа мора да биде оставена сама по себе, без брзање, да заздрави.

Затоа полека, низ овие две години, зачекорував нанапред, искусувајќи го животот одново, како што требаше да биде тогаш кога бев дете, без трауми.

zrtva-na-seksualno-nasilstvo-buling-zloupotrebuvanje-od-roditel-so-kiril-angelov-za-bezsloven-04_1.jpg

Дали те контактираа луѓе со слични судбини? Сметаш ли дека успеавме да помогнеме некому?

За мое изненадување, ме контактираа многу личности кои поминале низ исти или слични тегоби.

Доволно е некогаш на човек кој поминал низ тоа да му дозволиш да ти раскаже, да поразговарате, да споделите исти стравови, тегоби, мисли. И тоа помага во олеснувањето.

Некои од тие личности ги знам цел живот и кога ми се доверија дека поминале низ ист пекол, за мене беше шок. Но тој шок е само одговор на тоа дека навистина не знаеме низ што некој поминува, што чува во себе, како заспива навечер.

Сè уште сме затворени во општество коe не само што нема систем на третирање на жртви на сексуално насилство, но не го става тоа ни како приоритет, не го ни препознава како нешто важно.

Некои од тие личности ми пишаа дека интервјуто кое го прочитале на CRNOBELO им помогнало за да си признаат себеси дека навистина тоа им се случило и нив, да работат на нивните трауми, и да излезат како победници со триумф. Поради вас, секако, успеавме да помогнеме.

zrtva-na-seksualno-nasilstvo-buling-zloupotrebuvanje-od-roditel-so-kiril-angelov-za-bezsloven-08.jpg

Конечно излезе од печат твојата прва автобиографска книга „Безсловен“ – зошто секој треба да го прочита ова дело? Колку храброст беше потребна за да го споделиш целиот живот јавно? Колку време ја пишуваше книгата?

Верувам дека секој треба да ја прочита „Безсловен“ бидејќи не само што е автобиографска книга, тоа е сплет на приказни кои се одраз на нашето општество.

За жал, сè уште останува фактот дека ние сме генерации израснати во трауми и секој од нас крие некоја болка и тага.

Во „Безсловен“ се соголувам себеси за да можам да ја покажам таа жива лузна, и да можам да поттикнам секој да си ја раскаже својата приказна, за да најде мир, среќа, љубов. И да прости.

Храброста дојде неочекувано и тивко.

Во самото дело раскажувам како кога поминував низ сите трауми низ детството, ќе беше многу полесно да имав нечија приказна (лично искуство) во кое ќе барав утеха; да можев да прочитам туѓи животни приказни, да држев туѓи болки во раце, и да знаев дека не сум сам.

Растејќи во затворен град во кој не говореше за трауми и болки, јас навистина верував дека сум единственото момче кое некогаш било сексуално злоупотребувано и кое поминало низ сите трауми. И најстрашно од сè, верував и дека го заслужував тоа.

Впрочем, жртвите на сексуално насилство (или какво и да било психичко и физичко насилство) се соочуваат со тие демони: дека го заслужиле тоа што им се случило. И тоа е многу тажно уверување; тоа е многу тажна вистина која е одраз на општеството, на светот во кој живееме.

Храброста избликна од првичниот порив и мотив. Да можам да оставам нешто некому. Раскажаната приказна да може да помогне некому, да утеши, да сплоти. Ако помогне ова дело само на едно дете, само на една личност, јас ќе бидам пресреќен.

zrtva-na-seksualno-nasilstvo-buling-zloupotrebuvanje-od-roditel-so-kiril-angelov-za-bezsloven-01_2.jpg

Храброста дојде и со излекување од траумите. Полека се искрадуваше насетувајќи ја мојата потреба да се ослободам од сите тегоби кои само ме туркаа надолу.

Имаше и двоумење и страв. А тие беа поттикнати од природата на осудување и исмејување од општеството. Но кога некој ќе се соочи со смртта, и кога ќе ја види в очи, тогаш се руши сѐ.

Се навраќав на „Безсловен“ неколку години. Нешто повеќе од две години се трудев да ги доловам сите нешта на хартија, и да ја пренесам и пораката за простување и последователно ослободување на сите болки низ тој храбар чекор.

Дека низ простувањето ние не само што ги ослободуваме оние кои ни нанеле зло, туку се ослободуваме и себеси.

За да можеме да продолжиме да живееме во радост и мир. На крај, љубовта победува сѐ.

Најважно од сѐ ми е да може оваа книга да биде како утеха на некое дете (или сега возрасна личност) кое поминува (или поминувала) низ исто или слично. За преку моето искуство да знае дека не е само, не е оставено и не е единствено.

Да знае дека низ сета таа темнина, има светлосен бран кој треба само да дозволи да го понесе во радоста, преку ослободувањето на траумите. Дека борбата е тешка, долга, и крвава, но наградата е неопислива.

Како се чувствуваш сега, откако, да речеме дека затвори една страница со издавањето на книгата?

Ова е интересно прашање. Во мене моментално струјат чувства на ослободување, радост, возбудлива неизвесност, леснотија.

Како конечно да се прегрнале малиот Кирил од 9 години и Кирил од 38 години.

zrtva-na-seksualno-nasilstvo-buling-zloupotrebuvanje-od-roditel-so-kiril-angelov-za-bezsloven-02_1.jpg

Како сега да почнувам да ги чувствувам сите оние детски емоции кои ми биле насилно одземени. Се трудам да не чувствувам гнев и тага дека толку многу години ми поминале во грч, парализа и изгубени шанси, но да почнам со благодарност да живеам, чувствувајќи само мир, радост и љубов.

И токму на тоа мислам кога кажувам дека сум многу благодарен на Бога што ми се случи канцерот и инфарктот предизвикан од хемотерапијата.

Бидејќи да не се случеше тоа, јас немаше да имам „истурање“ на сите тие трауми и отворање на мојата „Пандорина кутија“ и сите сандаци.

За жал, така е со нас луѓето. Само тогаш кога ќе ни се случи нешто лошо, ние прогледуваме, очите ни се отвораат, и потсвеста ни се обраќа јасно.

Се чувствувам како сега да започнувам да живеам, онака како што секогаш требало.

Што би им порачал на сите оние кои делат „слична судбина“?

Секој има своја приказна, секој има свое темпо на излекување. Единствено што можам да порачам е постојано самоспознавање и себеиспитување.

Бидејќи преку тоа доаѓаме до суштината на нештата, и колку и да е тешко, ги гледаме сите болки во очи. И само така, со тоа храбро соочување, ние почнуваме да се лечиме.

Најважно е да се имаат оние вистинските пријатели покрај себе, кои ќе чекорат со нас, ќе ни помагаат, ќе нè ислушуваат, ќе ни бидат карпата за потпирање кога ние не можеме да се додржиме.

И конечно, она најтешкото и најголемото: простувањето. Можеби звучи премногу идеалистички и „розово“ но навистина е така.

Моментот кога јас им простив на сите, си простив и себеси. Со простувањето не ги ослободив само нив, туку се ослободив и себеси. Простување, љубење, и добрина. Така може да се победи сè.

zrtva-na-seksualno-nasilstvo-buling-zloupotrebuvanje-od-roditel-so-kiril-angelov-za-bezsloven-07.jpg

Имаш ли план да продолжиш да пишуваш?

Уште откако паметам за себеси јас пишувам. Во фиока стојат многу приказни кои би сакал да ги отклучам и ослободам.

Додека поминував низ траумите, тоа ми беше големо спасение, но за жал токму поради тие трауми, несигурности, болки, јас не успеав да објавам ништо.

Како што сум благодарен кон вас како портал за шансата првично да ја раскажам својата приказна, така сум благодарен и на тимот на Сакам Книги што ми дадоа шанса да се раскажам себеси низ страниците на „Безсловен.“

За жал, на 366 страници не успеав да раскажам сè, а остатоци од минатото има.

Затоа веќе работам на втор дел, кој за мене е уште поослободувачки од првиот. Како еден подарок, кој само сакам да остане за оние кои поминале низ истото.

© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Е. П. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Милица Павловиќ за CRNOBELO: „Немам емотивен партнер, можеби Македонец ми е судбина“ „Да не беа моите баба и дедо, немаше да сум толку решителна. Нивните крилја ми б...
Саша Матиќ за CRNOBELO: „Кога сопругата не е дома, со ќерките секогаш правиме ‘фешта’“ „Сите овие години балансирам меѓу семејството и музиката. Се навикнаа и тие и ја...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg