Интервју со Сашко Коцев: „Признанието од филмските работници има посебна тежина“
- Детали
- среда, 15 јуни 2022
Неодамна заврши четвртото издание на манифестацијата „Златна рамка“ во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија.
Од година во година се зголемува посетеноста на фестивалот, а годинава публиката можеше бесплатно да погледне осум македонски филмови од минатогодишната продукција, од кои три долгометражни филмови, еден документарен и четири краткометражни филмови. Во рамките на манифестацијата, ДФРМ ги додели и традиционалните почесни награди „Златна рамка“, а признанието филмски актер на годината му припадна на реномираниот и прославен македонски актер Сашко Коцев.
Добитник сте на годинашната почесна награда „Златна рамка“ за филмски актер. Дали го очекувавте ова признание и што тоа значи за вас?
Наградата „Златна рамка“ не можам да кажам дека ми дојде како изненадување, затоа што човек кога работи, секогаш очекува нешто да се врати назад. Никој не работи за награда, секој работи заради тоа што си ја сака својата работа, но сепак кога ќе добиеш признание во трката со другите или со самиот себе, наградата може да биде и најголем аплауз, но и најубав коментар. Сепак, кога ќе ја добиеш наградата во раце и ќе ја опипаш, тоа е посебно чувство и особено ми е драга оваа награда која што е од Друштво на филмски работници, затоа што е доделена како признание од луѓето кои што ме гледаат додека работам.
Не само публиката, онаа која што ти се восхитува или те критикува на филмското платно, туку признание од луѓето кои што се зад камерите, кои што точно знаат како си стигнал до улогата, каков фактор си, што се случува во твојата актерска кариера, кои се твоите подеми, падови, каков си и како човек и како си стигнал до добар резултат. Многу и благодарам на целата таа екипа зад камерите, која во голем процент е заслужна за еден актер да ја добие оваа награда за најдобар филмски актер. Тука спаѓаат луѓето од сите сектори, од продукција па до најниските сектори, како возачите.
Во изминатите десетина години имавте неколку извонредни актерски остварувања на филмското платно. Кои филмски улоги ви се најдраги?
Во моментов очекувам пет филмски премиери. Едниот филм е снимен во Словенија, потоа филмска премиера во режија на Вардан Тозија, филмот „Мими” на Даријан Пејоски, краткометражен филм на Ѓорче Ставрески и уште еден долгометражен во режија на Кристијан Ристевски. Тоа значи четири долгометражни и еден краткометражен во постпродукција, кои нестрпливо ги очекувам и тоа се всушност последните улоги кои што сум ги остварил, а пред тоа има уште некои триесетина. Ниеден актер не верувам дека ќе каже која улога му е најдрага, бидејќи секоја улога за еден актер е како негово дете, нешто за што се грижел, го израснал и го понудил на публиката да го види и да доживее нешто повеќе од секојдневниот живот.
Можам само да кажам која соработка ми е подрага. Иако секој филм за еден актер е како да научил едно посебно ново школо, посебен еден свет, нова вселена, така што не би можел да издвојам ниту едно филмско остварување. Многу сум среќен дека низ годиниве сум имал можност да работам со сите наши најголеми и најпознати филмски имиња, како Столе Попов, Иво Трајков, Даријан Пејовски, Вардан Тозија, Слободан Унковски, Антонио Митриќески, Кристијан Ристевски и буквално сите што се на нашата филмска сцена. Ја имав таа привилегија да минам низ доста различни и сценски естетики и можеби тоа ме прави актер кој не се конзервирал и си рекол „Еве ја сум најдобар, и веќе не работам на себе”, туку актер кој секогаш е самокритичен и бара нешто ново и нешто повеќе.
Во текот на вашата кариера глумевте и во голем број театарски претстави. Дали повеќе ви лежат филмските и телевизиските улоги или оние во театарот?
Работам претежно во театар, член сум на Македонскиот ансамбл на Народниот театар, а секако снимам и доста филмови и серии. Не би можел да издвојам која од овие две актерски дисциплини ми е подрага и која повеќе би ја работел. Да кажеме дека театарот е мојата ментална дисциплина, бидејќи морам да бидам таму секој ден, да играм претстави и да примам доза од аплаузот на публиката. Театарот е моето највозбудливо доживување и најголемо животно доживување. Тоа е еден нов свет кој што не можеш да го видиш и не очекуваш никаква реакција во моментот, па затоа е посебно возбудлив и не би можел да кажам што е ми е подраго.
Што работи во моментов Сашко Коцев и дали подготвувате некоја нова улога?
Во моментов работам на подготовки за две серии, едната е во режија на Вардан Тозија, а другата е во режија на Ѓорѓе Унковски, со продукцијата на ОХО. Детали не би можел да откривам, затоа што се во фаза на препродукција, но за брзо време, до есента оваа година и тие ќе имаат свои премиери, и тоа навистина многу ме радува. Закажани се два кастинга за два филма, а како што знаете, театарската сцена преку лето е малку сублимирана, па ќе се видиме на сцената на Македонскиот народен театар од септември.