Благица од Богданци е возач на камион: „Професијата ја наследив од татко ми, сите беа скептични дека ќе се справам со толкаво возило“
- Детали
- недела, 01 мај 2022
„Сѐ додека една девојка може да вози камион, се разбира дека може да вози и со штикли. Жена си – можеш сѐ! За случајните минувачи жена возач на камион е чудо невидено, а колегите многу ми помагаат, иако првиот ден беа изненадени дека жена ќе вози“ - Благица Тасевска од Богданци е една од ретките жени во Македонија што руши стереотипи и работи како професионален возач на камион. Таа во интервју за CRNOBELO.com открива со какви предизвици се соочува на работното место и како успева да се справи со толку големо возило.
Во минатото Благица возела само низ Македонија, а во последните два месеца почнала да вози и низ странство. И на сонце и на дожд, но и во услови на снег таа управува со камионот и ја работи својата работа, подеднакво добро како и мажите возачи.
Во интервју за CRNOBELO.com таа раскажува како кај неа се родила желбата да почне да се занимава со оваа професија, со кои предизвици се соочува, а откри дали може да вози камион и со штикли.
Колку време работиш како возач на камион и како дојде до тоа да ја избереш токму оваа професија?
Како возач на камион работам од 2017 година. Професијата на мојот татко, кој е исто така професионален возач на камион, беше пресудна за она што би сакала да работам, односно да бидам возач и јас.
Додека бев мала постојано одев со татко ми, сакав да се возам со него и ми беше доста интересно.
Уште од мали нозе се роди оваа желба кај мене и прерасна во изборот за мојата идна професија.
Како реагираа најблиските кога одлучи да почнеш да возиш камион, имаше ли некој кому не му се допаѓаше твојата одлука?
Сите мои роднини, а пред сѐ моите родители беа скептични, воедно и изненадени во врска со мојот избор на професија и одлука.
Се сомневаа дека девојка може да се справи со толку огромно возило.
Но, сепак, никој не се спротивстави на мојата одлука, туку напротив сите ме охрабруваа да се борам и да успеам.
Како реагираат колегите, а како случајните минувачи на улица кога ќе видат жена возач на камион?
Првиот ден моите колеги беа изненадени и зачудени, и не можеа да си поверуваат дека една девојка може да се справува со големо возило - камион, со влечење на церада и сите останати предизвици кои ги носи оваа професија.
Многу брзо ме прифатија и секогаш кога имав потреба од помош тие ми беа десна рака.
За случајните минувачи, жена-возач на камион е чудо невидено. Се вртат по повеќе пати за да се осигурат во тоа што го виделе нивните очи. Имаше многу реакции и коментари, а најголем дел беа позитивни и охрабрувачки.
Те прифаќаат ли или сè уште постојат предрасуди дека тоа е само машка професија?
Кај нас сѐ уште постојат предрасуди дека ова е машка професија и дека девојка тешко ќе се снајде. Но, тоа е само овде, во Македонија.
Во Европа скоро секој трет возач на камион е девојка, и тоа е сосема нормално за разлика од кај нас.
Мислам дека полека почнуваат да се надминуваат овие предрасуди и дека ова ќе ги охрабри сите девојки кои сакаат да бидат возачи на камион, да не се откажуваат од своите соништа.
Како се справуваш со малите дефекти на камионот?
Секако не е лесно, и оваа професија, како и секоја друга си има своја тежина. За проблемите по пат, како пукната гума или дефект на камион, во странство постојат посебни служби.
Кога патуваш во странство колку време отприлика остануваш надвор од земјата и колку часа дневно ги поминуваш во возење? Каква музика слушаш додека возиш?
Кога патувам во странство, надвор од земјава останувам околу 15-тина дена.
Дневно возам по 9 часа, а правам по 3 паузи од 45 минути.
Секогаш слушам музика додека возам, расположението секогаш е „на ниво“. Инаку слушам секаков тип на музика, немам посебно омилен жанр.
Може ли камион да се вози со штикли?
Сѐ додека една девојка може да вози камион, се разбира дека може да вози и со штикли. Жена си – можеш сѐ!
Дали оваа професија би ја препорачала и на други жени?
На сите девојки што имаат желба за оваа професија, им препорачувам воопшто да не се двоумат, бидејќи ништо не е невозможно и ништо не е толку тешко како што изгледа.
Моето животно мото е: „Не ми пречи што живеам во машки свет, сѐ додека во него можам да бидам жена.“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело