Браво! Македонец смисли апликација со која нашата држава ќе биде почисто и поздраво место за живот
- Детали
- среда, 20 април 2022
„Целта на апликацијата „Селектирај отпад“ е да помогне при селектирање и собирање на селектираниот отпад од домаќинствата и да ја направи Македонија почисто и поздраво место за живот за сите нас“, вели младиот ентузијаст Марио Томов (30) oд валандовско, чија идеја била поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој. Браво, ваква младина сакаме!
фото: Александар Митев
Марио Томов (30) oд валандовско, по струка дипломиран економист, е идеен творец на апликацијата „Селектирај отпад“.
Неговата идеја била поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој, а софтверскиот код за апликацијата го кодирала „outsourcing“ компанија.
Апликацијата на почеток почнала да функционира само на територија на Валандово, сега веќе активно се работи и во општина Ѓорче Петров, Центар, Карпош, Аеродром и Кисела Вода во Скопје, а наскоро ќе има и други нови локации низ цело Скопје.
Проговорвиме со Марио околу идејата за апликацијата, целта и начинот на функционирање:
Од каде идејата за апликацијата „Селектирај отпад“, колку време ја изработуваше и која е целта?
Идејата за селекција на отпад постои подолго време. Исто така „Селектирај отпад“ е поддржана од Фитр – Фонд за иновации и технолошки развој, каде што се чекаше да го одобрат проектот, па се чекаше да се кодира софтверскиот код. Од идеја до лансирање поминаа околу 2 и пол години.
Целта на „Селектирај отпад“ е да помогне при селектирање и собирање на селектираниот отпад од домаќинствата и да ја направи Македонија почисто и поздраво место за живот за сите нас.
Што подразбира селектирањето отпад?
Преку „Селектирај отпад“ може да се селектира пластика, хартија и лименки. Бидејќи не секоја пластика може да се рециклира, на апликацијата има детални упатства што е дозволено, а што забрането за селектирање.
Која е процедурата откако луѓето ќе го селектираат отпадот во својот дом?
Процесот на селектирање преку „Селектирај отпад“ е многу лесен и едноставен. Заинтересираните за да почнат со селекција прво треба да ја симнат апликацијата од Play store или App store.
Креираат профил и во делот на селектирај може да ги видат термините и локациите кога и каде се наоѓа нашиот собирач за да подигнат празна ќеса.
Секоја ќеса има QR-код, што селектирачите го скенираат кога ќесата е полна. Скенирањето на QR-кодот го прават повторно преку делот селектирај или закажи, одбираат термин кога би го предале селектираниот отпад и таму им излегува опција скенирај QR-код.
Го предаваат отпадот на собирачот и за секоја предадена ќеса добиваат 35 поени кои ги носат на ранг листа. Еднаш месечно избираме топ 5 селектирачи од ранг листата кои ги наградуваме со парични ваучери. Прво место добива 2.000 денари, второ и трето по 1.000, четврто и петто место по 500 денари.
Каде функционира „Селектирај отпад’?
Во моментот „Селектирај отпад“ функционира на територија на општина Ѓорче Петров, Центар, Карпош, Аеродром и Кисела Вода во Скопје и во Валандово.
Заинтересираните можат да го заследат профилот на „Селектирај отпад“ на Фејсбук и Инстаграм, каде редовно објавуваме за сите новости и актуелности во врска со нашите активности.
Најголемиот чекор кој го направи досега со апликацијата е...
Најголемиот чекор е што „Селектирај отпад“ секојдневно помага за подигање на свеста за важноста на селектирањето и чувањето на животната средина.