„Немојте да ги казнувате и наградувате децата, нема ефект“: Интервју со Марија Илкоска, едукатор на родители за позитивна дисциплина
- Детали
- четврток, 03 февруари 2022
Марија Илкоска (28) e специјален рехабилитатор и едукатор на родители за позитивна дисциплина. Воедно е мајка на две дечиња на возраст од 3 ипол и 1 ипол година.
Нејзините совети и искуства редовно ги споделува на својот Инстаграм профил.
Со неа поразговаравме на неколку теми кои ги интересираат сите родители – како да поттикнат самостојна игра со децата, какви игри да одберат и како да се справат со тантрумите без да избувнат.
Како во кратки црти ја објаснуваш „позитивната дисциплина“? Кој е најдобриот начин за родителите да почнат да го применуваат овој начин на воспитување?
Позитивна дисциплина е модел на воспитување кој е ефективен долгорочно. Во овој модел не се применуваат инстант решенија кои се насочени на решавање на проблемот само во моментот, а се штетни во иднина како што се казната и наградата. Позитивната дисциплина не се концентрира на проблемот, туку на решението.
Родителите не се попустливи, не се ни строги, туку се држат до некоја средина. Им обезбедуваат на децата чувство на припадност и сигурност; ги учат, водат и охрабруваат во стекнување вредности и вештини потребни за цел живот, како што се самодисциплина, самоконтрола, одговорност, соработка, вештини за решавање проблем итн.
Начин за родителите да почнат да го применуваат овој модел или едноставно да научат нешто ново и корисно е соодветна едукација.
Да, тешко е да се биде трпелив родител. Но, родителството е во најголема мера работа на себе. Родителите се исправени пред бројни предизвици и потребни им се вештини да се снајдат во таа улога.
Доволно е да бидат свесни за недостатоците и слабостите и да се трудат да се менуваат.
Секој може да се промени, да стекне нови вештини, нови навики и да гради нов и подобар пристап кој одговара на детето, а за добро и на родителот и на детето.
Јас не се сметам за трпелива личност, а често реагирам импулсивно и со тоа се борам.
Но - секогаш потешко поминувам кога од слабост го користам традиционалниот модел на дисциплинирање и неговите методи (казна, уцена, закана, омаловажување), се фаќам во круг каде и јас и детето стануваме само полоши, ситуацијата не се решила, однесувањето се влошило и никаков ефект нема, напротив.
Додека пак кога ќе застанам, размислам, кога ќе се потрудам да останам смирена и да постапам разумно и соодветно на ситуацијата, тогаш многу полесно и побрзо се справувам и ефектите се видливи.
Посветена си на своите деца и ефективно поминуваш време со нив. Неодамна спомена дека одлучуваш тие да не одат во градинка туку да бидат подучувани од твоја страна дома. Дали сметаш дека децата ќе наидат на проблеми со социјализација понатаму?
Решив да не продолжам да работам надвор од домот и да останам дома со децата. Секојдневието ни е богато исполнето. Сѐ си има свои предности и недостатоци, така и кога е во прашање градинката.
За нашето семејство предностите од мојата одлука беа поголеми во споредба со тоа децата да одат во градинка. И тоа од многу аспекти. Секако, доколку човек е приморан или сака да работи, тогаш градинката е солидна опција.
Реакциите на оваа тема беа различни. Има мајки кои се охрабрија во изборот да останат дома, има и такви кои сметаат дека градинка е клучот за социјализација, самостојност и ред кај децата.
Веројатно сите ние имаме различна дефиниција за овие поими.
Мојата е дека децата се социјализираат, се охрабруваат да истражуваат и учат, да се осамостојуваат и соработуваат тогаш кога се чувствуваат безбедно и сигурно.
Не знам дали во иднина моите деца ќе бидат социјализирани, но сигурно тоа нема да се должи на градинката.
Она што можам да кажам за фактичката состојба е дека иако не одат во градинка, се дружат со деца кои им одговараат и со кои сакаат да поминуваат време.
Да, се надевам дека нема да имаат проблем во социјализација, но од аспект на проблемот со несоцијализација поради екрани.
Во однос на самостојност во моментов, можам да кажам дека соодветно на возраста се доволно самостојни, соработливи и почитуваат ред и рутина.
И тоа не е затоа што дома негуваме војничка дисциплина, односно наметнуваме и форсираме да бидат самостојни. Напротив, даваме доволно слобода, но ги поттикнуваме, вклучуваме, воспоставуваме рутина и поставуваме граници..
Останатите работи се случуваат сами по себе.
Самостојната игра на децата е нешто на што укажуваш постојано. Кој е најдобриот начин да се поттикнат децата на истата и што кога постојано бараат мама и тато да бидат вклучени во игрите?
Така е, самостојната игра е многу важна. Особено затоа што живееме во време кога децата немаат простор да се досадуваат, дали поради бројните активности надвор од домот или поради тоа што родителите постојано играат со нив дома.
На мојот курс за самостојна игра споделувам совети како родителот да поттикне таква игра.
Истовремено, да негува однос кој ги задоволува потребите на детето, но да постави граници и да му даде простор на детето да се развива преку времето поминато само со себе.
Распонот на внимание за секоја возраст е различна, но истиот не треба да се поистоветува со време поминато во самостојна игра.
Нема правила, колку повеќе се поттикнуваат и им се дозволува да играат, толку повеќе време ќе поминуваат во таква игра.
Децата имаат потреба од самостојна игра, сакаат да си играат сами и имаат способност самостојно да се фокусираат уште од првите денови по раѓањето. Тоа е многу природно и здраво.
Но, родителот честопати ја занемарува таа способност на бебето и од прв ден почнува да го стимулира затоа што смета дека тоа е неопходно за правилен раст и развој.
Честопати доаѓа до прекумерна стимулација. Таков родител бев и јас. На почетокот мислев дека мојата улога е клучна и дека ако не го анимирам бебето постојано нема да се развие соодветно.
Тоа е од една страна поради притисокот од околината во која тоа е чест случај, од друга страна затоа што не веруваме доволно дека бебето е способно и има капацитети.
Родителот треба да го следи детето и да ги забележува сигналите. Кога расчистив со тие две работи и почнав да поттикнувам самостојна игра, се променија многу работи. Како што знам да кажам често, јас здивнав, а бебето се ослободи.
Поради тоа, сметајќи дека има потреба да го пренесам она што го знам за важноста на самостојната игра, причините поради кои постојано бараат мама и тато да играат со нив, како и за начините на нејзино поттикнување, го направив курсот во кој досега учествуваа околу 150 родители.
Наредната група, која најверојатно ќе биде и последна ќе започне крајот на февруари.