Бојан Ковски, уметник што слика на човечко тело: „Едно тело го сликам 5-6 часа, имам работено и за спот на Дино Мерлин“
- Детали
- четврток, 13 јануари 2022
Авангардната уметност на Бојан Ковски го привлекува вниманието на секого, посебно неговиот проект со „боди-пејтинг“ – сликање на човечко тело кој со години го претставува на македонската публика и ги руши стереотипите поврзани со овој вид на уметност.
Во продолжение следува разговор со Бојан, кој за CRNOBELO.com ни открива повеќе за изложбата „Метаморфоза“, процесот на сликање и бирање на модели…
Бојан пред самиот крај на 2021 година ја постави својата изложба „Метаморфоза“ во Младински културен центар во Скопје и она што таму беше претставено навистина ги воодушеви луѓето… Но, како увертира во разговорот ќе се навратиме во минатото. Од кога почна да се занимаваш со „боди-пејтинг“ или сликање на човечко тело?
Јас со „боди-пејтинг“ се занимавам веќе 5 години, поточно од 2016 година и тоа беше многу спонтана одлука која ми овозможи прекрасни искуства. Седевме дома со другар ми, ни беше прилично здодевно и тука се роди некоја идеја во стил: „ајде да ме црташ“.
И така, едноставно се случи и тоа беше моето прво „боди-пејтинг“ искуство. Го снимивме целиот процес и направивме и неколку фотографии, а материјалот го презентирав на Модел ТВ, каде што работев тој период.
Тогаш почна сè. Снимивме неколку „боди-пејтинг“ епизоди со цел да има минисеријал кој ќе се објавува на телевизијата. Потоа телевизијата се затвори, а јас почнав самиот да си ја испишувам својата приказна.
Почнаа да ме викаат да бидам дел од различни перформанси, добивав покани од компании и ми излегоа уште многу други соработки со личности кои се заинтересирани за сликање на тело.
И после многу вложен труд и часови и часови посветени на цртање ја направи и својата самостојна изложба, „Метаморфоза“. Меѓутоа, какви беа првите реакции кога на времето го презентираше својот „боди-пејтинг“ проект?
На многумина не им беше јасно на почетокот, се прашуваа што е ова, велеа дека тоа е вулгарно, демек се шетаат голи луѓе… Ме бомбардираа со прашања: Зошто ти се соблекуваат? Нели им е срам? Нели ми е мене срам да се занимавам со ова?
Беа малку бурни реакциите. Посебно што на секое интервју ме прашуваа како ти се соблекуваат моделите? Еднаш, за време на едно интервју во живо, го добив истото прашање и јас едноставно одговори: „Ќе излеземе јас и ти на пијачка, а после и ти ќе ми се соблечеш“.
Од тогаш до денес никој повеќе ми го нема поставено ова прашање.
На изложбата имаше десет различни платна со боди-арт, како и две живи скулптури кои комуницираа со посетителите и ги забавуваа. На кој начин ги избра моделите што беа дел од изложбата „Метаморфоза?“
Во последно време мене ми е многу лесно да најдам модели. Многу луѓе се заинтересирани и сакаат да бидат модели за боди-арт. Така што немав никакви тешкотии околу тоа. Во овој случај беше пресудно тоа што јас одлучував кој сакам да ми биде модел, отколку кој добро би ми влегол во концептот.
Јас имав одреден концепт за изложбата и со тоа имав замисла како сакам да изгледа тоа. Моделите ги наоѓав отпосле, кога сè беше решено. Му приоѓав на самиот модел, му кажувам дека сакам да биде дел од проектот, му ги кажував деталите и толку… Сè беше лесно. Немаше отворен повик за модели, ниту пак се мачев при потрага по нив.
За целиот период додека ја подготвував изложбата јас пораснав на секој можен начин. Од тоа колку технички бев подготвен од самиот почеток до крај, ми се сменија размислувањата на мене како „боди-пејнтер“ и мојата техника како боди-артист, се остварија многу искрени пријателства помеѓу мене, моделите и остатокот од екипата…
Колку време ти е потребно за целосно сликање на човечко тело?
Од прилика целата процедура трае околу пет-шест часа, а некогаш и повеќе. Зависи и кога е закажана фотосесијата. На крајот од денот доаѓа и моментот колку време имаш.
На пример за спотот на Дино Мерлин имав 4 часа за 10 модели. Со турбо работа може да се постигне многу побрзо, но деталите нема да бидат исти кога се работи без притисок и ограничено време.
На кои твои проекти си посебно задоволен?
Секако, на изложбата „Метаморфоза“ сум најгорд досега. Претходно, проектот со Дино Мерлин, првично спотот, а потоа и концертот што го работевме заедно.
Како што се движам јас и како што се препуштам на предизвици, така и јас станувам подобар и погорд на она што го оставам зад себе.
Пред да почнеш да црташ нечие тело, подготвуваш ли скици, замислуваш ли како ќе изгледа крајниот резултат или едноставно се препуштат четката и боите да те водат во креативниот процес?
Јас не сум човек што прави скици, а и да направам скица знам дека истата ќе ја променам стопати за време на изработка на телото. Најдобро е за мене кога имам целосна слобода, отколку да се водам според замислена скица која на крај нема да ми донесе резултати од кои ќе сум задоволен.
Секој креативен процес е проследен со грешки. Како ти се справуваш со нив?
Хм, „боди-пејтингот“ ти е исто како шминкање. Боите со кои сликам лесно се бришат, така што секоја грешка може да се поправи.
Јас не сум оној што претерано сака да ги поправа, зашто сметам дека грешките се дел од секој процес на цртање на тело. И да се случи грешка, оставам тоа да го поправам со тоа што ќе нацртам нешто друго или ја вклучувам грешката како дел од целината. Избегнувам да бришам.
После сите позитивни реакции, верувам дека многумина би сакале да ја научат оваа техника на сликање на човечко тело. Имаш ли желба да организираш работилница каде ќе го споделиш своето знаење со другите?
Да, имам во план да организирам работилница во текот на годината. А, кога станува збор за подучување, јас веќе тоа го правам долго време.
Имам и свој асистент и луѓе што ми помагаат, сакам да го издвојам Харис Салкоски е тука со мене од самиот почеток. Тој многу ми помогна при снимањето на спотот на Дино Мерлин, па од тогаш наваму е присутен на секој боди-арт што го работам.
Што следува во 2022 година?
Следниот период сакам да се вратам малку кон масло на платно, моментално подготвувам таква изложба, која треба да се реализира во текот на годинава. Тоа би одело во комбинација со „боди-пејтинг“.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х | Црнобело