Иван од Куманово игра американски фудбал и заедно со екипата се обидува да го прошири спортот во цела Македонија

„Најпрво, краткорочната цел е да се прошири овој спорт на ниво на цела Македонија, почнувајќи од Скопје, а понатаму сонот за репрезентација во флаг фудбал и натпреварување против најсилните европски или светски екипи живее во нас и ќе се посветиме тоа да се оствари“ - раскажува за CRNOBELO.com Иван од Куманово, еден од групата млади кои се обидуваат да го донесат и актуелизираат американскиот фудбал како спорт во нашата земја. 

ivan-od-kumanovo-igra-amerikanski-fudbal-i-zaedno-so-ekipata-se-obiduva-da-go-proshiri-sportot-vo-cela-makedonija-01.jpg

Станува збор за група млади луѓе со различни интереси и возрасти, а ги поврзува една работа – љубов кон американскиот фудбал, желба за натпревар и спортски дух без кој една таква игра не може да функционира во приспособени услови.,

На нивната Фејсбук страница секогаш се достапни за секакви информации и прашања.

Во продолжение следува разговор со Иван, дипломиран агроинженер и студент на мастер студии на Факултет за земјоделски науки и храна, кој ни открива како ги мотивирале луѓето да им се придружат, со кои предизвици се соочувале и какви се шансите за формирање на лига и репрезентација во Македонија.  

Од каде идејата и желбата американскиот фудбал да почнете да го играте и на домашен терен?

Со спортот се запознав пред некои 8 години кога случајно „налетав“ на реприза од некој натпревар во текот на летото.

Тоа беше љубов на прв поглед бидејќи спортот не го гледам површно и веднаш сфатив дека зад физичкиот аспект којшто доаѓа во прв план стои доста интересен тактички аспект што веднаш ме заинтригира.

По краток период во којшто не бев во можност да го следам спортот, дојде таа 2015 година кога спортските програми на овие простори повторно почнаа со директни преноси, што мислам дека беше клучно да се прошири интересот кај нас.

Заедно со Александар Андевски кој го познавам одамна сфативме дека кај нас има одреден број на фанови на ФБ страната НФЛ Македонија каде што веќе има некој вид на заедница.

Момците од таа страна освен секако фантази лига организираа и флаг фудбал натпревари, на кои за жал бев спречен да присуствувам, но времето ќе покаже дека тоа беше основата за неколку години подоцна да дојде до иницијатива од наша страна.

ivan jakimovski igrac na amerikanski fubdal formiranje na ligata e polesno otkolku formiranje na makedonska federacija na amerikanski fubdbal 5

Во втора година решивте да основате фантази лига со луѓе од Куманово, како се одвиваше собирањето на луѓе и оформување на тим?

Фантази лигата ја спомнав бидејќи јас и Аце сме љубители на фантази игрите, а тоа беше можеби клучно за развитокот на таа „заедница“ во Куманово, бидејќи на тој начин многу од луѓето кои се дел од нашиот тим токму на тој начин за првпат се запознаа со американскиот фудбал.

Првата сезона бевме дел само од НФЛ МК лигата, за втората да се обидеме да собереме 10-тина луѓе од Куманово. Тука улога играше и тој Супербоул помеѓу Фалконс и Њу Ингланд (вторите имаат најмногу фанови кај нас, повеќето фанови на Селтикс ги поддржуваат нив поради географската поврзаност).

Не се собравме во доволен број, но се снајдовме за да се одржи лигата таа сезона.

Следната година (2018) беше клучна бидејќи се собравме во доволен број, дури и драфтот го правевме сите заедно. Тогаш првпат дојдовме до идеја дека можеби би можеле да се обидеме да флаг фудбал како бесконтактна верзија на американскиот фудбал.

Клучно беше тоа што се придружи Дамјан Костадинов којшто случајно уште на почетокот на 2000-те добил топка за овој спорт во рацете и долги години се обидувал да ја научи вистинската спирала на фрлање на таа топка со чуден облик заедно со неговиот брат Методиј и уште еден другар Дарко кои исто така повремено се дел од нашиот тим.

При тоа ни се приклучија и другари на Бојан Стојановиќ, Дамјан Ефремовски и Константин Соларски кои веќе имале допир со овој спорт при учество на разни кампови организирани од Американската амбасада во Скопје.

Кога се собравме доволно луѓе што знаат да ја фрлаат таа топка, основите беа поставени и понатаму оваа приказна само се развиваше до овој степен до кој сме сега, преку 20 луѓе само од Куманово.

На кој начин ги мотивиравте другите да се вклучат на вашата група и да почнат да играат американски фудбал?

Тоа беше потешкиот дел, бидејќи повеќето наши пријатели немаа никакво познавање од флаг фудбалот, дури и гледаа со потсмев на идејата дека може ние да го играме. Но, уште првиот дуел беше одличен.

Недостатокот од опрема, како и на какво било познавање на правилата, на тактиката или чувството за движење во овој спорт успешно беа надополнети од ривалството кое се изгради во пресрет на тој дуел, мотивацијата и желбата за победа, како и резултатската неизвесност, бидејќи дуелот беше решен со тачдаун во последната акција.

Тука треба да се спомене Перица Митревски кој иако имаше премногу скромно познавање од американскиот фудбал, дојде со нас да го почувствува сето тоа и да одиграме еден натпревар, а веднаш потоа стана еден од најголемите ентузијасти и сега редовно е дел од нашата екипа секој викенд.

Што се случи кога ја формиравте групата и веќе бевте подготвени да играте и тренирате истовремено?

Веднаш по првиот натпревар беше јасно дека сето тоа ќе продолжи, па може да се каже дека се формираше едно јадро од неколку луѓе кои се секогаш подготвени за игра.

За жал, обврските не дозволуваат премногу време во текот на работната недела, па немаме можност да организираме игра повеќе од еднаш неделно или каков било вид тренинзи, но со секој следен дуел сите напредуваме, како индивидуално во сфаќањето на спортот, така колективно со воигрување кое веруваме дека еден ден може многу да помогне.

Кога станува збор за правилата на играта, ги прифативте оние што се универзално прифатени или направивте мала адаптација на условите кои ги имате на располагање?

Секако, се стремиме кон официјалните правила на Интернационалната федерација на американски фудбал (ИФАФ), но адаптација мора да се направи.

Условите се такви да должината на нашиот терен е речиси двојно помала од официјалните димензии на теренот, на почетокот знаменцата кои се користат беа направени во домашни услови, па беа многу пократки и потенки од официјалните, беа направени од обично платно што доста ја отежнуваше работата на дефанзивците.

Тоа се две клучни правила, односно средства за игра чијшто недостаток сам по себе носеше многу предизвици.

 ivan jakimovski igrac na amerikanski fubdal formiranje na ligata e polesno otkolku formiranje na makedonska federacija na amerikanski fubdbal 1

Кој беше најголемиот предизвик додека ја адапитравте играта на наш терен?

Адаптацијата сè уште трае, но најголемите предизвици беа недостатокот од простор, односно доста помалиот простор во балоните за мал фудбал каде што играме, односно недостатокот од начин да се мери времето и притоа сето тоа да биде транспарентно, со цел да можат да го видат учесниците на играта.

Имено, правилата налагаат покрај аут линиите да има најмалку 3 метри отворен простор, кај нас тој простор е со широчина од нешто повеќе од еден метар, па со тоа се ризикуваат потенцијално незгодни ситуации и повреди, коишто за среќа досега успеваме да ги избегнеме.

Уште еден момент е тоа што неколку правила се поврзани со факторот време, па едноставно нема начин да ги имплементираме во целост (иако во овој период сме во сериозни преговори за решавање на тој проблем).

До сега ова го решававме така што сите учесници во играта се фер и коректни играчи, затоа што самиот факт дека дојдовме до ова ниво секој викенд да можеме да го правиме тоа што го сакаме, на сите ни е пред сè, па спортскиот дух преовладува во секој момент, што е многу важно за регуларноста на играта во вакви услови.

На почетокот игравте во импровизирани услови, кога сфативте дека е вистинскиот момент да се направи нов чекор за да се добие правата слика на американски фудбал?

Вистинскиот момент секако дојде со зголемување на интересот, со редовна игра, па дојдовме до заклучок дека е време да вложиме некакви средства за да напредува сето тоа.

Се отвори можност за набавка на знаменца од Шпанија, коишто како што веќе кажав се основно средство за игра (дури и името Флаг фудбал се однесува на нив), која што ние без размислување ја прифативме, па сега имаме доволно за игра 6 на 6, што за нас беше огромна работа.

Сепак, во последно време редовно ја надминуваме таа бројка и се соочивме со тоа да имаме премногу луѓе во еден момент на теренот, па со самото тоа дека нашата девиза е секогаш сите да се добредојдени, веднаш го започнавме процесот на надоградба на нашата опрема и до крајот на месецот тимовите ќе можат да бројат многу повеќе од 6 луѓе без никаков проблем.

По многу изиграни натпревари решивте да излезете од границите на Куманово и да соберете луѓе од цела Македонија, низ што поминавте за да го изведете ова?

Па да, сега веќе повеќето од нас имаат преку 20 натпревари, базата е основана и заедничко мислење е дека е време оваа приказна да ја прошириме на целата држава, бидејќи знаеме дека има многу фанови на американскиот фудбал и на НФЛ коишто би имале желба да учествуваат во овој спорт.

Во моментот ги правиме првите чекори, а тоа е обезбедување на простор со добри услови во нашиот главен град каде што би можеле не само да одиграме флаг, туку и да се дружиме, да проследиме некој натпревар заедно и сите заеднички да ја прошириме популарноста на американскиот фудбал кај нас.

 ivan jakimovski igrac na amerikanski fubdal formiranje na ligata e polesno otkolku formiranje na makedonska federacija na amerikanski fubdbal 5

Имавте ли некаква поддршка од страна?

Спортот е најдобар начин на малите земји да се промовираат во светот, а кога е во прашање Македонија, ќе се сложиме дека нема премногу други позитивни работи кои би можеле да направат промоција.

Кога ќе кажеме „поддршка“ ние не мислиме на никакви вложувања на било какви средства, туку пред сè на помош, односно на патоказ како би можеле да ги поминеме сите процедури на оваа држава и да го ставиме американскиот фудбал на мапата кај нас.

За жал, на тоа исто така не можеме да сметаме, но убедени сме дека нашиот труд и ентузијазам на крајот ќе ни помогне да го надминеме сето тоа.

Што се случи кога започна пандемијава?

Пандемијата како и повеќето други сфери од нашето живеење, ја погоди и оваа. Од затворање на терените, преку заболување на речиси сите играчи од вирусот, преку мерките за социјална дистанца, сето тоа беше пречка за нас во различен момент во овој период, а тоа резултираше со само 5 одиграни натпревари во тој период.

Сепак, во последно време успешно се консолидиравме и секој викенд редовно се собираме.

Тешко ли е да се формира лига и репрезентација во Македонија?

Ова е прашањето на сите прашања. Формирањето на лигата според мене е полесниот дел од сето тоа, а вистинскиот проблем е формирањето на Македонска федерација на американски фудбал.

Знаеме дека кај нас младите луѓе често се промовираат единствено доколку се корисни во некои цели во што не би сакал да навлегувам, а во спротивно секоја идеја останува заглавена во овој систем кој сам по себе е таков, дури и за најситни иницијативи да формира безброј пречки.

Ние како млади луѓе кои донесуваме нешто ново на овие простори свесни сме дека тоа бара огромен труд и дека ќе наидеме на многу ситуации за кои дополнително треба да бараме решенија.

ivan jakimovski igrac na amerikanski fubdal formiranje na ligata e polesno otkolku formiranje na makedonska federacija na amerikanski fubdbal 3

Сега со голем ентузијазам решени сте да продолжите понатаму, кон што целите?

Целите се поставени високо. Најпрвин краткорочната цел е да се прошири овој спорт на ниво на цела Македонија, почнувајќи од Скопје.

Нашата Фејсбук група направена за оваа цел брои околу 30-тина членови во овој момент, што би била феноменална бројка доколку се преслика во пракса, а уште еднаш ќе повторам дека сите се добредојдени.

Понатаму сонот за репрезентација во флаг фудбал и натпреварување против најсилните европски или светски екипи живее во нас и ќе се посветиме тоа да се оствари.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Е. Х. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Ламбе Алабаковски: „Во Бигорски си го наоѓам мирот, со Врчак сакаме да снимиме нов дует“ „Магдалена е многу добра мајка и сопруга. Таа во 2000 година со семејството се п...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Тамара Тодевска за врската со Лука: „Внимателен е, грижлив и со многу љубов се однесува кон мене и м... „Лука е непосреден, отворен, забавен, позитивен, сака луѓе и дружење. Многу едно...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg