Кокан Ајановски, маратонец: „Македонците се лажат кога на пеколно време се наоблекуваат за трчање, мислејќи дека ќе ослабат“

„Дали вреди да жртвувам толку многу за трчањето? Од што ќе живеам? Како ќе најдам спонзори? Кој ќе ме поддржи? Повреди и враќање од повреда...“ – македонскиот маратонец зборува за тешкотиите и предизвиците низ кои поминал за да стигне до успехот, а открива и кои се грешките на Македонците кога трчаат.

kokan ajanovski bolkata ne pravi posilni i povekje da znaeme da gi cenime rabotite 7

Кога ќе се спомене името Кокан Ајановски, веднаш знаеме дека станува збор за човекот на кого трчањето му е начин на живот.

За CRNOBELO.com тој открива за неговата најголема страст, за болките и тешкотиите низ кои има поминато, но и мудроста која доаѓа како награда...

Трчањето е дел од твојот живот. Тоа одамна ни е јасно. На многумина си им познат како еден од најуспешните маратонци кај нас, а се вбројуваш и како државен првак повеќе од 20 пати. Кокан, ќе започнеме со најочигледното – какво значење има трчањето за тебе, па постојано му правиш придружба на „ветерот“?

Трчањето има огромно значење за мене, па дури мислам дека слободно можам да кажам и животно значење. Толку многу навлезе во мене што јас едноставно не сакам ни да помислам мојот живот да биде без трчање. Трчањето ми беше хоби, па ми стана професија. Што и да правам во текот на денот има некаква поврзаност со трчањето и среќен сум дека успеав да имам таков живот.

Смислата на животот сите ја бараме на различни места. Ти ја препозна во трчањето. Што те научија илјадниците километри истрчани до сега?

Многу од тоа што научив и го напишав во мојата книга. Трчањето ме научи на најважните животни лекции, како на пример: никогаш да не се откажувам, животот е полн со предизвици, некогаш си на врвот, а веќе во следниот момент можеш да бидеш таму некаде долу, секогаш да се борам за своите соништа, да го слушам срцето, да верувам во себе, да бидам истраен и постојан, да се радувам на секој ден од мојот живот итн...

kokan ajanovski bolkata ne pravi posilni i povekje da znaeme da gi cenime rabotite 2

Уште од самиот почеток на нашиот разговор, почнав со прашања кои бараат исцрпни одговори. Ајде сега да продолжиме, но прво да се навратиме години и години наназад. Кога на трчањето реши да му отстапиш повеќе простор во твојот живот?

2008 година случајно почнав да трчам. Една година истражував и хедонистички уживав највеќе што можам во трчањето. Потоа донесов одлука да почнам малку повеќе и посериозно да трчам.

Тогаш следеше одлуката да пробам да ги реализирам соништата од дете и да станам шампион во трчање. Успеав на 28 години. Кога на 31 година ја напуштив работата и она што требаше да биде моја животна професија и одлучив да егзистирам првенствено од трчањето, ви станува јасно дека тоа биле годините кога и мојот живот стана буквално трчање.

13 полни години се зад мене, а веќе ја терам 14-та година како трчам.

Иако веќе го знам одговорот, сепак ќе го поставам прашањето. Се сеќаваш ли на првиот истрчан маратон?

Се разбира. Тоа е како да прашате дали се сеќавате на вашата прва љубов. Првиот полумаратон беше и мојата прва љубов со трчањето. Тоа беше во Скопје и станува збор за скопскиот полумаратон во 2008 година, а првпат истрчав маратон во 2009 година во Белград.

kokan ajanovski bolkata ne pravi posilni i povekje da znaeme da gi cenime rabotite 3

Тешкотиите и предизвиците нè менуваат како личности. Да не се тие, никогаш не би станале она што сме денес. Со какви непријатни и изнемоштувачки ситуации се сретна во твојата долгогодишна кариера како маратонец?

Со многу и најразлични ситуации. Егзистенцијални. Дали вреди да жртвувам толку многу за трчањето? Од што ќе живеам? Како ќе најдам спонзори? Кој ќе ме поддржи?

Повреди и враќање од повреда. Тоа е можеби најтешкиот дел за секој спортист. Ќе се вратите од една повреда, но што ако има втора, трета итн... Би продолжиле ли повторно така посветено и напорно да тренирате? Губење на мотивација. Сум бил шампион. Еднаш, двапати, многупати...

Тешко е еднаш да се качите на врвот, но многу потешко е тоа да го повторите. Непријатности за време на трка. Кога телото ви откажува, а имате уште половина од трката. Како да се издржи? Од каде да се најде сила? Исмејување и омаловажување од личности кои се на позиција да одлучуваат, а не им е местото таму итн...

Имаш ли претстава колку километри истрча во последните три месеци? (во време на разговорот, април 2021)

Живееме во време кога благодарение на модерните часовници и паметни телефони лесно можеме да изброиме колку сме истрчале. Јас трчам од времето кога за вакви статистики беа потребни рачни забелешки и водење на евиденција со запишување во тетратка. Имам истрчано 1200км.

За толкава кондиција и издржливост, треба и постојано вежбање. Како изгледа еден твој секојдневен тренинг по кејот на Скопје?

Јас трчам 6 пати, а вежбам 3 до 5 пати неделно. Трчањата ми траат од најмалку 1 час, до највеќе 3 часа. Најчесто трчам околу 90 минути во текот на денот.

Да се најде длабока мотивација и нештото да прерасне во навика е прилично комплициран процес, но штом се случи тоа, човекот станува незапирлив. Како да се победат мислите кои постојано те влечат и забавуваат? Мисли кои тераат на откажување?

Високо поставена цел секогаш нè води напред и никогаш нема да размислуваме на откажување. Како викаат, ако нашето зошто е доволно големо, тогаш лесно е да го најдеме нашето како.

Јас секогаш си ги поставувам овие прашања кога ќе ми дојдат тие мисли: Од што и од кого да се откажам? Од себеси? Од чувството да ми е убаво?

После одговарање на овие прашања, сите негативни мисли бегаат од мене. Кога пак ќе ми дојдат, пак си ги поставувам истите прашања.

Разговорот не може да помине, без да поразговараме малку и за книгата „Трчањето ме учи“, кое неодамна доживеа второ издание. Книгата од 200 страници е полна со инспирација, мудрост, поуки, благодарност и љубов...

Како се чувствуваше кога ја заврши последната точка и сфати дека она што до тогаш било само твое, наскоро ќе биде достапно за сите?

Можеби тој момент и другите да ги дознаат моите тајни и чувства полесно го совладав затоа што претходно дел од тие текстови веќе ги имав споделено по социјалните мрежи па до некаде знаев какви се реакциите.

Но сепак, сметав дека имам што да кажам и да придонесам за развој на трчањето и поквалитетен живот кај сите, па затоа бев и среќен дека моите мисли, пораки и идеи ќе допрат до многу луѓе.

kokan ajanovski bolkata ne pravi posilni i povekje da znaeme da gi cenime rabotite 4

Добар тренинг, подразбира и добра опрема. На колку време ги менуваш патиките за трчање?

Порано имав едни патики за трчање и постојано ги носев додека трчам. Како се посветив посериозно, така се зголеми и бројот на моите патики, па така сега имам едни патики кои ми се специјално само за трки на атлетска патека, други кои ми се само за трки на улица, трети кои ми се за тренинг, четврти кои ми се за трчање во планина итн.

Најчесто се менуваат патиките со кои тренираме повеќе пати во неделата. Секогаш се трудам и тие патики да ги комбинирам и да имам по 2-3 пара. Тие патики најчесто ги менувам 1 или 2 пати годишно.

Кои се основните работи кои ги практикуваш за да не се повредиш за време на тренинзите?

Секогаш добро да се истегнам и загреам пред да почнам да трчам. Тренингот да биде прилагоден на мојата моментална форма и секогаш го слушам телото. Некогаш и да сакам да запнам повеќе, ако телото друго ми кажува, го слушам.

Можеби ова е и некој дефанзивен став што го имам сега на 39 години, што веројатно не беше секогаш така кога имав 10 години помалку. После тренинг задолжително е истегањето, а 80% од луѓето кои трчаат го занемаруваат.

Топлото време и доаѓањето на летото ги мотивира луѓето да станат поактивни. Кои се најчестите грешки што се прават?

Најчесто трчаат кога е премногу топло и ја занемаруваат опасноста од вистински пекол кое може да го предизвика македонското сонце. Недоволно се хидрираат, а исто така знаат да се наоблечат како температурата да е минус, со изговор или од незнаење, дека така полесно ќе намалат килограми.

Како најлесно да се совлада заморот и да се добие повеќе енергија?

Нема формула за успех преку ноќ, па затоа секогаш треба континуитет и посветеност. Чекор по чекор, малку по малку и заморот ќе биде веќе нешто непознато, а ќе зрачиме од енергија на сите страни!

Тука веќе може да го завршиме разговорот. Нема да те прашам дали подготвуваш нешто ново, тоа ќе оставиме да нè изненадиш самиот. Секои истрчани 100 километри знаат да бидат болни, но што е она на што те научи болката, а сакаш да ги споделиш со другите?

Болката нè прави посилни и повеќе да знаеме да ги цениме работите. Ако нема болка, нема ни успех. Нашата задача е да научиме како да ја намалиме болката до степен каде што лесно ќе се справуваме со неа и секогаш ќе ја користиме за да грабиме кон реализација на своите цели!

kokan ajanovski bolkata ne pravi posilni i povekje da znaeme da gi cenime rabotite 5

Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Теа Трајковска за CRNOBELO.com: „Предизвик е да се живее само од музика кај нас“ „Од Златно славејче ги носам едни од најубавите детски спомени. Уште како м...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg