Мајло, кучето со лептир машна – постојано шета низ Македонија, водопадите му се омилени
- Детали
- недела, 14 март 2021
Велат дека и кучињата „зборуваат“, но ги разбираат само оние што знаат да слушаат. Александар Мишков од Скопје, кој до 2014 година работел по весници и интернет портали, а од тогаш е посветен на фриленсот, живее со своето куче, Мајло. Заедно се одличен авантуристички тандем, од каде произлезе и Инстаграм профилот на миленичето – @miloadventuredoggo.
Во продолжение следува разговор со сопственикот на Мајло, кој за CRNOBELO.com зборува за нивната поврзаност, патувањата, навиките...
Александар, предлагам разговорот да го започнеме од моментот кога Мајло стана твое домашно милениче. Се сеќаваш ли како ви се вкрстија патиштата?
Мојот татко ми ја всади љубовта кон кучињата уште од мали нозе. Целиот живот растев со куче во домот, имавме од најмали до најголеми кучиња. Сепак, Мајло е моето прво, лично мое милениче кое го земав неколку години откако почнав да живеам сам.
Секогаш групата „териери“ ми била омилена, имавме неколку во текот на животот. А од таа група, Џек Расел е можеби најголемиот предизвик поради неговиот карактер и темперамент. Кога на тоа ќе се додаде еден од омилените филмови со кучиња, Маска, ете го Мајло.
Многумина почнаа на своите миленици да им отвораат профили на социјални мрежи, од каде дојде идејата да му отвориш Инстаграм профил на Мајло?
Пред да го отворам профилот на Мајло, поминував многу малку време на Инстаграм. На својот профил постирав можеби еднаш во два месеца. Секако имав многу фотографии од него, но не ги постирав, си ги чував во меморија на телефонот.
Летово една пријателка ми предложи да му отворам профил на Мајло. И така почна, од занимација. Дури земав и еден курс за маркетинг на социјални медиуми и еден курс за Инстаграм профили, за сепак да научам нешто. Учам секој ден.
На почетокот профилот ја акцентираше неговата убавина и фактот дека секаде носи лептир машна, по тоа го препознаваат каде и да го видат. Но брзо решив дека тоа не е неговиот темперамент, дух, и личност. Затоа сега е авантуристот Мајло. Не се залажувам со некои илјадници следбеници, едноставно ми претставува задоволство да го водам неговиот профил.
Колку време поминувате заедно во текот на денот?
Со оглед на тоа дека работам од дома, може да се каже дека поголемиот дел од денот го поминуваме заедно. Секако, додека работам, Мајло знае дека не треба да досадува. А и самиот е таков тип на куче кое си има свој индивидуален карактер и си сака свој простор.
Веројатно и кучињата сакаат некаков ред. Кажи ми, како е организирано неговото секојдневие, има ли навики без кои не може да го замисли денот?
Кај Мајло сè е рутина, имаме рутина која ни дозволува да можам и јас да функционирам, а и тој да добие активност, и физичка и ментална. Мајло е многу захтевно куче, и си бара многу внимание и активност. Денот не може да помине без две до три кратки паузи за игра дома, со топка, балон, или некоја друга играчка.
Во однос на рутината, има две долги и една кратка прошетка. Најдолгата прошетка му е во приквечерието, околу 7 часот, кога може да се случи и до два-три часа да бидеме надвор. Сè на сè кога ќе се собере, игра по дома и прошетка надвор, Мајло добива околу 4 часа активност секој ден.
Со толкава активност веројатно ужива во своето постоење како куче. Но по она што сè повеќе го гледам, ми се чини дека Мајло е на пат да стане голем авантурист, залудно не му го крсти така профилот. Кои места до сега ги има посетено?
Морам да кажам дека на Мајло, па и на мене, пандемијата на некој начин ни дојде добро. И пред пандемијата ние шетавме доста за викенди, но тоа беше најчесто локално во Скопје, до парк, на Водно, и слично.
И во еден момент се поклопија неколку коцки, група на Фејсбук „Патувања низ Македонија“, мапата Виаторум, и нашата желба викендите да избегаме од гужвите и да поминеме неколку часа во природа и да истражиме некое ново место.
Во однос на тоа што сè има посетено, водопадите ни се омилено место, поради мирот, а и поради фактот што тој сака да влезе да се избања. Ги имаме посетено повеќето водопади во Македонија, а за оваа пролет сакаме да ги посетиме водопадот кај Мајден на Кожув и во Кичево.
Мапата Виаторум ни е скоро 50% пополнета. Во мобилниот имам листа на уште околу 50тина места за посета, и кога ќе се собере сè, ни требаат барем 100 викенди да видиме сѐ.
Штом половина од мапата Виаторум ви е изгребана, нема сомневање дека Мајло живее возбудлив живот. Сподели ги најинтересните моменти што ги имате доживеано заедно?
Мислам дека со ова прашање ги разбирам пејачите и другите артисти кога треба да одберат некој омилен настап или случка. Искрено, со Мајло секој ден е забава, и постојано наоѓа начини да изненади.
Сосема разбирливо. А, постојат ли некои необични случки од патувањата, секојдневието...?
Па може да кажам дека мене повеќе ништо не ме изненадува од него, секојдневно наоѓа некоја нова „глупост“ да направи. Но повеќето луѓе се изненадуваат кога ќе го видат во Градскиот парк како влегува во езерото да плива. Или кога ќе го видат Мајло како си игра со топка поголема од него, и ја тркала и дрибла како фудбалер.
Секако, на секоја прошетка се случува некој да каже, „ејјј види го кучето има лептир машна“. За среќа, досега не сме имале некоја непријатна случка на патувањата.
Има ли Мајло свој „круг на пријатели“?
Мајло многу се радува на луѓе, пријателски е настроен кон повеќето луѓе кои ги сретнува. Покрај луѓето со кои се дружам, неговиот круг на пријатели ги опфаќа и милениците со кои е израснат, како и уличните кучиња во нашата населба.
Постојано ги раниме уличните миленици, и тие и Мајло се радуваат едни на други.
Која му е омилената храна? Пребирлив ли е?
Во однос на храната, Мајло добива храна по заслуга. Секоја вечер има „тренинг сесија“ во која е вклучена неговата храна, а потоа добива и „награда“, што е замрзната пилешка чорба, секако без зачини кои може да му наштетат. Освен тренинг сесијата, јаде храна и од Kong играчка или други „food toys for dogs“.
Секако, сака да си касне и тоа ние што јадеме, сирење, кашкавал, месо, и слично. Риба му е омилена награда од нашата храна.
Што сакате да пренесете преку Инстаграм профилот на твоето милениче? Кон што се стреми Мајло во неговиот живот?
Профилот на Мајло е тоа што се обидуваме да го пробудиме во луѓето. Едно, да посетуваме повеќе места во Македонија. И второ, да поминуваме повеќе време во природа.
Ние ја „таргетираме“ средината, не искачуваме планински врвови од 2000+ метри. Но сметаме дека секој може да помине еден до два часа во природа. И токму таков тип на дестинации бираме за нашите прошетки. Не е проблем да се оди со возило до некое место за прошетка, и таму да се помине неколку часа во чист воздух и мир.
Можеби за некои луѓе возењето е проблем, но да бидеме реални, секаде во Македонија може да се стигне за два часа до два часа и 30 минути.
Се радувам дека сѐ повеќе ме прашуваат за дестинациите на кои одиме со Мајло, и луѓе за прошетка, а и луѓе за прошетка на нивните миленици.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело