Валери Димовска: „Имаме предобри музички таленти за кои никој нема слушнато“
- Детали
- четврток, 02 јануари 2020
Од кога знае за себе пее. Дури и нејзините први зборови не ги прозборела, туку ги пропеала. Валери Димовска од Велес, отсекогаш знаела дека ќе се занимава со музика.
Првата играчка што ја добила на подарок бил микрофон. Валери ужива кога е сама дома, со својата гитара, вели дека тие моменти ја содржат инспирацијата за нови песни.
Покрај тоа, таа е и „хроничен гејмер“, во денови кога нема ангажмани знае со часови да помине пред компјутер, играјќи League of Legends.
„Неодамна излезе „Вози ме“, која се создаде многу спонтано. Дојдов во студио да работиме друга песна, ама со Темелко си свиревме и пробувавме некои ствари и така спонтано се роди прво рефренот, за кој бевме инспирирани од муабетот што го водевме.
За тоа колку е убаво понекогаш да се тргнеш настрана од градот со тој што го сакаш, од сивилото, од гужвите, од разните трач муабети, љубоморните ликови, од телефони и социјални мрежи и да бидеме сами“, открива Валери за темата на новата песна. Да се вози каде било само да се биде на само.
Таа и нејзиниот тим немале никакви очекувања пред излегувањето на песната, но знаеле дека и спотот и песната ќе поминат многу добро кај публиката. Сите нивни пријатели што го слушнале синглот пред официјално објавување, реагирале позитивно во секоја смисла на зборот.
„Имаме план за албум и супер стратегија на која трпеливо работиме. Создаваме современа комерцијална музика, следејќи ги светските трендови“, споделува Валери, која вели дека нема лоша музика, ниту пак стилови.
Сè што е добро сработено го слуша и почитува, сè додека пораката што ја носи е добра. Воопшто не поддржува промовирање на дрога, насилство и промискуитет. Додава дека како и сè друго, и музиката треба да еволуира и да го радува, забавува и утешува современиот човек.
„Мислам дека на нас пејачите на забавна музика, кои творат најсовремени жанрови како трап и R&B ни фали сцена во Македонија. Сè уште немаме медиумски простор каде да ја промовираме нашата музика. Верувајте ми, имаме предобри таленти за кои никој нема слушнато.“, сугерира Валери.
Во моментот работи на нов материјал, а веќе две-три песни се сработени и наскоро ќе бидат објавени. Дотогаш да уживаме во нејзината песна и сите да се возиме по свој пат.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело