Интервју со Филип Петровски: Како човекот повторно да стане човек?
- Детали
- вторник, 30 април 2019
„Некои луѓе си земаат за право се да наречат љубов бидејќи имаат потреба од истата. А потоа кога нивните мотиви или замислените слики нема да се исполнат, тие љубовта ја деградираат“, споделува Филип Петровски, автор на романот „Последната книга на планетата земја“.
Пред неколку месеци од печат излезе вашата најнова книга „Последната книга на планетата земја“, во издание на „Ѓурѓа“ и во моментот се подготвувате делото да го претставите на претстојниот Саем на книга, кој ќе се одржи од 8 до 14 мај во „Борис Трајковски“. Што сакате да покажете на светот со вашата приказна?
Приказната е еден вид на внатрешна визија на душата. Чувствувајќи ја болката од оттргнување на луѓето од самите себеси, од вредностите, од своите блиски и нивното изолирање во безграничната бездна, ми даде надеж и мотив, со ткаење на приказната, како да го спасам човекот, повторно да биде човек, наметнувајќи го најесенцијалното прашање на човековото постоење пред кој е исправен главниот лик во романот, а тоа е преживувањето.
Со приказната сакам да ја прикажам целата суровост на денешницава, од технологијата па сè до најосновните нешта во секојдневието. Едноставно со психолошките анализи, сакам човекот да го потсетам како е тоа да си човек, во вистинска духовна смисла.
„Последната книга на планетата земја“ опфаќа проблематики кои се блиски до човекот од нашето време. Од малограѓанската патетика, преку (не)можноста да се преболи загубата на блиските, предвидувањето на катастрофалната иднина на човештвото, па сè до загаденоста и крадењето на воздухот на земјата. Сметате ли дека една книга може да ги прошири видиците на човекот или треба да се преземат порадикални мерки за да има ефект?
Една книга може да ги прошири видиците само на оние кои ќе го почувстуваат целото сивило и што ќе го здогледаат сето она што на луѓето им недостига, и лутаат во површни секојдневија соживувајќи се со приказната во романот, љубовта и негувањето на самите себеси, ќе придонесе за масивна преобразба, а секако со порадикални мерки сето ова може да земе еден залет што ќе придонесе помирен, почовечки, пољубовен здив полн со разбирање и човештво во него, и за блиските свои.
Кој ти беше најголемиот предизвик додека ја пишуваше книгата?
Да составам приказна, која ќе допре до внатрешноста на сите оние љубители на постапокалиптични приказни, со многу психолошки факти, со трилер моменти и авантура, и ќе предизвика промена и освестување или поистоветување на нивните гледишта и ќе научат на некој начин како да се справат со сето она што главниот лик се справува, а е застапено во денешницава и допрва ќе доминира.
Во книгата зборувате за опасноста од користењето на мобилните телефони, а во денешно време речиси секој човек не се одделува од својот паметен телефон. На кој начин може да се заштитиме од зрачењето и уништувачката фреквенција?
Што ако ви кажам дека во визијата доживеав: базата на биолошкото оружје е токму мобилниот телефон, и со тоа најсурово сакам да допрам до свеста на луѓето, преку приказната која е сместена во 2043, каде што ¾ од населението изумира поради зрачењето од мобилниот. Едноставноста е најтешка, скоро и (не)возможно, да ги оставиме едноставно! Хехе.
Користење само по потреба, или пак воведување на некои нови навики што ќе сме поблиски до природата и луѓето во блискиот круг, а телефонот нам ќе ни е сервилен а не ние нему.
„А љубовта, пријателе, е толку голема што ни самиот живот не е толку голем и моќен да ја задржи во целост“. Каков вид на љубов искусува човечко битие за време на неговиот живот?
Некои луѓе си земаат за право се да наречат љубов бидејќи имаат потреба од истата. А потоа кога нивните мотиви или замислените слики нема да се исполнат, тие љубовта ја деградираат. Таму има повеќе самољубие отколку љубов.
Една е љубовта за модерната матрица со иста серијалност на случки само со други ликови, кои тонат во вртоглав круг на едно те исто, а љубовта има сосема друго значење за оној кој првин ја негува во себе.
Универзалната вистина е дека духовната материја никогаш не може да биде повредена од страна на луѓето кои не работат со универзалната свест и со сите свои компоненти во телото. Така да и љубовта како фрагмент од светата духовна апсолутна материја, и како една од најпрефинета честичка во својата суштинска „намера“ никогаш не повредува ниту може да биде повредена.
Првенствено сте музички уметник, а истовремено и писател. Како овие две професионални определби се надополнуваат една со друга?
Музиката пробудува чувства кои се надоврзуваат на преживеаните нешта и им додава финеса, и обратно. Така чувството со инспирацијата се збогатени и пишаниот збор е подлабок, посодржаен поради ефектот од истите. Уживајќи во звуците на добра музика, зборот добива на широчина и спектар од емоции. Така и имам напишано многу моменти од романот.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело