Стефан и Никола, студенти од ФИНКИ кои измислија генијална апликација за лицата со оштетен вид
- Детали
- среда, 18 јули 2018
Стефан Тасевски (20) и Никола Тасевски (21) се студенти во втора година на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, кои неодамна ја создадоа андроид апликацијата Smart Braille, наменетa за лица со оштетен вид. Велат дека сосема случајно сакале да сознаат како слепите лица го користат нивниот телефон и со тек на време дошле до идеи за тоа како тековниот начин на користење на мобилните уреди може да се замени со полесен начин.
„Smart Braille е апликација која е развиена со цел да го подобри начинот на комуникација на слепи лица и лица со оштетен вид преку нивниот телефон. Апликацијата се состои од системска тастатура која може да биде користена во склоп на било која друга апликација.
Тастурата се базира на Брајовото писмо и поради тоа се состои од само 6 копчиња кои се користат за пишување на сите карактери. Сите други функционалности кои треба да ги има една тастатура се имплементирани со движења преку екранот“, раскажуваат Никола и Стефан, кои работеле на апликацијата околу две недели, но оттогаш имаат направено две надградби кои произлегле од комуникација со корисниците.
„Особено се фокусиравме дизајнот и функционалноста на самата тастатура да бидат што поедноставни со цел да се овозможи брзо користење, но бидејќи е нов концепт обезбедивме и краток интерактивен туторијал во склоп на самата апликација преку кој корисниците учат на кој начин да ја користат тастатурата“.
Уште една, втора функционалност на апликацијата е Text Reader, кој го детектира текстот со помош на камерата и го чита истиот, во реално време, на глас за корисникот. Работи на неколку јазици, но за жал, на македонски јазик сé уште не е достапна. Корисникот има опција и да го копира самиот текст.
„Тастатурата обезбедува побрза комуникација со помош на телефон од страна на слепите лица. Со интуитивниот пристап и веќе познатото знаење за Брајовата азбука корисниците лесно се снаоѓаат користејќи ја истата. Освен брзината, друга главна придобивка е приватноста која што ја нуди.
Имено доколку користат speech-to-text или пак стандардна тастатура, содржината на пораките кои ги пишуваат ќе биде откриена за околината. Со користење на нашата тастатура овој проблем се надминува, а контролата за грешка се врши со звучни сигнали. Од друга страна пак, читачот на текст им овозможува текстот кој е насекаде околу нив да им биде целосно достапен“, додаваат двајцата пријатели, чија апликација веќе е пуштена на Play Store за андроид, но исто така се стремат во иднина да ја направат достапна и за други мобилни платформи, особено за iOS која најмногу е користена од лица со оштетен вид.
„Сметаме дека е многу подобро да се дизајнираат апликации специјално наменети за користење од страна на слепи лица и лица со оштетен вид, наместо само стандардните да се приспособуваат. На тој начин ќе им биде овозможено целосно да го искусат потенцијалот и можностите кои ги нудат паметните телефони.
Бидејќи Smart Braille е една од ретките такви апликации истата има потенцијал да стана стандард за мобилна комуникација кај луѓето со оштетен вид, нормално со константно подобрување преку комуникација со тековните корисници“, дообјаснуваат Никола и Стефан.
Никола и Стефан во моментот работат на следна надградба на апликацијата, со која ќе се овозможи регистрирање на направените грешки од страна на корисникот и сугестија како да се поправи истата. Велат дека со тоа уште повеќе ќе се зголеми брзината на пишување со што корисниците не би требале да се навраќаат доколку направат печатни грешки, зошто ќе можат автоматски да им бидат поправени.
Во развој е и уште една апликација, која би требало да ја пуштат наскоро.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело