Приказната на струмичанецот Блаже Аризанов: „Индија не ме промени, туку луѓето кои живеат во неа“

Блаже Аризанов е Македонец од струмичко село, кој во 2011 година заминал на практична работа во Индија. Пред четири години, заедно со Санчит Сети ја основале компанијата Stay Uncle, што претставува агенција на хотели за краток љубовен престој на млади љубовни парови.

 blaze arizanov indija ne me promeni tuku lugheto koi zivea vo nea 1

Бизнис идејата за краток временски период предизвикала вистинска револуција во најсензуалната нација во светот. И додека тој применувал радикални маркетинг-методи, на неговиот живот му се заканувале опасности.

После исцрпни битки и непроспиени ноќи, компанијата Stay Uncle  успеала да застане на нозе и да стане една од „Деветте најпросперитетни индиски стартап компании за 2018 година“ според Форбс Индија.

Во продолжение следува интервју со Блаже Аризанов, кој ќе ги открие и разобличи неговите животни патешествија.

Во последните неколку месеци во медиумскиот простор во Македонија често се спомнуваше твојата приказна и успехот што стартап идејата ти ја има донесено. И еве, пред само неколку недели ја издаде книгата Белиот трофеј во издание на Издавачки центар ТРИ, каде што пред сите ја обелодени твојата животната маршрута и доживувањата во Индија. Знаејќи дека книгата е автобиографска, би те прашал низ што сé мораше да поминеш за да ја напишеш?

Низ сé она што беше неопходно за да човек како мене напише книга како Белиот трофеј. Некој посреќен сигурно би морал да помине низ помалку. Рака на срце, Белиот трофеј е помалку автобиографска, а повеќе своевиден психолошки трилер кој ги отсликува само последните 3 највозбудливи години во Индија додека ја растевме фирмата со по некој осврт во минатото тук-таму.

blaze arizanov indija ne me promeni tuku lugheto koi zivea vo nea 2

Ајде да отпатуваме во твоето детство за кое велиш дека е пропратено со трауми и нездрава способност да чувствуваш омраза уште од раните години. Во тој период на созревање и целосна незаинтересираност за светот околу тебе, во твојот детски ум постоеше ли некаков вид на тунел-спроводник до друга реалност, до шаренолики светови што самиот си ги имаш изградено?

А, ај да не отпатуваме, може? Хаха. Оној што бев за време на детството и во раната младост и оној што сум денес, речиси и да немаат никаква допирна точка. Минатото не ми е репер за ништо. Тунели и светови имаше и уште ги има.

Но, денес не би им придавал многу значење бидејќи не се знае кои од тие светови се моја сопствена креација и неопходност, а кои последица на графичката револуција. Денес ми е далеку побитна димензијата која лежи над сите бои и реалности.

blaze arizanov indija ne me promeni tuku lugheto koi zivea vo nea 3

Самоволно побегна, поточно замина од своите калливи одаи, иако немаше поддршка од најблиските. Ја напушти жештината која го искали твоето тело и која не остави ни грам маснотија да подзагори, од проголтаната прав и од сите трауми кои те потсетуваат за онаму каде што си бил. Како ја препозна точката на кулминација во својот живот, кога сакаше да го прекратиш страдањето и да дојдеш до ново ниво на постоење?

Кај ме наоѓаат сè мене за метафизички муабети. Не знам што е тоа ново ниво. Според мене не станува збор за нивоа, туку за оттргнување на вишокот. Денес во услови на општа заблуда и изгубеност луѓето континуирано придодаваат слоеви наместо да ги оттргнуваат.

Едноставно сме пренатрупани. Денес ми е јасно дека страдањето е само состојба на умот и е условено од културната матрица која ни е всадена. Различни луѓе и различни култури страдаат од различни нешта.

blaze arizanov indija ne me promeni tuku lugheto koi zivea vo nea 4

Благојчо од Борисово, додека разговарам со тебе имам чувство како да зборувам со некој лик од Македонски народни приказни, колку Индија те промени, а истовремено и охрабри за да ја оствариш контроверзната идеја што ти се моткаше во умот?

Со кој, со Ѓорѓи Колозов? Во Индија поминував денови сведочејќи како обични луѓе ги поместуваат границите на она што го сметав можно, психички и физички. Обични луѓе со необичен талент за преживување, активисти со навидум неограничена енергија.

Индија не ме промени, туку луѓето кои живеат во неа. А тие се онакви какви што се поради тоа што имаат огромен асортиман на приказни и митологија од која би можеле да позајмат и да бидат инспирирани. Кај нас тука речиси и да не постои друга митологија освен онаа површната.

blaze arizanov indija ne me promeni tuku lugheto koi zivea vo nea 6

Во книгата пишуваш дека Индија, таа прашлива земја на пустини и џунгли, на глечери и езера, станува твојот втор дом. Откриј ни нешто повеќе за твоето ново вдомување?

И таму како и тука – вдомен меѓу луѓе. Луѓето секаде си се луѓе, такви, шарени. Но во тој втор дом нечесто можеш да налеташ и на оние поинтересните луѓе, луѓе кои пеат и свират на музички инструменти какви што никогаш немам видено. Кои ги реализираат боговите во себе наместо да им се молат на некои на небо.

Во тој втор дом наоѓате луѓе кои решаваат самите да издлабат пат низ планина со длето за да после тоа тргнат пат од 1.500 километри од своето село до куќата на парламентот (вистинска приказна опеана во филмот Manjhi). Поети чијашто поезија ве парализира.

blaze arizanov indija ne me promeni tuku lugheto koi zivea vo nea 5

Треба да се има голема храброст да се промовира концепт на хотели за краток љубовен престој во земја каде сексот и отворените врски се сé уште табу. Беше ли свесен тогаш во што се имаш впуштено?

Само делумно. Но не се сомневав во уникатната способност на индискиот ум да еволуира и тоа брзо. Индија не е Арабија, на пример. Индија е земјата каде врховниот Бог Кришна се претвори во девојка за да легне со Шива и да му удостои.

Индија отсекогаш разбираше дека нештата се течни, дека светот и неговите настани се релативни. Никаде на друго место во светот нема да најдете земја, територија толку богата со идеи, а сепак толку флуидна.

Осознав работи за Индија што самите Индијци не ги знаеа. Проникнав во нивната суштина подобро од самите нив и пласирав огромен и ризичен облог. Не стануваше збор за храброст, туку за коцка.

blaze arizanov indija ne me promeni tuku lugheto koi zivea vo nea 7

Кои стравови беа најдоминантни во изминатите години? И како успеа да се ослободиш од нив?

Дека оној другиот во мене никогаш нема да дојде до израз. Дека ќе останам заклучен од знаењето кое чека. Дека засекогаш ќе останам на нива. Дека мојот живот засекогаш ќе остане серија на реализирани очекувања на другите кон мене.

Како се ослободив? Па појдов пола планета понатаму каде што нема да ме најдат, каде можев да почнам од почеток, каде не би ме врзувале ситни сентименталности, каде немаше никој кој да разочарам, каде можев да бидам кој сакам.

Од струмички чушки и френки до милион долари е дообјаснувањето на твојата животна приказна. Сега кога животот продолжува и крои нови патишта за тебе, во која насока планираш да ја насочиш енергијата и да ги зададеш следните чекори?

Каде би ја насочил енергијата? Онаму каде што ќе обезбеди највисоки маргинални приноси.

blaze arizanov indija ne me promeni tuku lugheto koi zivea vo nea 8

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Стефан Миленковиќ за CRNOBELO: „Секогаш со задоволство се враќам во Македонија, го сакам вашиот ајва... „И понатаму свирам на виолината изработена во 1783 година. Таа била во сопствено...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg