Интервју со бендот Ки: „Не бараме оправдувања и изговори. Тие зборови не постојат во нашите глави.“
- Детали
- сабота, 07 јули 2018
Не знам дали е до градот или до нешто друго, но во Куманово секогаш се раѓаат квалитетни уметници, посебно музички имиња кои оставаат неизбришливи траги на македонската музичка сцена.
Електро поп бендот Ки во моментот е еден од најперспективните во Македонија, а во неговиот состав спаѓаат: Александар Краљевски (вокал/гитара), Милош Краљевски (тапани), Андреј Димковски (бас-гитара) и Стефан Илиевски (клавијатура).
Членовите на Ки сакаат да споделат многу нешта со луѓето, па затоа во продолжение прочитајте го интервјуто и дознајте од прва рака.
Деновиве ќе славите две години од постоењето на Ки. Добро се сеќавам на вашите почетоци и мора да кажам дека сте еден од ретките бендови во Македонија кои за краток период успеа да достигне значителни успеси, а не се ни сомневам, дека ќе продолжите и понатаму. На што се должи истрајноста и уникатната приказна на вашата група?
„Музиката е дел од нашите животи и од неа нема бегање. Едноставно ве обзема нејзината сила и таа станува апсолутен владетел над вашиот ум и вашите сетила, ваш двигател и управител.
Станувате нејзина марионета и уживате во секоја нејзина команда и сте верен извршител на секоја нејзина наредба. Иако сте целосно предадени на нејзината сила сепак се чувствувате вистински и свои. Едноставно постоите.
Во огромна заблуда е секој оној, што мисли дека може да ја контролира нејзината сила. Еднаш кога ќе влезете во нејзиниот свет, нема назад, без разлика на тоа колку сте успешни или не, колку има или нема сила и истрајност во вас.
Станувате заложник на нејзината ирационалност и уживате во сите нешта кое тоа заложништво ќе ви ги донесе.“
Името на вашиот бенд поседува една таква едноставно што се помни дури од првото слушање. Барем мене лично, отсекогаш ме интересирало каков свет се крие зад имињата на бендовите, или во овој случај која е латентната страна на Ки?
„Ки е лик од една научно-фантастична, книжевно-филозовска сатира У земљи плавог ноја на писателот Борис Босанчиќ. Тој е на пат кон својот остров од другата страна на умот. Пловец по ирационалноста на брод совршено опремен за неговата пловидба кон непознатото.
За него успех е самото патување, сé останато е помалку важно. Каков ќе биде епилогот од таквото патешествие и што го очекува на тој остров е апсолутно небитно. Приказна која совршено се поклопува со приказната на бендот и токму тоа е причината поради која бендот го носи името по овој лик.“
Во моментот сте четворица во бендот, па дали постои некој мастер мајнд од кого произлегуваат сите идеи или секој поединечно си има свој удел во создавање на песните?
„Мастер мајндови на нашето создавање се нивната светост „бозони и фермиони“. Ние сме само платна на кои тие го играат нивниот танц.“
Имате ли некој посебен ритуал пред концертите?
„Ритуалите се дел од секој наш настап, но не би сакале да ги изнесеме во јавност. Со тоа сигурно би ги разгневиле и налутиле боговите на коишто се молиме. Не би сакале да ја ставаме на тест нивната суровост. Не би сакале да ја искусиме нивната казна.“
Периодов навистина сте активни и имате доста настапи низ Балканот. Победивте на Mини гитаријадата во Врање, а после тоа и на 51. Гитаријадата во Зајачер, RMF во Ровињ па Омладина фестивал во Суботица... Се појавија ли некои нови можности, нова публика... нешто што навистина позитивно ве изненади?
„Не сметаме дека музиката е музичка дисциплина во која можете да се натпреварувате, но не секогаш можете да го бирате патот по кој чекорите. Сите тие настапи ни овозможија да се претставиме пред огромен број на луѓе и да добиеме вистинска и реална слика за тоа како публиката ја перципира нашата музика.
Навистина наидовме на многу позитивни реакции на она што го твориме, но она што малку не изненади е перцепцијата на луѓето за нашата музика и како тие ја доживуваат истата. Сфативме дека музиката е таа што ги преслушува луѓето, а не тие неа.
Финаланата слика за она што го работите е секогаш во примателот на истата и тука сте апсолутно немоќни. Овој факт ја прави целата работа поинтересна и подинамична и е една од главните причини поради која создаваме.“
Кога ги разгледав датумите на вашите настапи сфатив дека повеќе имате концерти во странство, отколку во Македонија. Но еве, ќе свирите на Д-Фестивал во Дојран и на True Sound Of Kamenica, што е навистина кул. Сте размислувале ли на тоа на кој начин ве гледа и доживува македонската публика?
„Уф... Доста интересно прашање особено ако се има предвид фактот дека скоро сите настапи ни се на Балканот, но надвор од Македонија. Сметаме дека многу малку од луѓето во Македонија се запознаени со работата на бендот и навистина немаме некоја претстава за тоа како истите го перципираат бендот и дали воопшто знаат дека постоиме.
Скоро сите критики, статии, блогови и коментари за работата и настапите на бендот се од балканските медиуми, а ниту една од некој македонски (се извинуваме доколку некој на своја иницијатива известил за истите, а да не сме информирани).
Зборуваме за самоиницијативни статии и постови, а не нарачани „шизоидни“ содржини пратени од страна на бендот, во кој самите си одговарате на сопствените прашања и си давате критика и мислење за активностите на бендот.
Пример пред некој ден настапивме на 52. Гитаријада, не знаме дали некој македонски бенд бил дел од истата... Дали некој објави за тоа, дали некој го испрати настапот на бендот!?“
Сте се нашле ли во ситуација да се демотивирате со тоа што сте родени во Македонија, велејќи си дека ако живеевте и создававте во друга држава, да речеме Англија, тогаш бендот би испишувал сосема поразлична историја?
„Тој факт никако не може да биде оправдување или уште полошо причина за пасивизирање. За нас фактот што сме родени во Македонија е само предизвик кој од нас треба да го извлече она најдоброто во дадениот момент.
Не бараме оправдувања и изговори. Тие зборови не постојат во нашите глави. Создаваме, твориме... Осознаваме кои сме и уживаме во тој процес. Процесот на создавање понекогаш знае да биде доста ирационален, безразложен и како некој ќор сокак, но сепак е најубавото нешто, затоа што како краен резултат добивате вистинска слика за тоа кои сте.
Добивате одговор на многу прашања и енигми. Создавањето е понекогаш и болен процес кој секогаш на крајот ве прави среќни и исполнети, затоа што ве учи како да уживате во своето несовршенство. Тоа е единствениот и најголем успех којштоможете да го добиете како резултат на творењето.“
И како за крај од разговорот би ве прашал што би направиле за да го освежите родниот град и да внесете диполнително разубавување во Куманово?
Омотот за нашиот албум е детенце коештоуринира над сопствениот град со боите на виножитото и на тој начин го разубавува, „спасува“ сопствениот град. Сметаме дека само на тој начин постои можност за разубавување на нештата.
Само доколку секој тргне од самиот себе, доколку секој направи нешто конкретно и доколку секој стави барем малку боја во своето плукање и уринирање по градот, постои надеж за разубавување на нештата.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело
Фотографии: Марина Пешиќ & Маша Миљковиќ