Запознајте го Ајнштајн - македонскиот Јутјубер: „Штедете пари, ама не и љубов“
- Детали
- среда, 24 јануари 2018
Најчесто го викаат Аки, зошто Ајнштајн им е многу долго, по дома го довикуваат со името Иван, а по институциите му се обраќаат со Бошковски. Склоп на тоа е Иван Ајнштајн со Јутјуб канал што нема никаква поврзаност со теоријата на релативност.
„Јутјуб за мене е место за искажување најискрени чувства. Онака, дури и детски. Веќе постојат видеа по сите социјални мрежи, али Јутјуб не е само платформа за споделување видеа, туку начин на живот“, ни открива Иван Ајнштајн, кој по професија е камерман и монтажер.
„Не го доживувам само ко натрупани видеа за забављање народ, туку као култура шо тек треба да се разработува и осеќам должност као „инфлуенсер“ за негов подем“.
Вели дека насмевките му се мотивација за да биде дел од тој виртуелен свет. И самото сознание дека разубавил нечиј ден му претставува големо задоволство. За инспирацијата кажува дека не бира време и место. Се случувало да го разбуди од спиење, да му упадне на ручек и да не го остави на раат дури не креира нешто од неа.
„Мојата содржина можда е малце чудна“, раскажува јутјуберот. „Јас ја доживувам како хумористична и пробувам тој троа поразличен стил на хумор да го презентирам на публиката. Пред сè, глеам да биде нешто што фали на естрадата, пошо за секојдневни работи иаме телевизија. У секој случај, шо и да праам, го праам на мој начин, со избричен јазик и самодоверба“.
Една од неговите најболни теми е времето. Некогаш жртвува повеќе време и успева секојдневно да обезбеди ново видео на каналот. Има сфатено дека сè што се работи со љубов, бара посветеност и секогаш го става квалитетот пред квантитетот, зошто така чувствува поголемо задоволство.
Неговите следбеници ги нарекува „другари“, зошто токму тоа е и другар. Човек кој сака, поддржува и верува во тебе.
За заедницата „Јутјуб Македонија“, признава дека е многу неразвиена, но заедно со своите колеги гледаат колку што е можно меѓусебно да си помагаат за да создадат нешто што утре ќе биде од исконска вредност.
„Бидете оригинални и да не бидам тука вулгарен, у видео ќе ви кажам шо да не ве боли“, советува Иван Ајнштајн и додава: „Другари, штедете пари, ама не и љубов“.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело