Младен Трендевски или младичот што го менува сивилото на градовите
- Детали
- среда, 17 јануари 2018
Некои го познаваат како Младен Трендевски, некои само како Трендо. Некои го гледаат како магистер на технички науки од областа на геодезија на Градежен факултет во Скопје, а некои го препознаваат како графитчија кој го менува сивилото на градовите. Младен доаѓа од северниот дел на нашата земја, Куманово, каде што во моментот живее, работи и твори.
„Не ги паметам годините кога првпат се вљубив во овој вид на уметност, само ги паметам првите скици со букви што ги цртав, првите слики со графити од некои наши и светски цртачи“, раскажува Младен Трендевски, присетувајќи се на своите почетоци.
„Мојот прв контакт со ѕидот го направив токму во мојот град во 2008 година, кога ги нацртав долго очекуваните букви на ѕид, денеска тој графит го нема во градот, за што искрено жалам“, се присетува Трендо, кој до ден-денес гледа кумановските улици да бидат предозирани со што повеќе негови графити.
„Дел сум од уличната уметност можеби затоа што слушам музика која е создадена на улица, а не во диско, а музиката е таа која ни го гради стилот“, додава Младен.
„Јас како личност сум перфекционист и тоа го пронајдов во цртањето, затоа што секоја следна линија пуштена на моите парчиња сакам да биде попрецизна, тоа е многу потешко за разлика од онаа на лист и тоа ми дава некаква мотивација што повеќе да цртам и искрено никогаш не сакам да дојдам до крајниот чин“.
Во последните годините поретко е на ѕид да се најде само негово парче, секогаш има добра „спојка“ со некој друг цртач на графити. Досега има соработувано со многу истомисленици од нашата држава, како и од Србија, Хрватска и Бугарија со кои често ги надополнува „галериите под отворено небо“.
Токму таа соработка за него претставува најголем профит, зошто на крај убавината е во едноставноста, во новите пријателства и патувања.
„Не можам да издвојам личности од светот на графитите кои најмногу ги почитувам“, ни открива Трендо. „Ги почитувам сите они кои ја започнале оваа графити приказна од која сум и јас дел, ги почитувам сите они кои го започнаа тоа во мојот град и воедно ги почитувам сите што денеска го работат тоа искрено, со многу труд и многу парчиња на ѕид“.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело