Андријана Серафимовска (27): „На 12 години се изборив со рак на коски остеосаркома, а сега помагам на заболени дечиња“
Дали си запознала други луѓе со слично искуство и колку тоа ти помогна?
Во здружението САНО, кое помага на деца болни од канцер, волонтираме млади излекувани лица од канцер.
Таа поддршка и разбирање кое го имаме меѓу себе не може никаде да се почувствува.
Едноставно, најлесно ни е да се искажеме кога имаме некој проблем и да си помогнеме.
Мене лично ми помага и тоа што волонтирам на хемато-онколошкото одделение при Детската клиника во Скопје. Ме исполнува и ме прави подобра личност кога поминувам време со тие деца, но и ме потсетуваат каков борец сум во моменти кога заборавам, а највеќе ми треба.
Овие пријателства се за цел живот.
Дали има нешто што би сакала луѓето да го знаат за децата кои се борат или избориле со рак, но ретко кој прашува за тоа?
Сакам само да дадам искрен совет до сите што се лекуваат дека најважно е точно и ажурно да го следат протоколот за лекување, бидејќи е клучен за позитивен исход.
Исто така, да бидат храбри и да побараат помош и поддршка од најблиските прво, а потоа и од стручни лица или од некој како мене што поминал низ сето тоа.
Борбата со ракот не застанува во моментот кога ќе заврши физичкиот третман, затоа е многу важно за сите кои се излекувани да побараат помош секогаш кога имаат потреба и да знаат дека не се сами.
Таму некоја Андријана можеби се соочува со истиот предизвик, па можеби ќе можеме да си помогнеме ако го направат првиот чекор.
Дали има моменти кога ова искуство ти се враќа во мислите и како најдобро можеш да се справиш со тоа?
Ова искуство е запечатено во мојот мозок, и иако свесно или несвесно се трудам да заборавам на некои ситуации, за жал, не можам.
Поголем дел од времето не размислувам, но се случува некогаш кога ќе се погледнам во огледало да ми се врати сликата како изгледав тогаш кога ќе се погледнев. Или некоја ситуација да ми врати некои спомени или да ме потсети на некоја последица.
Јас најдобро се справувам на тој начин што во моментот кога тоа ќе се случи си признавам на себе дека ми е тешко и дека е во ред да имам понекогаш и такви чувства.
Потоа, продолжувам со активности кои мене ме прават среќна и тоа поминува. Или пак ако навистина не можам да си помогнам во тој момент разговарам со некој близок, чисто на глас да кажам да видам дали реално е тоа проблем и ако е да побарам помош.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
Би можело да ве интересира:





