Андријана Серафимовска (27): „На 12 години се изборив со рак на коски остеосаркома, а сега помагам на заболени дечиња“
- Детали
- вторник, 11 март 2025
„Последица од борбата со ракот ми е протезата и лузните, но јас не ги сметам за последици во негативна смисла, туку за симбол дека сум преживеала и дека сум добила шанса за втор живот и да помагам на други - денес волонтирам на Детската клиника во Скопје“, вели инспиративната Андријана Серафимовска (27) од Скопје.
Андријана Серафимовска (27) од Скопје е комуникациски асистент во Импакт фондацијата и волонтер во САНО, здружение кое помага на децата болни од канцер на хемато-онколошкото одделение при Детската клиника во Скопје.
Таа некогаш била дете кое се борело со рак на коски, а денес е млада и инспиративна личност која помага на други деца во борбата со ракот.
Андријана ја споделува својата приказна за CRNOBELO.com:
Каква дијагноза доби и на колку години?
На 12 години ми беше дијагностициранo остеосаркома, тоа е еден вид на канцер на коски, во мојот случај на левото колено.
Се лекував една година и третманот ми се состоеше од хемотерапии кои ги примав на онколошкото одделение при Детската клиника во Скопје и потоа операција, којашто ја правев во Каролинскиот Институт во Стокхолм, Шведска.
Како се чувствуваш кога зборуваш за оваа тема? Ти враќа ли непријатни спомени?
Целото тоа искуство беше еден од најтешките периоди од мојот живот.
Но, од тоа произлегоа и едни од најубавите искуства. Така што, не можам да кажам дека имам непријатни спомени.
Да, не ми е лесно кога се потсетувам како било и кои сè последици може да ги имам, но сметам дека тоа е дел од мојот живот кој многу влијаше на мојот карактер и на тоа која сум јас денес.
Во моментот кога ја дознав дијагнозата, прифатив и се помирив со тоа што ќе се случува и колку ќе се промени мојот живот.
Сепак, 12 години не се многу, но се доволни да разберам сè и да памтам сè што се случуваше.
Кои спомени од тој период ти се најтешки? Како ти изгледаше хемотерапијата?
Кога започна тој период, немав време да размислувам дали ми е тешко или дали сакам или не да се лекувам.
Едноставно бев благодарна што имав шанса да се борам за позитивен исход, а тоа беше така бидејќи протоколот беше по европски стандарди и не постоеше друга опција освен дека морам да го следам.
И мислењата кои ги добив од странски доктори беа дека ми е точно поставена дијагнозата и дека протоколот и лекарствата би биле исти каде и да се лекувам. Затоа и останав во Македонија да ги примам хемотерапиите, само операцијата морав во Шведска бидејќи тука не постоеше таква опција.
Физички ми беше тешко, но психички целиот третман немаше некое негативно влијание на мене.
Најтешко ми беше тоа што на целото мое семејство му застана животот заедно со мене и што мораа веднаш да се помират со таа ситуација бидејќи требаше да ми се посветат на мене за да го добијам најдобриот можен третман.
Како твоето искуство со ракот како дете влијаеше врз тебе како личност денес?
Кога ми ја соопштија дијагнозата сè уште постоеше таа детска невиност во мене и не можев да претпоставам колку тежок ќе биде тој процес.
Во моментот кога ја завршив првата хемотерапија сфатив што ме чека и колку долго ќе трае, па како да созреав преку ноќ.
Со секоја следна хемотерапија и компликација, која се јавуваше како резултат на истата, созревав сè повеќе и почна да се менува моето размислување.
Сметам дека има голем удел во тоа каква личност сум денес. Воедно и особините кои ги развив во тој период, се едни од тие коишто ми помагаат со сите предизвици со кои се соочувам денес.
Тоа искуство ме направи подобра личност. Иако животот ми ја покажа неубавата страна, сметам дека тоа е нешто што морав да го пребродам за јас да можам да помагам денес на други на коишто им е потребно, бидејќи знам на мене колку ми било потребно.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





