Андријана Серафимовска (27): „На 12 години се изборив со рак на коски остеосаркома, а сега помагам на заболени дечиња“
Дали имаше нешто што ти помогна да останеш силна и позитивна во тој период?
Во тој период мојата најголема поддршка беа моите родители, сестра ми и поширокото семејство. Тогаш сфатив дека во животот сè може да се преброди ако имаш луѓе кои те сакаат само затоа што постоиш.
Таа помисла ме водеше и не помислив ни еднаш дека нема да успеам бидејќи имав за кого да се борам.
И музиката, нема подобар лек од тоа.
Како твоето семејство и пријатели реагираа и како те поддржуваа?
Верувам дека ова беше шок за сите кои ме познаваа. А за моето семејство беше еден од најтешките животни предизвици.
Знам дека на нив им беше многу потешко отколку на мене, бидејќи освен тоа што мораа да донесуваат правилни одлуки за моето лекување и да ми дадат поддршка, друго не можеа.
Моите родители често знаеја да кажат, ние можеме 10% да ти помогнеме, другото е на тебе да се бориш. Но, заради тие 10% јас добив нова шанса за живот.
Во тој период изгубив контакт со моите пријатели бидејќи морав комплетно да се посветам на моето лекување, но секогаш ја имав поддршката, посебно кога повторно требаше да се вратам на мојот нов нормален живот.
Без нив, немаше толку брзо да се реинтегрирам назад во секојдневниот живот.
Дали сè уште имаш некои медицински последици или редовни прегледи поврзани со тоа?
Како најголема последица ако можам така да ја наречам е протезата која ја имам и лузните, но јас не ги сметам за последици во негативна смисла, туку тие симболизираат дека сум преживеала и дека сум добила шанса за втор живот.
Кај нас, за жал, следењето на доцни последици е на многу ниско ниво и сè зависи од родителите колку ќе се придржуваат до протоколот за пост канцер третман, а после 18 години, секако, и ние самите.
Докторите даваат протокол за наредните неколку години, но редовни контроли, во зависност од дијагнозата, треба да бидат цел живот бидејќи некои последици може да се појават по 15,20 години.
Дали искуството те направи повнимателна за твоето здравје денес? Имаш ли некои посебни навики или рутини што ги следиш?
Се трудам да го следам протоколот за следење на доцни последици најдобро што можам и да правам редовни контроли.
Воедно и поради протезата не ми е дозволено да тренирам екстремни спортови и морам да одржувам тежина, согласно насоките кои ми се дадени од ортопедот, за да не ја оптоварувам ногата, па најдобра опција ми е пешачењето и здравата и умерена исхрана.
И нормално, се трудам стресот да го намалам најмногу што можам.
Дали има нешто што сега го цениш повеќе поради тоа што си го поминала?
Денес, повеќе го ценам секојдневниот живот и убавината во малите работи. Откако се случи тоа, мислам дека поинтензивно ги чувствувам моментите со моите најблиски и сите оние работи кои мене ме прават среќна.
Уживам во секојдневните прошетки и да пијам кафе сама, се радувам на времето поминато со моите најблиски, се гордеам со себе за сè што сум поминала и сè што денес имам шанса да постигнам.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





