Maкедонија има талентирани млади луѓе: Давид Павиќ (19) е наш пијанист - настапувал во Рим и Будимпешта
- Детали
- вторник, 10 декември 2024
„Еден од најголемите предизвици ми беше изведбата на Ревиско оро од Милан Завков, во аранжман на Дамир Имери, каде што сакав нашите врвни уметници да ги претставам пред публиката во Рим“, вели Давид Павиќ од Скопје за CRNOBELO.com.
Давид Павиќ (19) е млад пијанист од Скопје и студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што го изучува пијаното во класата на проф. д-р Елена Атанасовска – Ивановска.
Тој е уште еден доказ дека Македонија има млади и талентирани луѓе, вљубеници во музиката.
Давид за CRNOBELO.com открива за љубовта кон пијаното:
„Слободно можам да кажам дека свирењето пијано е најубавата професија на светот.
Талентот кој го имаме е дар од Бога, но и голема одговорност – како ќе го искористиме и каков печат ќе оставиме.
Да бидеш уметник, да им овозможиш на луѓето да ги почувствуваат твоите емоции и сензибилитет преку музиката, е благослов.
Секој може да научи да свири пијано, но ретко кој може да ја оживее музиката како живо и длабоко искуство, да ја претвори во приказна која допира до душата на публиката. За мене, тоа е најголемата убавина на музиката и клучна цел“.
Започнав со музичкото образование на 7-годишна возраст.
Првично, мојот постар брат започна да оди на часови по виолина, а јас често ги посетував кабинетите на музичкото училиште „Илија Николовски Луј “, каде имаше клавир. Тоа беше мојот прв контакт со овој прекрасен инструмент.
Почетоците беа под водство на мојата прва професорка, Марија Калкашлиева, која ми ја постави убавата основа за развој на мојата љубов кон пијаното.
Секоја нова композиција што ја учев беше поттик за мојата посветеност кон инструментот и музиката. Таа љубов продолжи да расте и ме доведе до средното музичко училиште, каде што продолжив да го изучувам инструментот кај проф. м-р Елена Костовска.
Таму, освен техниката, научив нови принципи и погледи за музиката, која за мене веќе беше повеќе од професија – стана начин на живот. Со секоја потешка композиција што ја изведував, бев сè повеќе уверен дека ова е мојот животен пат и дека сцената е мојот дом.
Се гордеам со сите мои настапи и се чувствувам среќен што можам да кажам дека настапувам често.
Ја сакам и обожавам сцената, без разлика дали настапувам како солист или ја делам сцената со камерен состав, (дуо, трио, квартет) или како пијанист соработник.
Секој настап има своја специфичност и убавина. Кога настапувам како солист, создавам еден посебен свет во кој ја вклучувам публиката, додека истовремено ја почитувам и пренесувам визијата на композиторот.
Спротивно на тоа, камерното музицирање е многу различно, бидејќи тука важно е сите изведувачи да бидат во хармонија и да дишат како едно додека го интерпретираме делото.
Секој настап е предизвик и истовремено огромна радост, бидејќи во камерното музицирање треба да се пронајдеш во динамиката на составот и да се адаптираш низ различни ситуации.
За мене, најголема убавина е тоа што како пијанист се пронаоѓам во сите аспекти на музицирањето и секогаш со нетрпение очекувам нов настап.